1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоГерманија

Тужба за геноцид: Германија на рочиште пред МСП

8 април 2024

Меѓународниот суд на правдата во Хаг ќе ја разгледува тужбата на Никарагва според која поддршката на Германија за Израел ја крши Конвенцијата за геноцид. Во зависност од пресудата, случајот би можел да стане историски.

Израелски војници во Појасот Газа
Израелски војници во Појасот ГазаФотографија: Gil Cohen Magen/Xinhua News Agency/picture alliance

Конвенцијата за спречување и казнување на злосторството геноцид, општо позната како Конвенција за геноцид, е еден од многуте делови на меѓународното право настанати како одговор на најголемиот геноцид на 20 век. Под закрила на во тоа време новоформираните ООН, Конвенцијата од 1948 година има за цел да го осигура многу повторуваното „никогаш повеќе“ настанато по германското систематско убивање на шест милиони европски Евреи и милион припадници на други народи во холокаустот.

Со поставувањето на ваквата правна рамка, Конвенцијата се надева дека ќе спречи геноциди. Сепак во децениите кои уследија ширум светот се сторени низа воени злосторства од големи размери. Германија и Израел заедно со повеќе од 150 држави се потписнички на Конвенцијата. И властите на малата централноамериканска држава Никарагва своевремено имаат ставено свој потпис, а секој потписник има правна одговорност да ги почитува одредбите на Конвенцијата и го задржува правото формално да обвини друг потписник за кршење на истите.

Тоа го стори Никарагва. Таа на први март покрена постапка пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг и тоа против Германија. Во поднесокот се наведува дека Германија, заради својата постојана поддршка на Израел, вклучително и со испораката на оружје, „не успеала да ја исполни својата обврска да спречи геноцид сторен на палестинскиот народ“ и дека на тој начин „допринела за извршување на геноцидотсо кој се крши конвенцијата“ и други елементи на меѓународното право.

Во постапката се бара судот да изрече „привремени мерки“ против Германија кои би можеле да подразбираат суспензија на нејзината поддршка за Израел, „особено на нејзината воена помош вклучително и воена опрема, во мера во која помошта инаку би можела да се користи за кршење на Конвенцијата за геноцид“.

Дефинирање на „геноцид“

По терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7.октомври минатата година, во кој според официјални израелски информации се загинати околу 1200 лица, вклучително и најмалку 850 цивили, Израел го бомбардираше и изврши копнена инвазија во Појасот Газа. Според официјалните податоци од здравствените власти под контрола на Хамас, бројот на загинати луѓе во Појасот во војната надмина 33 илјади, односно повеќе од 1,5 проценти од населението. Некои организации за заштита на човекови права тврдат дека бројот на загинати може да биде и поголем. ООН и организациите за заштита на човековите права ги обвинија израелските сили за неселективен напад врз цивили. Дури и непоколебливите сојузници на Израел, како што се САД,  заземаа став дека има премногу цивилни жртви.

Пропалестински демонстранти пред Меѓународниот суд на правдата во ХагФотографија: Selman Aksunger/AA/picture alliance

Дали дејствијата на Израел претставуваат „геноцид“ е прашање на правно мислење. Во јануарската пресуда за јужноафриканската тужба против Израел, Меѓународниот суд утврди дека „барем некои дела и пропусти за кои Јужна Африка наведува дека се сторени во Газа може да потпаднат под одредбите на Конвенцијата“.

Во дополнителното соопштение од 28 март, судот изнесе дополнителни одредби, вклучително и барањето Израел да го информира судот како ги исполнува своите обврски според меѓународното право.

Германија отворено застана на страната на Израел во отфрлањето на тужбата, што оди рака под рака со негирањето на самата неправда.

Зошто се издвојува Германија?

Германија не е единствениот сојузник на Израел, но е еден од најсилните. По САД, Германија е најголем израелски добавувач на оружје и во периодот од  2019 до 2023 година според податоците на Стокхолмскиот институт за мировни истражувања Сипри дури 30 проценти на израелскиот увоз биле од Германија. Германската влада даде зелено светло за дополнителна испорака по нападот од 7 октомври.

„Идејата дека германско оружје допринесува за убивањето на многу цивили, илјадници цивили, жени и деца, е ужасна“, вели за ДВ Софија Хофман, експерт за меѓународни односи од Универзитетот во Ерфурт.

Пред да ја поднесе тужбата, Никарагва испратила дипломатска нота до Германија и неколку западни земји кои го поддржуваат Израел или пак ги повлекоа средствата од агенцијата на ООН за палестинските бегалци УНРВА заради слабо поткрепени наводи на Израел дека персонал од таму бил вмешан во нападот на 7 октомври.

Дипломатската кампања можеби имала ефект врз тие земји бидејќи некои од нив сопреа со продажбата на оружје или го обновија финансирањето на агенцијата заради влошените услови во Газа. Но, Германија остана на својот курс. Помошта за агенцијата е обновена дури минатата недела, но без директна помош во Газа, заради истрагата за тврдењата на Израел која е во тек.

Германскиот канцелар Олаф Шолц и израелскиот премиер Бенјамин НетанјахуФотографија: Kobi Gideon (GPO)/Handout/Anadolu/picture alliance

„Државниот резон“ под притисок

Меѓународниот суд на правдата нема начин како да ја спроведе својата одлука, но може да допринесе за политички и јавен притисок врз владата. Какви да бидат последиците, Германија се соочува со суштински тешка ситуација. Нејзиниот поствоен идентитет е втемелен врз поддржувањето на универзалните принципи на меѓународното право кој е поттикнат пред се од сопствените историски злосторства. Германија настојува да ги исправи со конкретна поддршка на Израел, и покрај растечкото отуѓување на еврејската држава од многу Евреи ширум светот.

Поддршката на Германија за Израел е содржана во „државниот резон“, двосмислен политички концепт кој одредена државна политика ја прави да биде неприкосновена. Германската сојузна централа за политичко образование концептот повеќе го сфаќа во авторитарен или монархистички, отколку во демократски контекст. Меѓу останатите проблеми, германската поддршка за Израел заради геноцидот врз Евреите во минатото, ризикува да ја изедначи државата со народот, што според контроверзната дефиниција за антисемитизам на Меѓународниот сојуз за сеќавање на Холокаустот која пак Германија ја користи на различни нивоа на власта, би можело да се оквалификува како антисемитски став.

Случајот е во согласност со пошироките меѓународни критики на германските домашни притисоци врз слободата на академското и културното изразување, што доведе до тоа луѓето да станат „жртви или мети на репресија според оваа широка, широка дефиниција на антисемитизам“, вели Хофман.

Судот утврди два дена за претрес во предметот, на 8. и 9. април, при што Никарагва и Германија добија по еден ден за да ги изнесат аргументите усно. Пресудата се очекува за неколку недели.

„Меѓународното право би имало корист од појаснување на нештата кои една држава мора да ги преземе за да се придржува до овие обврски“, рече за ДВ, Мајкл Бекер, доцент по меѓународно право и човекови права на колеџот „Тринити“ во Даблин. „Тврдењата на Никарагва за Германија претставуваат конкретен случај во рамките на кои таквите прашања потенцијално може да се испитаат “, заклучува тој.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми