1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЕкономијаТурција

Турција пред избори: Mногумина не можат да си дозволат месо

Бурак Унверен
22 април 2023

Големото поскапување на храната е огромен проблем за многу Турци. За мнозинството граѓани месото и млекото стануваат луксуз. Тоа би можело да има клучна улога на претстојните избори.

Турција маркет
Турција пред избори: многумина не можат да си дозволат месоФотографија: Tolga Ildun/ZUMAPRESS/picture alliance

Зголемените трошоци за живот е една од главните теми на разговор во турскиот јавен простор пред претседателските и парламентарните избори, кои ќе се одржат на 14 мај. Не е тајна дека турската економија веќе подолго време се соочува со криза и екстремно висока инфлација. Според официјалните податоци, стапката на инфлација во март 2023 година, во однос на истиот месец лани, изнесува околу 50 отсто.

Но, според пресметката на Независната група за истражување на инфлацијата (ЕНАГ), инфлацијата е дури 112 проценти: индикација дека турските власти ги разубавуваат тие бројки. Во последните години турската лира сѐ повеќе ја губи вредноста во однос на еврото и американскиот долар. Во 2014 година за едно евро можеше да се добијат околу 2,90 лири, а денес повеќе од 21 лира.

Кога претседателот Реџеп Таип Ердоган на 12 април ја објави изборната програма на неговата партија АКП), тој вети дека, доколку биде реизбран, ќе ја врати инфлацијата на едноцифрени бројки. Неговата програма вклучува и ветување за „надминување“ на нестабилноста на цените на храната.

Реџеп Таип Ердоган со сопругата Емине на предизборниот митинг на 11 април 2023 годинаФотографија: DHA

Според студијата на Центарот за истражување на синдикатите (ДИСК-АР), цените на прехранбените производи во последните 20 години се зголемени за 1.750 отсто. АКП на Ердоган е на власт 21 година. 

Турција е на петто место на глобалната листа на инфлација во делот на храната: со 69 отсто Турција е зад Либан, Зимбабве, Аргентина и Иран. Според податоците на Националното здружение за црвено месо, во изминатиот месец цената на меленото говедско месо била зголемена за повеќе од 30 отсто, додека лани поскапувањето изнесувало 147 отсто.

Кризата не значи само дека на Турците, на пример, им е потешко да одат на одмор во странство , туку дека на многумина од нив сега им е тешко да обезбедат храна за своите домаќинства: тоа е фактор што може да влијае на одлуката на оние кои ќе излезат на гласање на 14 мај.

„Клучно прашање на изборите“

„Инфлацијата поврзана со прехранбените производи ќе биде клучно прашање на изборите“, смета турскиот политиколог Берк Есен од Универзитетот Шабанџи во Истанбул. Ова е најважниот фактор што ја тресе власта пред избори.

„Порастот на цените на храната значително ја ослабува владата. Само поради тоа владата има проблем да ја задржи својата база заедно. Важен дел од електоратот на АКП е пониската средна класа“, изјави Есен за ДВ.

Месарница во Турција - месо има, но цените се вртоглавиФотографија: Rainer Hackenberg/picture alliance

Месото и млекото сѐ повеќе стануваат луксуз

Во меѓувреме, просечните граѓани на Турција веќе не можат да си дозволат млеко и месни производи: тие веќе нема да бидат достапни за секого, вели Шемси Бајрактар, претседател на Здружението на турските фармери. Производителите, поради поскапувањето на сточната храна, повеќе не можат да ги хранат своите животни, вели Бајрактар ​​во изјава за ДВ. 

„Расплодни животни завршија во кланици. Намалена е количината на млеко што се испорачува во преработувачката индустрија. Поради зголемувањето на трошоците и намалувањето на понудата, цените на месото растат. Потрошувачот се соочува со тешкотии да добие пристап до месо и млечни производи воопшто“, нагласува Бајрактар.

За време на пандемијата на коронавирус, сите хотели и ресторани беа затворени: места каде што се консумираше многу месо. „Дури 70 отсто од месото тогаш не можеше да се искористи. Производителите ги продаваа своите производи по многу ниски цени“, вели Ахмет Јуџесан, претседател на Здружението на производители на месо и месна индустрија (ЕТБИР). 

Денес туризмот и гастрономијата заживеаја, а потрошувачката на месо се врати на претходното ниво. „Но, бидејќи сега нема доволно инвестиции, домашната побарувачка не може да се задоволи. Затоа цените се во пораст во последните шест месеци“, вели Јуџесан.

За поскапувањето тој ја обвинува „погрешната политика“ на Владата. „За време на кризата предизвикана од пандемијата немаше соодветно планирање. Не беа преземени потребните мерки“, вели Јуџесан во разговор за ДВ.

Ахмет Јуџесан, претседател на здружението за месната индустрија ЕТБИРФотографија: privat

„Владата сака да го спаси денот на изборите“

Со оглед на поскапувањето, Владата одлучи да го зголеми увозот на животни од странство. Управата за месо и млеко (ЕСК) планира да увезе над половина милион животни и 8.500 тони преработено месо, главно од Латинска Америка.

Директорот на Турската асоцијација на производители на црвено месо (TÜKETBIR) се пожали дека политиката на владата не е одржлива, туку има за цел „само да ги спаси изборите“. 

Булент Тунч нагласува дека производителите во суштина не се против планираниот увоз, туку против политичкиот недостаток на планот - владата носи контрадикторни одлуки: „Претходно министерот рече дека испланирале сè. Тој исто така рече дека за три години ќе престанат да увезуваат и дека никогаш веќе нема да увезуваат. Во согласност со тоа беа направени и вложувањата. Изградени се стотици, илјадници погони, основани се бројни нови компании. И одеднаш се зборува дека ќе се изврши увоз на повеќе од 500.000 животни. Тоа е вознемирувачко за нас како производители. Истото сценарио го гледаме повторно и повторно поради политичари кои се фокусирани да го спасат изборниот ден“, нагласува Тунч.

„Цените нема да се намалат“

Слично на Тунч, претседателот на ЕТБИР, Јуџесан, верува дека увозот ќе послужи како „утеха“ за пазарот. „Цените ќе продолжат да растат, а не да се намалуваат“, вели Јуџесан.

Претседателот на Фондацијата за заштита на потрошувачите, Турхан Чакар, неодамна ја опиша сериозноста на ситуацијата со следните зборови: „Никогаш во историјата на Републиката прехранбените производи не биле толку скапи како денес. Огромното мнозинство потрошувачи немаат пристап до основните прехранбени производи. Тие не можат да се прехранат“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми