1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Турбуленции во албанскиот блок по изборите во Тетово

ДТЗ
22 август 2022

Локалните избори донесоа неочекуван пресврт - БЕСА е апсолутен победник, а Алијанса не само што не доби ниту еден советник, туку лошиот резултат доведе и до оставка на лидерот на партијата

Северна Македонија избори
Локалните избори во Тетово доведоа до неочекуван пресвртФотографија: Petr Stojanovski/DW

Локалните избори во Тетово доведоа до неочекуван пресврт, убедлива победа на партијата БЕСА и големо разочарување, пораз и оставка на првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села. Генералниот секретар на Движењето Беса ,Арјанит Хоџа оценува дека се оствариле неговите прогнози дека победата во Тетово ќе биде палење на пламенот кој ќе ја донесе политичката ротација за Албанците во Македонија. а опозициската ВМРО-ДПМНЕ во целата ситуација гледа аргумент плус за одржување на предвремени избори

Победа и пораз 

БЕСА синоќа ја прослави победата на тетовскиот плоштад, додека лидерот на ДУИ, Али Ахмети го призна поразот, откако изборните резултати покажаа дека во Советот на Тетово влегуваат само 6 партии, од вкупно 13 листи со кандидати за советници. Според првичните резултати на Државната изборна комисија, БЕСА е апсолутен - ќе има 12 советници. 

„Беса денеска победи во коалиција со тетовци и тетовци се победници во оваа трка. Тие ја заслужуваат мојата бескрајна посветеност до крај на мандатот и на Тетово му ветувам и му давам збор дека Биљал Касами ќе се залога за најдоброто за развиено Тетово кое го сакаме сите“, истакна Биљал Касами. 

ДУИ ќе има 11 советници. „Посакувам демократијата да продолжи да напредува, да инвестираме уште повеќе во изборниот процес како што правевме досега, изборите да бидат одраз на една држава. Неучеството е многу високо на овие избори, за жал и во погрешно време, но ова е демократија и ние ја почитувавме. Но, ме радува фактот дека немало ниту еден инцидент, а нас ни останува како најголема политичка партија кај Албанците да ги поправиме нашите грешки и да се фокусираме на наредни избори“, изјави Ахмети

ВМРО-ДПМНЕ остануваат со четири, а СДСМ со два советника. Алтернатива за прв пат сама учествуваше на изборите како партија и успеа да добие мандат. ДПА освои еден советник, додека листата Подобро за Тетово“ не освои ниту еден. Во Тетово гласале 29 690 граѓани од вкупно запишаните 84 072 што е излезност од 35,3 %. На минатогодишните избори излезноста беше 44,8 %. 

Неотповиклива оставка 

Неповолните резултати од вонредните избори за Совет на Општина Тетово беа причина за Зијадин Села да поднесе неотповиклива оставка од функцијата претседател на Алијанса за Албанците. По средбата со членовите на потесното претседателство на партијата, тој рече дека „Тетово е повеќе од само еден град“.

„Резултатите во Тетово навистина е дека се надвор од секое наше очекување во врска со Тетово и јас како претседател на партијата сум спремен да преземам одговорност и од овој момент преземам одговорности давам неотповиклива оставка од претседател на партијата“ рече , истакна Села.

Арбен Таравари вели дека Зијадин Села е симболот на партијата, откако тој поднесе неотповиклива оставка по лошите резултати на изборите за Советот на Општина ТетовоФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој рече дека повеќе нема да се кандидира за претседател на АА, бидејќи, според статутот на партијата, има право само два пати да го направи тоа. Партијата ќе направи темелни анализи за да види која е причината за лошиот резултат на изборите за Советот на Општина Тетово. Во периодот кој следува, највисокиот орган на партијата - Централното собрание, треба да заседава и да одлучи во врска со тоа кој ќе биде в.д претседател на партијата

На 27 март 2022 на вториот конгрес Села беше реизбран за претседател на партијата. Генералниот секретар на Алијанса за Албанците Арбен Таравари вели дека Зијадин Села е симболот на партијата, откако тој поднесе неотповиклива оставка по лошите резултати на изборите за Советот на Општина Тетово. Според Таравари, Села одиграл историска улога во ослободувањето на државата од „канџите на диктатурата“.

Тој вели дека Села во иднина ќе продолжи да ѝ дава голема поддршка на партијата, и дека покажал политичка класа со преземањето одговорност по лошите резултати на партијата. 

Одбиена соработка 

Генералниот секретар на Движењето Беса, Арјанит Хоџа во својата колумна со наслов „Честитки за Тетово и порака до Алијансата за Албанците“, која ја објави весникот на албански јазик „Лајм“, вели дека пред почетокот на изборниот процес Движењето Беса ѝ подало рака на Алијансата за Албанците за опозициска соработка, нудејќи ѝ заедничко владеење во Тетово и коалицирање за идните парламентарни избори како албанска опозиција. Но, Алијансата за Албанците ова не го прифатила. 

Движењето Беса ѝ подало рака на Алијансата за Албанците за опозициска соработка, нудејќи ѝ заедничко владеење во Тетово, но тие одбилеФотографија: Press service of the Government of Republic of Macedonia

„Уште во моите настапи во текот на предизборната кампања јас спомнав дека победата во Тетово ќе биде палење на пламенот кој ќе ја донесе политичката ротација за Албанците во Македонија. Посакувам овие локални избори во Тетово да им послужат за размислување на оние кои изгубија. Сега во наши раце е ние да ги направиме промените. Во едно нешто сме сигурни: со или без соработка никој нема да може да го сопре воздигнувањето на Движењето Беса на заслуженото место, на местото на претставувањето на Албанците во сите институции на државата“, вели Хоџа.

Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ им честиташе на „пријателите од Тетово за победата на ВМРО-ДПМНЕ и БЕСА на изборите за советници“. Според него, стабилното мнозинство во Советот е значаен политички успех.

„Резултатите во една голема општина како Тетово покажаа дека актуелната државна власт е двојно делегитимирана. Ова е аргумент плус за предвремени парламентарни избори, како прв чекор за излез од кризата, со влада која ќе има и легитимитет и капацитет да нуди решенија за сериозните проблеми со кои се соочува секој човек во Македонија“, смета опозицискиот пратеник.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми