1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Учебниците или ги нема или се полни со грешки

ДТЗ
16 декември 2022

Во новиот учебник за 5 одделение, Македонија на исток граничи со Албанија, а на запад со Бугарија. Монт Еверест, пак, „порасна“ на 29 305 метри. МОН ќе утврдува кој ги направил ваквите недозволиви грешки

ученик
Учебник по историја полн со грешки ја бранува јавностаФотографија: Imago/PhotoAlto

Продолжуваат маките на учениците, кои до пред крајот на првото полугодие, чекаа да им бидат обезбедени соодветни учебници за настава. Новиот учебник по Историја деновиве ја бранува јавноста, откако родителите во него пронајдоа низа грешки и неправилности. Станува збор за новиот учебник по Историја и општество за 5 одделение, чии автори се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, а издавач е МОН.

Во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.  Но, тука не завршува се. Во новиот учебник по Историја и општество, исто така се наведува дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите, е висок 29 305 метри. Монт Еверест е висок 29 305 стапки или 8 849 метри.

МОН ќе ги лоцира пропустите

Министерството за образование и наука и Педагошката служба почнаа процес за утврдување на причините за пропустите при одобрувањето и издавањето на учебникот по Историја и општество за петто одделение во кој се констатирани низа грешки и нелогичности, кои не смееја да се дозволат.

Низа грешки и нелогичности во учебниците - кој е виновен? Фотографија: Getty Images

„Преку Националната комисија за учебници како највисоко тело во процесот на одобрување на учебници, МОН веќе побара информации за работата на сите чинители во постапката за одобрување на конкретниот учебник и по добивањето на извештајот, министерот за образование и наука ќе даде конкретен предлог за понатамошно постапување“, информираат од МОН. 

Според ресорното министерство, во време кога во Северна Македонија се случуваат најкрупните образовни реформи досега, со интензивни инвестиции во унапредување на инфраструктурните услови, подигнување на мотивацијата на наставниот и стручниот кадар во училиштата и се изработуваат нови наставни програми и учебници, недозволиво е да се случуваат вакви пропусти. 

„Потребен е максимален ангажман и одговорност од сите чинители кои учествуваат во процесот за градење на поквалитетен образовен систем во интерес на сегашните и идните генерации, а со тоа и во интерес на државата. Упатуваме апел до сите автори и рецензенти кои во иднина ќе учествуваат во постапки за изработка на учебници и наставни помагала, како и до Бирото за развој на образование и членовите на Националната комисија за учебници, да ја подигнат личната одговорност и посветеност, затоа што во овие прилично комплексни процеси, тоа од нив единствено и се очекува“, се додава во соопштението.

Авторките со заедничко писмо

Авторките на учебникот Ангеловска и Илиоска преку заедничко соопштение за јавноста, информираа дела алармирале веднаш штом ги забележале грешките по печатењето. „Веднаш по печатењето на финалната верзија на учебникот, ги забележавме грешките, кои се настанати во текот на неговата финална подготовка, кои за жал, не се забележани, и покрај тоа што учебниците ги поминаа сите филтри, кои се законски предвидени. Истите грешки ги има и во учебникот преведен на албански јазик, кој е споделен во електронската верзија. Веднаш по констатираните грешки, писмено се обративме до надлежното министерство за да се направат исправки, барем во електронските верзии на учебниците“, велат тие. 

Учебникот кој е тема на дискусија е предаден на регуларен конкурс од Педагошката служба, уште во мај годинава. Сите сугестии кои биле од техничка природа, се земени предвид при подготовката на неговата финална верзија.

„Ниту ние авторите, ниту рецензентите, немавме прилика да го прегледаме учебникот пред печатење. Навистина ни е жал што во нашите напори да не пропуштиме нешто суштинско, сме пропуштиле да поминат вакви технички грешки, кои ја разбрануваа јавноста“, велат авторките. .

 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми