Загинати и ранети американски војници во нападите врз Иран
1 март 2026
Тројца припадници на американските вооружени сили се убиени, а петмина сериозно повредени за време на нападите на САД врз Иран, соопшти американската армија во неделата. Тоа се првите американски жртви во големата офанзива која предизвика ирански ракетни одмазднички напади.
Централната команда на САД (CENTCOM), која го надгледува Блискиот Исток, ја објави веста на платформата X, но не прецизираше кога и каде се случиле нападите. Во соопштението се наведува дека „неколку други“ американски војници добиле полесни повреди од шрапнели и потреси и наскоро ќе се вратат на должност.
CENTCOM ја опиша ситуацијата како „флуидна“ и најави дека идентитетот на загинатите ќе биде објавен 24 часа по известувањето на нивните семејства.
Американската армија исто така ги демантираше тврдењата на Иран дека носачот на авиони USS Abraham Lincoln бил погоден со балистички ракети, наведувајќи на X дека „ракетите воопшто не дошле ни блиску“.
Претседателот Доналд Трамп претходно предупреди дека американските трупи може да бидат убиени или повредени за време на операцијата.
„Животите на храбрите американски херои може да бидат загубени и можеме да имаме жртви“, изјави републиканскиот претседател во видео-обраќање објавено рано во саботата. „Тоа често се случува во војна. Но, ние го правиме ова не за сегашноста, туку за иднината.“
Огромно американско присуство
По американско-израелските удари во кои беа убиени врховниот лидер Али Хаменеи и други ирански функционери, иранските одмазднички напади погодија американски бази во Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.
Револуционерна гарда на Иран се закани дека ќе ја изведе својата „најинтензивна офанзивна операција досега“, насочена кон израелски и американски воени инсталации.
Пред нападите, Трамп распореди најголемо американско воено присуство на Блискиот Исток во последниве децении. Пристигнувањето на носачот на авиони USS Abraham Lincoln и трите придружни ракетни разурнувачи на крајот од јануари значително го зајакна бројот на американски воени бродови во регионот.
Најголемиот носач на авиони во светот, USS Gerald R. Ford, заедно со четири разурнувачи, подоцна беше упатен од Карипското Море кон Блискиот Исток.
Во својот втор претседателски мандат, Трамп спроведе повеќе воени операции, вклучително и напади врз припадници на Исламска држава во Сирија, како одмазда за заседа во која во декември загинаа двајца американски војници и цивилен преведувач.
Американската армија изведе напади и врз сили на Исламска држава во Нигерија, откако Трамп ја обвини западноафриканската влада дека не ја запира таргетираната кампања врз христијаните.