Обвинение за 23 полицајци за пожарот во „Пулс“
30 јануари 2026
Речиси една година по трагедијата во Кочани, поднесени се три нови обвиненија за 23 полициски службеници. Главното обвинение е против 13 полициски службеници – четворица началници и девет полицајци кои спроведувале акциска контрола во дискотеката „Пулс“ во Кочани вечерта на 16 март минатата година, кога избувна пожарот во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Како што информираа од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), обвинетите се товарат за тешки дела против општата сигурност.
Необезбедени мерки за заштита во „Пулс“
Според обвинението, дел од полицајците кои постапувале по план за акциска контрола на 16 март 2025 година не презеле соодветни мерки за заштита на присутните лица, ниту пак спречиле активирање на пиротехничка опрема на сцената. Употребата на пиротехника не била пријавена во ПС Кочани, што претставувало сериозен пропуст во контролата.
Обвинението е доставено до Основниот кривичен суд Скопје. Истрагата опфатила вкупно 27 полициски службеници, а за обвинетите остануваат на сила мерките за обезбедување присуство во постапката.
Полицајците, како што стои во обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година спроведувале план за акциска контрола на угостителски објекти на подрачјето на ПС Кочани без да проверат дали се исполнети сите законски прописи за мерки за заштита. Поради несоодветните услови за работа на терен и непостапување по пропишаните процедури, дошло до пожар кој резултирал со смрт на 63 лица, а 223 лица се здобиле со тешки и лесни телесни повреди.
Обвинение за злоупотреба на службена положба
Покрај главното обвинение, ОЈО ГОКК поднесе и обвинителен предлог против девет полициски службеници за злоупотреба на службена положба и овластување. Тие, според обвинителството не извршиле целосна проверка за издавање согласност за лиценца за „Пулс“ во 2022 и 2023 година, овозможиле прибавување имотна корист за правното лице од 284.576 денари и овозможиле корист за неформалниот сопственик во износ од 335.916 денари.
Обвинителството поднесе обвинителен предлог и против тројца полицајци кои во изготвените записници за контрола на клубот внеле неточни податоци за правното и одговорното лице.
Запирање на дел од истрагата
Јавниот обвинител донесе наредба за запирање на истражната постапка против седум полициски службеници.
Истражните дејствија покажале дека дејствијата им се товареле за период од 2012 до 2022 година. Проверките што ги вршеле се однесувале само на јавен ред, мир и сообраќајна безбедност, а не на противпожарна заштита. На тој начин, нивните постапки не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со пожарот.
За дел од дејствијата од 2019 година постапката е запрена поради апсолутна застареност, согласно одредбите од Кривичниот законик. За дејствијата преземени во 2022 година не е настапена застареност. Податоците од Централниот регистар покажуваат дека клубот во таа година остварил добивка од 284.576 денари, поради што дел од осомничените се гонат за злоупотреба на службената положба.
За случајот со пожарот во „Пулс“ на обвинителна клупа веќе се наоѓаат 35 физички и 3 правни лица, меѓу кои: сопственикот на клубот, негови блиски соработници, инспектори од државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата за обезбедување.
На стартот на судскиот процес сите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.