1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Убиен ајатолахот Хаменеи, Иран жестоко возвраќа

БГ /АФП
1 март 2026

Потврдена е смртта на иранскиот ајатолах Али Хаменеи, како и на други водечки ирански функционери во американско-израелските напади врз земјата. Иран возвраќа во речиси сите земји од регионот со ракети.

Граѓани ја оплакуваат смртта на ајатолахот Али Хаменеи на улиците на Техеран. март 2026
Граѓани ја оплакуваат смртта на ајатолахот Али Хаменеи на улиците на ТехеранФотографија: Atta Kenare/AFP

Ајатолахот Али Хаменеи, врховен лидер на Иран од 1989 година и заколнат непријател на Западот, беше убиен во почетната фаза од масовниот напад на САД и Израел, што во неделата предизвика нов бран ракетни одмазднички удари од Техеран.

Иранската државна телевизија ја потврди смртта на Хаменеи рано во неделата, неколку часа откако претседателот Доналд Трамп соопшти дека 86-годишниот ајатолах бил убиен. Трамп го опиша како „еден од најзлите луѓе во историјата“.

Револуционерната гарда на Иран вети дека ќе ја изведе „најжестоката“ операција во историјата против Израел и американските бази, додека земјите од Персискиот Залив веќе ги бројат жртвите од невидените ирански удари.

Според новинарите на АФП, свежи експлозии се слушнаа во Доха, Дубаи и Манама во неделата, додека во централниот дел на Израел се огласија сирените за тревога. Израелската армија соопшти дека одговара на иранско ракетирање.

Иранскиот државен сервис јави дека 27 американски бази во регионот, како и израелското воено седиште и комплексот на одбранбената индустрија во Тел Авив, биле меѓу целите на новиот бран напади.

Трамп предупреди дека на секоја иранска одмазда ќе биде возвратена со сила „каква што досега не е видена“. Претходно најави дека нападите ќе продолжат сè до „падот на Исламската Република“ и ги повика иранските безбедносни сили да не се спротивставуваат.  

„Ова е најголемата шанса иранскиот народ да си ја врати својата земја“, порача американскиот претседател Доналд Трамп.Фотографија: Anadolu Agency/IMAGO

„Ова е најголемата шанса иранскиот народ да си ја врати својата земја“, порача Трамп.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху исто така им порача на Иранците: „Ова е ваш момент да се обедините, да го урнете режимот и да си ја обезбедите иднината.“ 

Во Иран, сведоци изјавија за АФП дека на улиците на Техеран се слушнале извици на радост откако првите вести за смртта на Хаменеи пристигнале од Израел, додека над населбата во која обично престојуваше се извивал густ црн чад. Подоцна, на плоштадот Енгелаб во Техеран, илјадници ожалостени — облечени претежно во црно и со ирански знамиња — скандираа „смрт за Америка“, јавија новинарите на АФП.

Големи жртви и закани за „незаборавна лекција“ 

Иранската Црвена полумесечина соопшти дека во саботните напади загинале 201 лице, а стотици биле повредени. Властите во Иран потврдија дека Али Шамхани, врвен советник на Хаменеи, и генералот Мохамад Пакпур, командант на моќната Револуционерна гарда, исто така биле убиени.

Едниот од најистакнатите преживеани, Али Лариџани, шеф на Високиот совет за национална безбедност, вети отпор.

„Храбрите војници и големиот ирански народ ќе им одржат незаборавна лекција на меѓународните угнетувачи“, изјави тој.

Претседателот на парламентот додаде дека Техеран е подготвен и дека „сите сценарија се земени предвид“. Мохамад Багер Галибаф во видео-порака за државната телевизија изјави дека Трамп и Нетанјаху „ги преминаа нашите црвени линии“ и „ќе ги поднесат последиците“. 

Експлозии во центарот на Тел Авив како резултат на ирански ракетни нападиФотографија: Chen Junqing/Xinhua/IMAGO

Првичниот ирански одговор на нападот на САД и Израел беше масовен ракетен и дронски напад низ Блискиот Исток, во кој загинаа најмалку две лица во Абу Даби и едно во Тел Авив. Новиот бран следеше по официјалната потврда за смртта на Хаменеи.

Прашањето на наследник и масовни удари врз цели во Иран 

Веќе подолг период имаше шпекулации за можниот наследник на Хаменеи, со оглед на неговата возраст. По неговата смрт, многу набљудувачи очекуваат уште поголема моќ на Револуционерната гарда, длабоко вградена во иранската економија.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан и двајца високи функционери ќе го водат Иран во транзицискиот период, јави државната телевизија.

Реза Пахлави, синот на соборениот прозападен шах, тврдеше дека секој наследник избран од системот би бил нелегитимен. Го поздрави падот на Хаменеи — вториот врховен лидер по Хомеини — и изјави: „Со неговата смрт, Исламската Република фактички престана да постои и набрзо ќе стане дел од историјата.“

Пахлави, кој поголемиот дел од животот го помина во егзил близу Вашингтон и се претставува како транзициска фигура кон световна демократија, не ужива поддршка кај целиот опозициски спектар.

Иранското судство соопшти дека еден од ударите погодил училиште на југот на земјата, при што загинале 108 лица, но АФП не успеа да го потврди бројот на загинати или околностите на настанот.

Во Израел, улиците беа пусти додека граѓаните се засолнуваа, а експлозиите од пресретнатите ракети одекнуваа над градовите. Иако во последниот бран немаше нови жртви, итните служби соопштија дека претходниот напад усмртил жена во областа на Тел Авив и повредил околу 20 лица.

Од базите на САД во Обединетите Арапски Емирати и Бахреин — каде е стационирана Петттата американска флота — се издигаше чад во текот на ноќта.

„Кога ги слушнавме звуците, извикавме од страв“, изјави 15-годишната Џана Хасан, која била во близина на ударот во Бахреин.

Во Абу Даби загинале две лица, а на познатата вештачка палма во Дубаи се издигаа чад и пламен — со четири повредени.

Револуционерната гарда ги извести бродовите дека Преминот Ормуц е затворен — клучната морска рута за нафта од Заливот — но не е јасно дали заканата е спроведена.

Ова е првата американска воена операција од вакви размери, чија очигледна цел е уривање на странска влада, уште од инвазијата на Ирак во 2003 година.

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, рече дека операцијата се одвива „на сосема поинакво ниво“ во споредба со 12-дневната војна против Иран во јуни, во која САД кратко учествуваа.

Иран, Ирак, Кувајт, Сирија, ОАЕ и Израел привремено го затворија воздушниот простор, а бројни авиокомпании ги откажаа летовите кон Блискиот Исток.

Претходно, американски пратеници преговараа со иранскиот министер за надворешни работи во Женева. Трамп соопшти дека Иран не отстапил доволно околу спорната нуклеарна програма, иако по нападите јасно стави до знаење дека целта е промена на режимот, а не нов договор.

Оман, кој посредуваше, тврдеше дека е постигнал „пробив“ — дека Иран се согласил да не складира ураниум. Во саботата Оман повика на итен прекин на огнот. Иран побара од Советот за безбедност на ООН, кој одржа итна седница, да интервенира и да го запре нападот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми