Германија повторно ќе извезува секаков вид оружје за Израел
17 ноември 2025
По три и пол месеци, германската влада ги укинува ограничувањата за извоз на оружје за Израел, кои беа воведени поради војната во Газа. Портпаролот на владата Штефан Корнелиус објасни дека прекинот на огнот меѓу Израел и исламистички Хамас, кој е на сила од 10 октомври, „се стабилизирал во последните недели“.
Министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Сар, го поздрави укинувањето во објава на социјалната мрежа X. Тој апелираше до другите влади да „го следат примерот на Германија и да донесат слични одлуки“.
Владата ги следи натамошните случувања
Воената опрема која му е потребна на Израел за да се заштити од надворешни напади беше ослободена од претходните ограничувања. Новата регулатива треба да стапи во сила на 24 ноември. Тогаш, владата генерално ќе се врати на индивидуално преиспитување на случаите, рече портпаролот Корнелиус.
Владата ќе „реагира на натамошните случувања“, додаде Корнелиус. Ова би можело да значи дека Германија би можела да ја услови практиката на издавање дозволи со понатамошните дејствија на израелската армија во Појасот Газа и окупираниот Западен Брег.
Портпаролот на владата нагласи дека Германија ќе продолжи да се залага за траен мир во регионот и да се ангажира во снабдувањето на луѓето во Газа и во обновата.
Одлуката на канцеларот Мерц во август беше спорна
На 8 август, канцеларот Фридрих Мерц нареди привремено да се суспендира извозот на воена опрема во Израел која може да се користи во војната во Газа. Со ова, тој реагираше на сè поострите дејствија на израелските вооружени сили. До тој момент, германската влада ги засили критиките кон владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху, но избегнуваше санкции.
Нетанјаху потоа ја обвини Германија дека со таа одлука го наградува исламистички Хамас за нивниот терор. Одлуката на канцеларот предизвика и масовна иритација во рамки на Унијата (ЦДУ / ЦСУ). Иако Мерц (ЦДУ) постигна согласност со вицеканцеларот Ларс Клингбеил од редовите на социјалдемократите (СПД), тој не се консултираше со ЦСУ и со раководството на пратеничката група на Унијата во Бундестагот.