1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
УметностГерманија

Творечко „Flow “ за деца и возрасни

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
8 јули 2024

„Flow“ - овој англиски збор означува течење, движење. Како кога сте понесени од невидлив благ бран, кој прави да се заборавите себеси. Уште позначајно е ова доживување кога е возможно за секој човек. Пишува Кица Колбе.

Керамичарството нуди чувство на слеаност со творечкиот чин, што се заборавате себесиФотографија: Samaan Lateef/DW

Нема поголема радост од тоа да го држите в рака своето сопствено керамичко дело! Никогаш не можев да си замислам дека керамичарството нуди такво чувство на слеаност со творечкиот чин, што се заборавате себеси. Тоа е таа особена состојба, која модерната психологија ја нарекува  „Flow“. Овој англиски збор означува течење, движење. Како кога сте понесени од невидлив благ бран, кој прави да се заборавите себеси. Уште позначајно е ова доживување кога тоа е возможно за секој човек, како една творечка оаза во секојдневието.

Првата моја средба со радоста во керамичарскиот чин во секојдневниот живот воГерманија беше 1983-та. Тогаш уште работев на универзитетот во Скопје и престојував во Германија само  во семестралните распусти во зимата и летото. Една од моите золви знаеше за мојата сликарска дарба и ми понуди да појдам со неа во керамичката работилница, во која таа одеше веќе неколку  месеци. Таа се наоѓаше во просториите за хоби-активности во една протестантска црква во градот. Речиси сите учеснички на керамичкиот курс беа млади жени, кои  еднаш во неделата, навечер, си дозволуваа 2-3 часа  потполна креативна слобода. Керамичкиот курс го раководеше една искусна керамичарка. Чудесното во тоа мое прво  творечко искуство со керамиката беше тоа што ние таму, како секој уметник, почнувавме од нула. Од глината која требаше да ја моделираме, во употребен предмет или во малечка скулптура -  со сопствените раце! Никогаш дотогаш не можев да си замислам колку е интересно да се работи со глина. Имавме различни помошни средства како да ја обликуваме формата. Си замислаував дека така работеле со глина луѓето уште од  исконски времиња. Кога уште никој немал измислено  керамичарско „колце и кога се‘ беше возможно за фантазијата на тој што ја „меси”, „гмечи” и „сука” глината. Со тоа од  тврдото парче земја, под топлината на рацете, станува меко глинено „тесто”, кое потоа може да се обликува во различни форми. Секако, требаше да се работи брзо, затоа што, откако глината ќе се исуши, тешко е да се поправа. Тоа беше причината да  се заборавам себеси во вистинското чувство на „Flow“, станувајќи во творечкиот чин едно со глината. Некогаш, доколку глината уште беше мека, а јас мислев дека во тие три часа не сум ја постигнала формата по која трагав, ја земав со себе керамиката и ја довршував дома. Тоа беше прекрасно чувство, зашто можев со многу спокој да  ја моделирам глината, до доцна во ноќта.

Потрага по минималистичкиот израз во уметноста

Следната недела следеше  „глазирањето“ на нашите керамички дела. Боите за глазурата тогаш самите ги растворавме во вода и ги мешавме, трагајќи по замислениот тон. Проблемот, притоа, беше што бојата се пројавува во јасен тон дури при печењето во  керамичката печка. Значи, секогаш имаше голем процент на изненадување во крајниот резултат. Токму тоа, барем за мене, беше вистинската возбуда! Таа неизвесност,  дали сме ја постигнале  таа колоритна комбинација која си ја замислувавме, додека со четка ја нанесувавме глазурата врз сувата керамичка форма. Секако, најголемата радост беше кога, една недела подоцна, ќе стигневме во керамичката работилница и со погледот ги баравме во редицата керамики  нашите дела, особено кога тие беа првите. Речиси сите мои керамички дела од тој период, завршија како подароци кај мојата фамилија во Скопје. Бидејќи тие сите ја знаеја само традициналната македонска керамика, за некои од моите роднини беа  многу скапоцен дар токму моите керамики. Мене, пак, ме радуваше што при секоја посета на фамилијата во Скопје, можев да ги видам моите први керамички дела. Кај мене останаа само две вазни, кои ги бев направила од бела глина, а ги глазирав со боја  на седеф, глазура која навистина потсетува на  бојата на најубавите школки. Уште тогаш трагав по минималистичкиот израз во уметноста.

Керамички садови Фотографија: Sou-Jie van Brunnersum/DW

Керамичката фаза во моето германско секојдневие траеше неколку години, се‘ дури познатата кермичарка ја раководеше  работилницата. Пред еден месец, ќерка ми ме изненади со  поканата, заедно со неа и со внука ми, во едно керамичко студио за деца и возрасни во Келн, самите да  „сликаме“ своја керамика. Знаев веќе подолго време дека за такви  керамички студија кои нудат,  во неколку часа  да се  предадат на творечкото „Flow“ сите три генерации. Керамичкото студио беше во една  не многу голема просторија, исполнета со светлина и многу бела, неколорирана керамика во секакви форми. И десетина маси за работа. „Штосот овојпат беше, готовите чинии, чаши, керамички  кутии за путер, да ги украсиме ние самите. Потоа младите керамичарки ги печеа нашите дела, а ние можевме да ги земеме по две недели. На почетокот ни беше објаснето од керамичарките, на кој начин треба да ја нанесуваме бојата за глазурата за таа, по печењето, да го добиеме посакуваниот колорит. Принципот беше, колку подебел слој од боја, толку појак колорит. Во  тие четири часа работа со четка и боја врз керамиката, повторно го заборавив и времето и себеси. И сиот свет околу мене. Бевме само јас и бојата, претопени во едно! Внука ми и ќерка ми беа поискусни од мене во декорацијата на  садовите кои ги избраа за себе, зашто еднаш веќе биле во такво студио. Меѓутоа, и јас сознав дека не го имам заборавено моето искуство од  глазирањето на моите глинени пластики и вазни во првата керамичарска работилница пред многу години. Овојпат беше изненадувачки тоа што, иако не бев сигурна  дали најдобро ја нанесов бојата, сепак, ги бев постигнала токму тие нијанси во моите две  малечки длабоки чинии, кои си ги замислував. Не бев сигурна дали крајниот резултат ќе биде успешен, затоа  ја сликав керамиката како што  сликам на платно. Но, резултатот беше  извонреден! Уште поинтересно беше да ги видам „моите бои“, „моите мотиви“, мојот потег на четката во сликарството и во малечките керамики. Се разбира, најхрабра во боите и формите беше внука ми, а ќерка ми најпрецизна и најсуптилна во минимализмот на боите. Од нашите керамички дела   може да се јаде, а тие  може да се мијат во машина за миење садови, затоа што материјалите го поседуваат квалитетот што го бараат сите стандарди на употребната керамика.

Германските народни универзитети

Додека ги гледав фамилиите или пријателките, седнати во група на една маса, со колкав занес ги  декорираат своите  керамичките садови, се прашував, дали такви керамички студија има веќе и во Македонија. Со оглед на долгата традиција на керамичарството во Македонија, сигурно на ликовната академија во Скопје има  класа за  керамика. И сигурно има млади ликовни уметници кои би можеле да понудат такво креативно  хоби за сите возрасти. Некогаш е потребна само фантазија за да се оствари ваква успешна дејност  за млади керамичари и во Македонија. Но, можеби, навистина овој тренд во хоби-активностите во секојдневието одамна стигнал  во Македонија. Искуството во творечкиот процес со глината е од особено значење за  поттикнувањето на креативноста кај децата. Многу германски училишта, уште во времето кога ќерка ми беше ученичка, во доцните осумдесетти, имаа свои керамички работилници, а некои дури и печки за печење керамика.  Обликувањето на  глината во керамички форми на германски се вика „Töpfern". Во Кeлн „Töpferstudio"  денес може да најдете во многу квартови. Тоа е особеноста на секојдневието во германската средина. Луѓето се обидуваат да бидат креативни  во секоја возраст. Многу од  моите пријателки почнаа да сликаат откако се пензионираа. Омилени кај пензионерите се курсевите за сликање во германските „народни универзитети”

(Volkshochschule), кои ги има и во големите и во малечките градови. Токму пред некој ден зборував со мојата пријателка, која по долгиот работен век како психотерапевт, како пензионерка неколку години слика, учејќи го знааетот  на часовите во народниот „универзитет“. Не се работи за особени уметнички достигнувања, туку за тоа чудесно чувство на „Flow“, на слеаност со творечкиот чин, која е најдобриот „лек” против стресот – и за пензионерите. Во Германија тие, обично, се творечки поактивни отколку во времето на нивната младост.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми