1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалПолска

Убиство во Полска: кој беше Семјон Скрепецки?

Татсијана Хархалик
18 јуни 2026

Рускиот опозициски уметник Семјон Скрепецки е убиен во Полска. Тој беше познат по своите остроумни политички карикатури на Владимир Путин. Полска спроведува истрага.

Човек оди со слика во рацете на која е прикажана карикатура на Која Сталин го држи во рацете Владимир Путин прикажан како бебе. На левата страна во преден план бездомник лежи на клупа. а во позадина се гледаат двајца мажи (лево) и жена која шета куче (десно)
Семјон Скрепецки за време на протест пред руската амбасада во Берлин на 12 јуни 2026 годинаФотографија: Vasily Krestyaninov/SOPA Images/ZUMA/picture alliance

Според наводите на полското јавно обвинителство, рускиот опозициски уметник Семјон Скрепецки е застрелан со пет куршуми од непосредна близина среде бел ден во градот Бјала Подласка, во близина на границата со Белорусија.

Оосмничениот сторител сè уште не е фатен, изјави Марчин Козак, портпарол на јавното обвинителство во Лублин. Според податоци на властите, Скрепецки бил застрелан од непознато лице во близина на неговиот стан во Бјала Подласка на 15 јуни околу 9:50 часот наутро. Три од петте истрели го погодиле кога веќе бил на земја. Скрепецки починал на место на настанот, а сторителот избегал. На местото на настанот се пронајдени пет чаури и еден куршум Лугер од 9 мм. Се работи за истата  муниција што била употребена во т.н. „убиство во Тиергартен“ во Берлин во 2019 година, кога жртва беше чеченскиот воен командант Зелимхан Хангошвили. И рускиот пилот на хеликоптер Максим Кузминов, кој пребегна на украинска страна, беше убиен во Шпанија во 2024 година исто со оружје од овој калибар, објавува независниот руски портал Агентство.

Политички мотивирано убиство?

Сè упатува на тоа дека се работи за политичко убиство, изјави полскиот премиер Доналд Туск на прес-конференција во вторникот (17 јуни). Тој сепак нагласи дека треба да се сочека прибирањето докази и дополнителни конкретни индиции. Доколку се покаже дека станува збор за убиство нарачано од Русија, тоа би бил многу сериозен случај од меѓународно значење, рече Туск. „Тоа би било државен тероризам“, додаде полскиот премиер. Полските медиуми го опишуваат Скрепецки како „критичар на Путин“, а исто така го поставуваат прашањето за можно убиство по нарачка. „Изгледа како егзекуција“, вели за полскиот портал Онет еден функционер запознаен со околностите на случајот. И белорускиот уметник Влад Бохан, кој бил во контакт со Скрепецки непосредно пред неговата смрт, смета дека убиството може да има политичка позадина. „Ова убиство не служи само за елиминирање на едно лице, туку и за заплашување. Тоа испраќа порака до сите што се занимаваат со слични активности“, вели Бохан за ДВ.

Последната објава на Телеграм со закани

Семјон Скрепецки е роден како Роберт Кузовков во 1981 година во Русија и живеел во регионот Алтај во Сибир до 2021 година. Од страв од политички прогон потоа пребегнал во Полска.

Полски полицајци во близина на местото на убиството на Семјон Скрепезки во Биала Подласка на 15 јуни 2026 годинаФотографија: Wojtek Jargilo/PAP/dpa/picture alliance

Тој беше познат првенствено по своите политички карикатури, меѓу кои и од рускиот претседател Владимир Путин, чеченскиот лидер Рамзан Кадиров, покојниот руски опозициски политичар Алексеј Навални и белорускиот лидер Александар Лукашенко. Освен тоа, тој организираше протестни акции во разни европски градови. Последната објава што Скрепецки неколку часа пред неговата смрт, на каналот Телеграм содржи скриншотови од закани што ги добил по неговата најнова активност пред руската амбасада во Берлин на 12 јуни. За време на настанот, уметникот во раце држеше една од неговите карикатури на која се гледа советскиот диктатор Јосиф Сталин како го гушка рускиот претседател Владимир Путин како мало дете. Од дупка во панталоните на Скрепецки се виореше руското знаме, што го влечеше по земја. Потоа тој знамето го фрли во корпа за отпадоци.

Колегите: Скрепецки постојано добиваше закани

„Мислам дека по акцијата во Берлин, некој дал наредба да биде елиминиран“, претпоставува Андреј, еден од активистите на белоруската дијаспора во Бјала Подласка. Од безбедносни причини, тој не сакаше јавно да го открие ниту своето целосно име, ниту своето вистинско име. Андреј го запознал Скрепецки во 2021 година кога уметникот повеќе пати учествувал во антивоени протести организирани од Белоруси и Украинци во градот. Вели дека последен пат го видел  минатата недела и вели дека Скрепецки се чинел „малку исплашен“. Истовремено во разговор со ДВ тој го опиша Бјала Подласка како мирен и сигурен град и вели дека затоа и Скрепецки веројатно го избрал за свое место на живеење. „Тука нема тајни. Го знаеш секој автомобил и секој човек“, вели Андреј. „Скрепецки има пет деца, неговата сопруга е бремена со шестото, а за големо семејство е полесно да живее во мал град“, вели Андреј. Според белорускиот уметник Влад Бохан, Скрепецки во изминатите месеци бил зафатен со организирање нови улични акции. „Разговаравме помалку од 24 часа пред убиството. Тој зборуваше за нови идеи и предложи заедно да организираме нешто - во Варшава или Берлин. Тој сакаше да продолжи да работи и правеше планови“, вели колегата. Бохан сепак наведе и дека Скрепецки постојано добивал закани од разни страни, а со оглед на тоа дека не се воздржувал од критики ниту на сметка на украинските власти, неговите лични податоци, вклучувајќи ја адресата и профилите на социјалните мрежи, се нашле во една контроверзна украинска база на податоци. Имено, онлајн платформата „Миротворец“ со години води еден вид јавен регистар на лица кои, според неа, „претставуваат закана за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми