Уапсени, киднапирани, исчезнати: Украинци во руски раце
11 март 2024Микита Хорбан го губи гласот додека зборува. „Дајте ми само момент“, вели тој и прави долга пауза. „Извинете, сè уште ми е тешко“. Тој зборува за неговото искуство за време на заробеништво во рацете на руските власти.Неговиот поглед е празен, талка кон таванот и подот на салата на Европскиот парламент во Брисел. Тој дојде во Белгија на покана на литванскиот претставник во Парламентот, Петрас Аустревичиус, заедно со другите жртви од руската инвазија на Украина.
„Пред две години Русите дојдоа во нашето село во Украина, нè зедоа мене и татко ми како заложници, нè испрашуваа, нè мачеа. Ми ги скршија прстите“, вели Микита Хорбан. Со татко му бил одведен во Русија, во областа Курск. Зошто Русите ги уапсиле сè уште не му е јасно на Микита, бидејќи никогаш не било покренато обвинение.
За време на неговото заробеништво се здобил со повреди на ногата и речиси не можел да оди. Во Курск морал да спие на отворено на студот - без чевли. Неговите замрзнати прсти на крајот му биле ампутирани во затвор. „Ме пуштија поради тие повреди“.
Така, Микита Хорбан е вклучен во размената на заробеници со руските воени заробеници во Украина. По шест недели поминати во заробеништво, тој успеал да се врати во своето село. А неговиот татко? „Сè уште не знаеме каде е“, тивко вели Микита - одговарајќи на прашањето. „И сега што?“, прашува тој.
Најмалку 1.500 киднапирани Украинци
Олха Решетилова се обидува да одговори на неговото прашање. Таа работи како волонтер во организацијата „Медиумска иницијатива за човекови права“ за да им помогне на цивилите од Украина кои се киднапирани од Русија. Таа наведува дека се работи за 1.500 лица, „цивилни заложници“, за чија судбина постојат докази. Со многу од нив нема никаков контакт, вели таа.
За некои од нив успеала да дознае благодарение на изјавите на ослободените. Тие луѓе самоволно се апсат, затвораат, без обвинение, без судење. Повеќето од нив се чуваат во областите на Украина окупирани од Русија. Другите беа префрлени во кампови во Русија. Олха Решетилова претпоставува дека темната бројка на цивилните заложници е висока. За некои од нив никогаш нема ништо да се дознае.
„Тие се заложници“
Петрас Аустревичиус, член на Европскиот парламент од Литванија, кој ја поддржува Олха Решетилова и нејзината хуманитарна организација, сака во Брисел да го привлече вниманието на судбината на киднапираните лица. „Овие луѓе постојат. Не треба да замижуваме пред фактот на киднапирани цивилни заложници од руските окупатори. Мораме да застанеме во нивна одбрана и да го покренуваме прашањето на секој состанок на кој се присутни руски претставници“, изјави овој европски парламентарец за ДВ во Брисел.
„Оваа ситуација ме потсетува на заложниците киднапирани од Хамас во Израел“, вели Аустревисиус. Оваа практика Русите ја започнаа уште во 2014 година, по анексијата на полуостровот Крим, кој и` припаѓа на Украина.„Тоа е неподнослива болка за нивните семејства.“
Борба за спас на сопругот
„Не можевме ни да се збогуваме“, вели Олха Бабич, сопруга на Олександр Бабич, градоначалник на Гола Пристан во регионот Херсон. Нејзиниот сопруг пред две години беше уапсен од руски војници во градското собрание. Го држеле таму неколку дена и го мачеле. Олександр Бабич на парче тоалетна хартија ја напишал својата последна порака до сопругата Олха: „Те сакам. Не знам што ќе се случи“. Оттогаш таа немала никаков контакт со него.
Во летото 2022 година, имаше знаци дека тој сè уште е жив. Олха Бабич успеала преку различни канали да дознае дека Олександр бил затворен во истражен затвор на Крим. Сепак, до денес не е покренато обвинение и затоа ниту еден адвокат не можел да го види градоначалникот на Гола Пристан.
Го држат во изолација. Во првиот месец од војната, нејзиниот сопруг бил организатор на отпорот против руските окупатори во неговиот град. Затоа сакале да го замолчат. Олха Бабич се надева на поддршка од ЕУ, особено во преговорите за размена на затвореници. Ова е причината зошто таа излегува во јавноста со својата приказна, изложувајќи се на потенцијална опасност бидејќи таа или нејзиното семејство би можеле да бидат цел на руските безбедносни сили. „Не можеме само да набљудуваме“, вели Олха Бабич. Во исто време, таа мисли и на луѓето во Европската унија.
Хуманитарна организација: ЕУ треба да го зголеми притисокот
Хуманитарната организација за човекови права „Медиумска иницијатива за човекови права“ се залага за формирање меѓународна посредничка мисија на Обединетите нации со цел да се постигне ослободување на цивилните заложници. „Се надеваме дека ЕУ ќе воведе повеќе санкции против оние кои извршиле злосторства, на пример, директорите на затворите во кои се чуваат овие луѓе. Првиот чекор е да се привлече вниманието“, вели Олха Решетилова, портпаролка на организацијата.
„Не се работи само за раселување, туку за произволно притворање, тортура и смрт во заробеништво. Европскиот парламентарец Петрас Аустревичиус ветува дека ќе застане во одбрана на интересите на засегнатите лица и ветува дека ќе се залага за интересите на засегнатите лица и нивните семејства.
Активистката Олха Решетилова смета дека изнесувањето на проблемот во јавноста може да донесе успех. Таа беше присутна и на состанокот на министрите за надворешни работи на ОБСЕ во ноември во Скопје. Таму беше и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Тој мораше да слуша остри критики поради агресивниот напад на Русија врз Украина. Неколку дена подоцна, како што вели Олха Решетилова, биле ослободени неколку лица за кои нејзината група се залагала на маргините на состанокот на ОБСЕ. Таа не знае дали има врска меѓу тие два настани, но, вели, тогаш реагирала руската страна.
„Со тоа го изнесуваме проблемот во јавноста се зголемуваат шансите заробениците да бидат ослободени“, заклучува таа.