1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаСоединети Американски Држави

Триумф на Илон Маск: „плата на векот“ за шефот на „Тесла“

ЖА / агенции
7 ноември 2025

Илон Маск би можел да стане побогат за околу илјада милијарди долари. Акционерите на „Тесла“ гласаа за невиден план за компензација за најбогатиот човек во светот. Но, само под одредени услови.

Илон Маск, извршен директор на „Тесла“
Триумф на Илон Маск: „плата на векот“ за шефот на „Тесла“Фотографија: Daniel Cole/REUTERS

Технолошкиот милијардер и извршен директор на „Тесла“, Илон Маск доби одобрение од акционерите за неговиот контроверзен пакет компензации. На нивното годишно општо собрание во четвртокот, тие гласаа за план за плати што би можел да му донесе до 878 милијарди долари во следната деценија. Предлогот е одобрен со повеќе од 75 проценти од гласовите. Акциите на „Тесла“ пораснаа за повеќе од три проценти во тргувањето по затворањето на берзата.

Условот е 54-годишникот значително да ја зголеми пазарната капитализација на „Тесла“ во следните десет години. Маск им се заблагодари на акционерите за нивната доверба.

Според компанијата, акционерите на „Тесла“, кои заедно поседуваат повеќе од 75 проценти од акциите, гласале за пакетот. Компанијата за електрични автомобили има за цел да ја обезбеди долгорочната обврска на Маск како извршен директор. Според договорот, тој треба да добие до дванаесет проценти од акциите на компанијата, но за да може да го добие целиот бонус, „Тесла“ мора да постигне пазарна капитализација од „најмалку 8,5 трилиони долари до 2035 година“. Ова одговара на приближно шест пати од сегашната вредност.

„Би сакал искрено да им се заблагодарам на сите кои го поддржаа пакетот компензации", изјави Маск. „Навистина го ценам тоа“. Кога бил објавен резултатот од гласањето, избувнале одушевени извици со поддршка: „Илон, Илон".

Меѓутоа, во последно време „Тесла" се мачи со проблеми со продажбата, што аналитичарите делумно го припишуваат на  контроверзната политичка вмешаност на Маск, кој беше советник на американскиот претседател Доналд Трамп до крајот на мај. Понатаму, тој водеше  интензивна кампања за партијата АфД  (Алтернатива за Германија) пред германските  сојузни избори во февруари.

Напад со боја врз автосалон на Тесла во Берлин

00:50

This browser does not support the video element.

Од друга страна, Маск го опишува потенцијалот за раст на „Тесла" како практично неограничен. Во јули, тој  изјави дека ако компанијата ја реализира својата визија за автономно возење и вештачка интелигенција, би можела да стане „убедливо највредната компанија во светот“.

Уште на почетокот на август, „Тесла" му додели на Маск „привремен“ пакет акции во вредност од 29 милијарди долари (околу 25 милијарди евра). Акционерите поднесоа тужба против првично планираниот уште поголем пакет компензации од речиси 56 милијарди долари за Маск.

Според списанието Форбс, Маск поседува нето вредност од околу 500 милијарди долари и е најбогатиот човек во светот. Тој ги заработи своите први милиони кога продаде софтвер на американскиот производител на компјутери Compac во 1999 година за вкупно 300 милиони долари. Неговата следна компанија подоцна се спои со услугата за онлајн плаќање Пејпал (PayPal). Маск, кој е роден во Јужна Африка, ја напушти компанијата и ја основа вселенската компанија „СпејсИкс“  (SpaceX) во 2002 година. Во 2004 година, тој стана шеф на компанијата „Тесла“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми