1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаТурција

Турција пред „последните избори“ на Ердоган

Бурак Унверен
30 март 2024

Локалните избори би можеле да имаат големо влијание врз иднината на Турција. Затоа што не се работи само за 81 градоначалник, туку и за политичката судбина на претседателот Ердоган и турската опозиција.

Турција избори Истанбул плакат
Изборна кампања со Претседателот: „Само Истанбул“ е изборниот слоган на кандидатот на АКП, Мурат Курум, до кого стои ЕрдоганФотографија: Pelin Ünker/DW

Кога 63 милиони гласачи на 31 март ќе избираат градоначалници во 81 турски град и општини, тоа ќе бидат историски локални избори особено за една личност: турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Во тој поглед, тој зборуваше за неговите „последни избори“ пред да ја предаде одговорноста на следната генерација. Ердоган всушност треба да се пензионира за четири години, бидејќи според Уставот не може повторно да се кандидира за претседател. Сепак, блискиот соработник на Ердоган во парламентот, Бекир Боздаг веќе споменува промена на Уставот, за да му се овозможи на претседателот уште еден мандат. Јавна молба има и од ултранационалистичкиот сојузник на Ердоган, Девлет Бахчели, која гласи: „Не смеете да го оставите турскиот народ сам!“

Истанбул како отскочна штица

Политичката кариера на Ердоган доби на интензитет во 1994 година, со неговиот избор за градоначалник на Истанбул. И таму неговата партија АКП доживеа пораз на последните локални избори. „За жал, изгубивме пет години во Истанбул“, се пожали Ердоган пред неколку недели. Сега АКП треба да го надмине срамот од 2019 година. Тогаш опозициските партии постигнаа историска победа: по 25 години успеаја да повратат единаесет градови од рацете на исламистите - меѓу нив Истанбул и главниот град Анкара. Имаше многу фактори кои беа виновни за поразот на претседателската партија во тоа време, но еден човек беше во првите редови: Екрем Имамоглу, избраниот градоначалник на Истанбул од Републиканската народна партија (ЦХП). Неговата победа или пораз на 31 март може да ја одреди иднината на Турција.

Екрем Имамоглу извојува историска победа во 2019 година, станувајќи еден од најпопуларните политичари во земјатаФотографија: Presseabteilung von Ekrem İmamoğlu

Доколку овојпат повторно победи, шансите на Екрем за кандидатура на претседателските избори за четири години значително ќе се зголемат, прогнозира Берк Есен од Универзитетот Шабанџи: „Според мене, Имамоглу е најдобриот можен кандидат на опозицијата за да ја победи моќната машина на Ердоган. Тој ги поседува потребните квалитети за да го собере мнозинството зад себе. Може да ги освои гласовите на многу различни општествени групи. Тој има потенцијал да привлече конзервативни, левичарски, курдски, па дури и про-Ердоган гласачи“, вели политички аналитичар од Истанбул. Имамоглу дури се позиционира како директен конкурент на Ердоган во неговата изборна кампања, додава Есен: „Имамоглу ги користи овие избори за директно да го нападне Ердоган“.

Ќе биде тесно

Сепак, на анти-АКП блокот на 31 март нема да му биде лесно. Резултатите од ОРЦ-Институтот за истражување на јавното мислење покажуваат дека во Истанбул само 1,2 отсто од гласовите ги делат Имамоглу и кандидатот на АКП, Мурат Курум. Кој владее со овој мегарегион е од клучно значење за земјата: Околу една петтина од сите Турци живеат во регионот на Истанбул, а половина од турскиот извоз и 56 отсто од увозот оди преку оваа метропола. По победата на Ердоган на претседателските избори на 28 мај 2023 година, коалицијата на опозициските партии пропадна, што доведе до губење на довербата кај нивните гласачи, објаснува Есен. „Со оглед на расцепканоста и внатрепартиските борби во опозицијата, постои политичка апатија и очај“.

Средба на турската опозиција во АнкараФотографија: DHA

Минатата година опозицијата против Ердоган излезе со заеднички кандидат, но тоа не беше доволно. Денес, опозицијата е повторно фрагментирана: трите најголеми опозициски партии - ЦХП, националистичката ИЈИ и курдската ДЕМ - настапуваат секоја со свои кандидати. Ердоган стана градоначалник во 1994 година, иако доби само околу 25 отсто од сите гласови. Неговите четворица противници добија 22, 20, 15 и 12 проценти. Многумина денес стравуваат дека кандидатот на Ердоган за Истанбул, Мурат Курум, повторно би можел да профитира од разединетата опозиција.

За разлика од 2019 година, противниците на Ердоган денес се чувствуваат помалку мотивирани, вели Улас Тол, директор на истражувачкиот институт CORE. „До 2019 година партијата на Ердоган владееше со тие големи градови, а опозицијата имаше крајна цел - да победи на изборите. Во меѓувреме, оние кои не гласаат за Ердоган, се во состојба на крајно политизирана емотивност до степен да се откажат од политиката“.

Истанбул е политичка и економска „тешка категорија“ во ТурцијаФотографија: Markku Ulander/Lehtikuva/dpa/picture-alliance

Историска шанса

Овие локални избори ќе покажат „во која насока би можел да се развива авторитарниот систем во Турција во наредните години“, вели политичкиот аналитичар Есен. „Ердоган сака на овие избори да ги ослабне или целосно да се ослободи од можните конкуренти за 2028 година. Доколку успее, турската опозиција би била уште помалку конкурентна од денес. Можеби ситуацијата во Турција не е споредлива со Русија, но е со Венецуела - таму редовно се одржуваат избори, но опозицијата нема шанси да победи. За да се спречи тоа во Турција, овие избори се од клучно значење за опозицијата“.

Овој текстпрвично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми