1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалТурција

Турција – рај за мафијашки банди

Елмас Топчу | Алиџан Улудаг
2 март 2024

Лабави закони против перење пари, лесни услови за стекнување државјанство, недоволно кривично гонење - Турција станува сѐ поатрактивна за меѓународни криминалци. Новиот министер за внатрешни работи сега им објави војна.

Истанбул, Турција
Истанбул, ТурцијаФотографија: YASIN AKGUL/AFP

„Моја почитувана нацијо, денес во Аланија и Истанбул фативме тројца меѓународно барани гангстерски шефови”, објави Али Јерликаја во вторникот на социјалните медиуми. „Колку и да се силни бандите, со каква потерница и да се трага по нив, ние ќе им ги скратиме крилјата!", борбено најави министерот.
Откако стапи на функцијата во јуни годинава, не поминува ни ден без да бидат уапсени најтешки криминалци. Меѓу нив има дилери на дрога, криумчари на луѓе, измамници и крадци - но, и водечки ликови од меѓународни банди кои во изминатите години се населија во Турција.
Па така неодамна беа успсени Томас Јозеф К., шефот на голема полска нарко-мрежа, Даниел Александар М., за кого имало потерница во врска со кокаин од повеќе тони запленет во Германија и П. јин-Кинг, шеф на кинеска измамничка мрежа, пиша министерот Јерликаја на Х. Минатата недела тој јави дека се уапсени тројца шефови на банди со белгиско-британска, виетнамска и арапска позадина.

Новиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја им објави војна на криминалците Фотографија: Ali Unal/AP Photo/picture alliance


Пред нешто повеќе од еден месец министерот објави дека на турската полиција и` успеало да го фати целото раководство на криминалната банда „Команчеро” која дејствува секаде во светот. Меѓу уапсените се повеќе членови од Австралија и Нов Зеланд кои Интерпол ги барал со меѓународна потерница. Јерликаја постираше и видео записи од апсењата.

 

Зошто Турција?

Индиции дека меѓународни банди се наоѓаат во Турција, има веќе подолго време - пукања, атентати, новинарски истражувачки стории. Сериозни истраги или кривични обвиненија против овие лица до доаѓањето на функција на Јерликаја речиси и да немаше. Поранешниот министер Сулејман Сојлу и самиот негуваше врски со мафијата. За време на неговото министерување  водечки ликови од мафијата  на турското подземје беа пуштени од затвор, а Турција се разви во прибежиште за меѓународни криминалци од Србија, Албанија, Азербејџан, Русија и Црна Гора. Тие таму ги расчистуваат и своите сметки, па така на 8 септември 2022 во Истанбул беше убиен Јован Вукотиќ, нарко-шеф на кланот Скаљари од Балканот. Истрагата покажа дека локална мафијашка група го убила за награда од 1,5 милиони евра. Налогот за убиство според полицијата, бил издаден од ривалскиот клан Кавач.
Кавач и Скаљари, нарко-кланови од црногорскиот пристанишен град Котор, веќе десет години водат војна во Европа. Во повеќе земји при крвавите судири досега се убиени околу 50 лица. На прашање на ДВ сојузната полиција во 2022 година одговори дека Турција веќе подолго време е прибежиште за криминални групи од Балканот. Рации на турските власти откриваат како таквите групи криминалот го вршат од Турција па сѐ до Шпанија. Запленети фотографии покажуваат малтретирања и убиства.

Лабави закони и златни пасоши
 

За експерти има четири клучни причини зошто Турција во изминатите години стана дувло на криминалци. Прво законите против перење пари се премногу лабави. Второ властите речиси секоја година донесува амнестија за економски криминал. Трето, од многу земји е можно да се дојде без виза. И четврто, тоа што богати луѓе брзо може д станат турски државјани.
Кој инвестира 500 илјади долари во Турција или ги депонира три години на банкарска сметка или пак купи недвижност за 400 илјади евра, смее да поднесе барање за државјанство. Според Кристин Сурак од Лондонската школа за економија и политика, која напиша нова книга за т.н. „златни пасоши”, секоја година околу 50 илјади лица во светот стекнуваат друго државјанство на таков начин. Речиси половина од таквите пасоши ги издава Анкара. И водечки членови на меѓународни банди може да добијат турско државјанство ако ги исполнуваат вообичаените предуслови и во времето на натурализирањето уште нема потерница од Интерпол.
Фурман Сезер, поранешен шеф на одделот за економски криминал во истанбулската полиција, со години го набљудува миљето. Според него, многу криминалци прво се натурализираат, а потоа во земјата си го носат и своето богатство. Благодарение на амнестијата што ја има речиси секој година, тоа е и многу едноставно.

Новиот министер за финансии Мехмет Симсек се обидува да ги привлече меѓународните инвеститори во земјатаФотографија: Adem Altan/AFP/Getty Images

Тоа им овозможува на физички или правни лица нерегистрирано богатство од странство или дома да го пријават кај финансиските власти, делумно и без да платат даноци. Така средства чие што потекло не е познато, течат во регуларниот финансиски пазар.
Озан Бингел, експерт за даночно право, ја критикува таквата пракса и посочува дека „вообичаено криминалците за перење пари плаќаат 15 до 20 проценти од вредноста". Турската влада тоа им го нуди без оданочување. И тоа според него им ги отвора портите на криминалците. Бингел забележува дека на властите им недостигаат соодветни овластувања во борбата против перење пари. „Ако денес некој се појави со еден милион долари, властите не смеат да прашаат од каде му се парите”, вели тој. За сегашната влада на АКП таквата регулатива била првото нешто што го направила по доаѓањето на власт во 2002 година. Големи пропусти има и во регулативата за крипто-инвестиции, што според Бингел намамува меѓународни банди во Турција. Таквите инвестиции мора во најбрз рок да бидат регулирани, посочува тој.

Турција на сивата листа


Анкара мора да биде поостра во постапувањето против перење пари, констатира меѓународниот Институт против перење пари и финансирање тероризам. Од таму земјата пред две години ја имаа ставено на сивата листа. Од тогаш Турција е под детален надзор. Следниот контролен термин е во јуни 2024 година, кога Анкара се стреми да биде симната од листата, затоа што економијата и онака е нарушена. Со неговата неконвенционална политика на ниски камати  Ердоган ја втурна земјата во длабока криза. Лирата со години губи на вредност,  инфлацијата расте.  Неодамна беше речиси 61 процент. Мешањето на Ердоган во фискалната политика и во судството ги исплаши инвеститорите од странство, а токму тие и` се потребни на земјата. Новиот министер за финансии Мехмет Симсек, кој по изборите во мај стапи на таа функција, се обидува да ги привлече меѓународните инвеститори во земјата. Тој често патува во други земји и се обидува да изгради повторно доверба. За тоа е потребно сите да испорачаат резултати, не само Симсек, туку и Јерликаја со борбата против организираниот криминал.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми