1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСеверна Македонија

Турција ја дозволи екстрадицијата на Палевски

ДТЗ
30 април 2024

Турските власти ја одобрија екстрадицијата на Љупчо Палевски-Палчо осомничен за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот велешанец Панче Жежовски.

Љупчо Палевски
Турција ја дозволи екстрадицијата на ПалевскиФотографија: DW

Турските власти ја одобрија екстрадицијата на Љупчо Палевски осомничен за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска  и 74- годишниот велешанец Панче Жежовски. Министерот за правда Кренар Лога ја потврди веста на социјалните мрежи. 

„Ве информирам дека денес со официјална информација од Република Турција добивме одобрение за екстрадиција на лицето Љупчо Палевски. Позитивниот исход на постапката произлегува после сите максимално преземени мерки и активности од делокругот на надлежности на Министерството за правда“, објави Лога.

Пет месеци неизвесност

Палевски, кој е осомничен за две кривични дела „грабнување“ и две убиства на свиреп начин, на почетокот на декември беше уапсен во турскиот град Беликесир. Барањето за негова екстрадиција го потпиша министерот за правда Кренар Лога на 6 декември. Палевски беше фатен во Турција откако по него беше распишана меѓународна потерница. 

Палевски на 30 декември 2023 година доби привремен затвор во траење од 40 дена во ѐатворена казнено-поправна установа Беликесир во Турција. Најавите од Министерството за правда беа дека постапката за екстрадиција ќе трае неколку месеци. 

Истрагата за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски почна на почетокот на декември и со неа, покрај Палевски, се опфатени уште неколку лица. Таткото на Вања, кој исто така е осомничен, деновиве беше пуштен во куќен притвор.  

Сознанијата на истрагата се дека девојчето било грабнато во влезот од зградата во која живеела, а потоа во вреќа за спиење била ставена во гепек на возило и однесена на локација надвор од Скопје, каде што е убиена. Убиството на велешанецот, пак, се случило пет дена претходно, односно на 22 ноември. Според информациите што беа досега соопштени, тој бил избран од осомничените поради неговиот автомобил, кој потоа бил користен при грабнувањето на Вања. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми