1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Со високи казни против фемицидот

ДТЗ
27 септември 2023

Се бараат построги казни за сторителите, но и одговорност за сите службени лица кои не постапиле навремено, иако за насилството биле алармирани подолго време.

насилство жени фемицид
Со високи казни против фемицидотФотографија: picture-alliance/dpa/M.Gambarini

Неколку случаи на насилство коишто завршија со убиство во Северна Македонија повторно го вклучија алармот дека е неопходно да се преземат системски мерки за да се заузда фемицидот. Се бараат построги казни за сторителите, но и одговорност за сите службени лица кои не постапиле навремено, иако за насилството биле алармирани подолго време. 

Во текот на 2022 година во Северна Македонија се регистрирани 1. 074 жени – жртви на семејно насилство. Во периодот од 2008 до 2020 година се извршени најмалку 50 фемициди, покажуваат анализите на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство „Глас против насилство“. Последниот случај на фемицид којшто ја вознемири јавноста е убиството на 46-годишна жена во Кочани. Претходно во Куманово во август годинава, 46-годишен маж со нож ги уби својата сопруга и нејзината мајка, а потоа скокна од прозорец. 

Построги казни

Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство бара најстрога казна за мажот што со 40 убоди од нож уби 46-годишна жена во Кочани. При одредувањето на висината на казната, оттаму бараат да се земат предвид сите околности, а убиството да се третира како последица на долгогодишно семејно насилство.

„Бараме од Основното јавно обвинителство да го квалификува убиството во Кочани согласно член 123, став 2а ‘друг ќе лиши од живот жена или девојче до 18 години, при вршење на родово-базирано насилство’. Бараме одредување највисока казна за сторителот“, велат од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство.

Тие бараат да се испита и одговорноста на службените лица кои не постапиле навремено по пријавите за насилство кои му претходеле на убиството, а жртвата ги пријавила. Освен за случајот во Кочани, од организацијата бараат исто да се постапува и во врска со двојното убиство во Куманово, кога маж ги уби својата сопруга и нејзината мајка, а потоа се самоуби.

„По спроведената постапка за утврдување одговорност, очекуваме службените лица да бидат соодветно санкционирани“, порачуваат граѓанските организации.

Во текот на 2022 година во Северна Македонија се регистрирани 1. 074 жени – жртви на семејно насилство. Фотографија: Frank Hoermann/SVEN SIMON/imago images

Алармантни податоци

Анализата на Мрежата покажала дека во периодот од 2017 до 2020 година во државата се регистрирани вкупно 22 фемициди. Кај повеќето од анализираните случаи убиството е извршено од сегашен, поранешен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница. Во над 80 отсто од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.

„Алармантен е податокот од истражувањето на ОБСЕ, објавено во 2019, дека жените многу ретко го пријавуваат насилството кое претходи, односно се пријавени само два процента од насилните инциденти и тоа најчесто се пријавува најсериозниот. Овие наоди се јасни индикатори за недоверба кон институциите и генерално недоверба во системот на заштита“, посочуваат од Националната мрежа.

Тие сметаат дека со неказнувањето или несоодветното казнување на сторителите на насилство им се праќа порака со која се одобрува нивното насилно однесување и тие се охрабруваат да продолжат да вршат насилство.

Реакциите следуваат откако на 25 септември, 46-годишна жена, мајка на три деца, беше убиена пред нејзиниот дом во Кочани, Таа ги пријавувала заканите во полиција и барала заштита. 

МВР : Постапувано е по секоја пријава

Од Министерството за внатрешни работи тврдат дека е постапувано по секоја пријава на  жените коишто беа убиени во Кочани и Куманово.

„Во врска со случајот во Куманово, од страна на СВР Куманово редовно се преземани мерки и активности, и во периодот од 2013 до 2023 година од страна на СВР Куманово до надлежното ОЈО Куманово се поднесени пет кривични пријави“, велат од полицијата.

Во врска со случајот во Кочани, 46-годишната жена пријавила дека подолг период мажот со кој била во љубовна врска, ја уценувал дека ќе објави компромитирачки фотографии и видеа доколку не му даде пари. „Од страна на инспектори во НК за КР – ОВР Кочани е постапено по пријавата и на 31.05.2023 до ОЈО Кочани е доставено известување, со службен материјал во прилог, а на 05.06.2023 до надлежното Обвинителство е доставено и дополнување на известувањето, со службен материјал во прилог“, објаснуваат од МВР.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми