1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ЛитератураГлобално

Творештвото, зборот и окото

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
9 декември 2024

Уметниците, особено оние кои поседуваат поетска и филозофска дарба, го гледаат животот во секој миг како тој тукушто да настанал. Пишува Кица Колбе

Творештвото, зборот и окото Фотографија: Action Pictures/imago images

Кристално јасно сознавам дека светот и животот се чудо кога ќе се разбудам во ноќта. Некаде после полноќ, додека само понекој прозорец е осветлен, а се‘ друго е потонато во ноќен спокој. Тогаш не го палам светлото во собата, туку застанувам крај прозорецот. И зачудена сознавам дека во тој ноќен мрак, окото гледа поинаку, појасно, поспокојно и повнимателно. Затоа што тогаш формите, куќите, улиците, градините зрачат со непозната јасност. Како светот да е тукушто создаден, негибнат и невиден од никого. Се‘ е уште голема тајна. Улиците се празни како тие во сликите на надрелистот Де Кирико. Сепак, знам дека таа празнина не е мртвост, туку полнота на животот. Сознавам мигновено колку е неповторлив животот на секој од спијачите зад темните прозорци. И секогаш одново откривам колку е чудесна и раскошна таа секојдневна слика на животот, која на дневната светлина ни се чини бнална и плитка, без тајна. Затоа што нашето око е преполно со дразби и слики, со немир и мигновеност, со невнимателност и брзина. Ние не можеме да „запреме”, да се сосредоточиме и да почнеме вистински да ги гледаме нештата – со внимание и чудење. Во ноќната слика на животот, светот изгледа како театарска сцена во која артистите се повлекле на кратка пауза, а тоа на гледачот, на бдејачот во ноќта, му покажува што значи погледот полн со чудење поради самиот факт на животот.

„Внатрешно гледање”

Децата го гледаат животот со широко отворени очи, полни со чудење и восхит. И уметниците, особено оние кои поседуваат поетска и филозофска дарба, го гледаат животот во секој миг како тој тукушто да настанал. Таков уметник е германскиот режисер Вим Вендерс, кој вели дека повеќе научил гледајќи, отколку мислејќи. Колку е поврзано окото со чинот на пишувањето сознавам секогаш одново кога во мене почнува да се пројавува нова приказна, која понекош завршува во роман. Многу често на приказната во мојот ум и‘ претходи чин на интензивно внатрешно гледање. Понекогаш, како од магла се појавуваат и стануваат се‘ појасни само два лика, а неретко е и некој дотогаш невиден простор. Во долгото размислување и „внатрешно гледање” за можната приказна за еден роман, прва и константна беше сликата на една куќа. Колку повеќе ја „гледав” во умот, толку појасна стануваше.Таа долго чекаше на мене да ги „видам” јасно и нејзините личности, за да можат тие да ми ја раскажат нивната приказна. На почетокот уште не знаев каде ќе ме поведе таа слика.

Тоа доживување многу јасно го опишува  Петар Хандке,  еден од мајсторите на современата проза. Кај него приказната се појавувала како еден вид патување на кое поаѓа, без да ја знае целта. А и режисерот Вим Вендерс, поетот во филмот, зборува за непредвидливоста на творечкиот чин. За Хандке „граѓата” за пишувањето се фактите од неговиот живот. Нив Вендерс ги нарекува „лични доживувања”. Од тоа мноштво на факти и лични доживувања се „ткае” сама од себе новата приказна. Иако таа е „ткаена” со конци кои писателот веќе ги доживеал, тие во него се толку преобразени во архетипски слики, што самите ја „започнуваат” во уметникот новата приказна. Хандке истакнува дека почнува да пишува без „перспектива”, без замисла за тоа што сака да постигне, како што не смее да знае ниту како понатаму ќе се развива приказната. „Меѓутоа, кога од поединостите со кои пишувам, пишувајќи ненадејно ќе се појават перспективи кои водат надвор од мојот живот, тогаш секогаш одново помислувам: сега пишувањето има смисла”,  истакнува Хандке.- Во друг есеј тој вели дека првиот поттик за пишувањето е „гледањето” во себе една слика. Таа потоа го води, без да знае каде.  Ова што Хандке го опишува  го доживеал секој писател барем еднаш. Секако, доколку тој нема „чиновнички”, конструирачки чин на пишување, туку интуитивен, во кој е обединето окото со зборот.

„Погледот полн со љубов"

И Вим Вендерс има слични сознанија за поврзаноста на творештвото со дарбата вистински да се гледа. Во едно предавање тој зборува за „погледот полн со љубов” кој бил главниот мотив при создавањето на  филмот „Небото над Берлин”.

Бруно Ганц и Ото Сандер во сцена од филмот „Небото над Берлин“Фотографија: picture-alliance/Captital Pictures/CAP/RFS

Тој раскажува дека филмот го снимал без сценарио, затоа што тоа се обликувало во текот на снимањето. Имал само една јасна слика. Таа за двата ангела кои бдеат врз градот Берлин. Неговото предавање за „погледот полн љубов” (“Der liebevolle Blick“) и самото е совршено поетско дело. Овој поглед е тој на двата ангела на небото над Берлин, виртуозно одиграни од Бруно Ганц и Ото Сандер. За да ја разберат својата улога, тие морале прво да сознаат што значи „погледот полн со љубов“. Со истиот поглед требал и камерманот да ги гледа со камерата артистите и сцените во филмот. Вендерс вели дека секој од нас го доживеал повеќе пати тој поглед, иако не сме свесни за тоа. Кога бевме деца, така не гледаа нашите родители, потсетува Вендерс. Тој поглед е полн со благост, внимание, љубов и доверба. А ние се чувствуваме заштитени со тој поглед. Вендерс истакнува дека „погледот полн со љубов“ го знаат најдобро децата, затоа што тие одговараат на него со истиот поглед.

Во тој посебен поглед, ние стануваме способни да гледаме како настанува светот пред нашите очи. Во зборовите на Вендерс го откривам описот на моето јасно гледање на блесокот на светот во ноќта. За Вендерс е чудото во нашето јасно гледање на светлината како таа доаѓа од бескрајот на космосот и се одразува врз нашиот ѕид. „Исто такво чудо е лицето на Другиот пред нас”, смета Вендерс. Само погледот полн со љубов за него бил „способен за чуда”. Тој поглед во „Небото над Берлин” кој ни го покажува светот низ „вистинското гледање” на ангелите. За да појасни што значи погледот полн љубов, Вендерс, кој секогаш истакнувал дека е верник, цитира едно место од Евангелието (Матеј 6,22): „вашите очи се прозорецот кон вашето тело. Кога широко ќе ги отворите очите, полни со чудење и доверба, вашето тело се исполнува со светлина. Меѓутоа, кога очите ќе ги замижете, полни со лакомост и недоверба, тогаш вашето тело ќе стане мувлосан, влажен подрум.”

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми