Уапсена жена осомничена за убиството на руски воен блогер
3 април 2023Една жена е уапсена по смртта на познат воен блогер во Санкт Петербург, објави руската новинска агенција Интерфакс. Жената била апсена и претходно во врска со антивоените демонстрации во земјата. Како што се вели, таа на патриотска манифестација во кафулето Street Food Bar No. 1 му предала биста на познатиот воен блогер Владлен Татарскиј, кој силно ја поддржуваше војната на неговата земја во Украина. По предавањето на бистата со ликот на Татарскиј, таа експлодирала.
40-годишниот новинар и блогер Максим Фомин, кој пишуваше под псевдонимот Владлен Татарскиј, починал на лице место. Според руското Министерство за здравство, во експлозијата има уште околу 30-тина повредени лица. Според медиумите, кафулето наводно му припаѓа на Евгениј Пригожин, шеф на озлогласената платеничка група Вагнер.
Чуварите побарале од жената да ја напушти салата
Според медиумски извештаи, припадниците на обезбедувањето на манифестацијата побарале од осомничената да ја напушти просторијата пред детонацијата. Сведок тврди дека чуварите веќе се сомневале оти наводниот подарок би можел да биде експлозивна направа, но жената се пошегувала со воениот блогер кога излегувала и му ја подала бистата. Откако тој ја ставил бистата на маса, се случила експлозијата. Руската патриотска група, која го организираше настанот, соопшти дека презела безбедносни мерки кои „за жал се покажаа недоволни“.
Шпекулации за вмешаност на Украина
Руското Министерство за надворешни работи сугерира можна вмешаност на Украина. Активностите на Татарскиј му донесоа омраза во Киев, изјави портпаролката на руското МНР, Марија Захарова. Татарскиј, кој е роден во украинскиот регион Донбас, и други воени блогери, како што се вели, долго време се соочуваат со закани од Украина. Иако досега никој не ја презеде одговорноста за злосторството, и други проруски воени известувачи сметаат дека во тоа е вмешана Украина.
Руска истражна комисија отвори истрага за убиство. Пред апсењето, советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак шпекулираше дека зад убиството стои руската опозиција која е против инвазијата на Кремљ на Украина. „Пајаците се јадат меѓусебно во тегла“, напиша Подољак на Твитер. Според него, било само „прашање на време“ кога домашниот тероризам ќе стане инструмент за внатрешнополитички борби.
Повеќе од 560.000 следбеници на Телеграм
Воениот блогер Татарскиј имал повеќе од 560.000 следбеници на Телеграм. Од 2014 година, тој како бунтовник се борел за независност на Донбас, а потоа започнал со блогирање. На својот блог, тој дистрибуираше видеа од она што се случува на фронтот во Украина и им даваше совети на младите руски војници како да се однесуваат во првите редови на фронтот.