1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Безбедносни гаранции како алтернатива за НАТО?

Данило Билек
19 декември 2025

Подготвеноста на европските држави, во случај на успешни мировни преговори, да пружат безбедносни гаранции за Украина, според експертите е важна, но не и клучна. Каква е улогата на САД и реакцијата на Русија?

Украински и знамиња на ЕУ се вејат на јарболи околу столб на чиј врв е симболот на НАТО
Дискусијата за безбедносните гаранции за Украина не е завршенаФотографија: Andreas Stroh/Zumapress/picture alliance

Една од главните теми на разговорите во Берлин од 14 и 15 декември беа безбедносните гаранции кои Украина би требало да ги добие во случај на мировен договор со Русија. Покрај европските шефови на држави и влади, во разговорите учествуваа и украинскиот претседател Володимир Зеленски, специјалниот претставник на САД, Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер. Учесниците потоа разговараа телефонски и со американскиот претседател Доналд Трамп. Германскиот канцелар Фридрих Мерц и Володимир Зеленски позитивно ги оценија резултатите од разговорите. „Од американска страна чувме дека се подготвени да дадат безбедносни гаранции што соодветствуваат на членот 5 од договорот за НАТО“, посочи Зеленски на заедничката прес-конференција со Мерц.

Правно обврзувачки безбедносни гаранции

Во заедничката изјава на европските шефови на држави и влади се зборува за „мултинационални сили за Украина“, кои би ги предводела Европа, а кои би биле составени од војници на земјите кои се подготвени да ги стават на располагање. Нивната задача би била да ги растеретат украинските вооружени сили и да им помогнат во обезбедувањето на воздушниот простор и поморските рути во Црното Море. Ветувањата содржани во декларацијата вклучуваат и механизам за надзор на прекинот на огнот, кој би го предводеле САД со меѓународно учество, како и правна обврска на земјите, да преземат мерки за враќање на мирот и безбедноста во случај на каков било вооружен напад врз Украина.

Володимир Зеленски во Берлин помеѓу Фридрих Мерц (лево), Стив Виткоф и Џаред Кушнер (десно)Фотографија: Lisi Niesner/AFP

Новинската агенција Ројтерс повикувајќи се на свои извори, објавува дека Зеленски за време на разговорите во Берлин се согласил да се откаже од членството на Украина во НАТО во замена за безбедносни гаранции од Западот, но нејасно е како би требало да изгледаат таквите гаранции. „Таквите мерки би можеле да вклучат употреба на вооружени сили, разузнавачка и логистичка поддршка, како и економски и дипломатски мерки“, се наведува во соопштението. САД до сега уште немаат заземено официјален став во врска со ова прашање. Висок член на американскиот преговарачки тим, според новинската агенција АФП, рекол дека предложените гаранции се „навистина силни“ и укажал на „многу ефикасно одвраќање“ на Русија со помош на американско вооружување. Но, како што нагласува, не станува збор за распоредување на американска војска.

Член 5 од договорот за НАТО не е магично стапче

Сузан Стјуарт од Фондацијата за наука и политика смета дека изјавата на Европејците со конкретно наведени мерки е „многу важна“ за Украина. Според неа, споменатите потенцијални безбедносни гаранции се слични на оние што членките на НАТО ги имаат врз основа на Членот 5 од Договорот за Алијансата. Имено, во него сојузниците се обврзуваат да обезбедат поддршка на земја-членка во случај на напад. „Член 5 од Договорот за НАТО не предвидува дека на напад мора да се одговори исклучиво со воени средства, туку дека секоја земја треба да ги користи средствата што ги смета за потребни и исправни“, нагласува експертот во интервју за ДВ. Според Стјуарт, треба да се сочека деталите за гаранциите ветени на Киев да бидат објавени, за да се проценува што всушност значат. „Но, сметам дека е многу важно што овој чекор се презема сега - да се наведат точките и да се каже дека ние како Европјани сме подготвени за ова.“ Европската изјава укажува на тоа дека веќе се постигнати „одредени договори со САД“, сметаа Стјуарт. Но, експертот за безбедност од Германскиот Маршалов фонд, Клаудија Мајор, смета дека безбедносните гаранции што се разгледуваат за Украина не може да се споредат со оние на земјите од НАТО. „Тоа е поддршка, но не и законска обврска да се брани Украина во случај на нов напад“, вели таа за првата програма на германската телевизија. Според Мајор, од тоа што моментално се знае не може да се заклучи специфична реакција на евентуален нов руски напад. „Дали тогаш би дошле војници? Дали некој би дошол да ја брани Украина, како во НАТО? Тоа не е случај“, анализира Мајор.

Што мислат во Кремљ?

Веројатно најважното прашање сепак е како Русија ќе реагира на предлозите на Европејците, Украинците и Американците. Тоа прашање виси над сите одлуки и процеси што моментално се одвиваат во Европа, оценува австрискиот воен експерт Маркус Рајснер во разговор со ДВ. Тој не верува дека Русија ќе прави отстапки, бидејќи таа смета дека е „на патот кон победа“. Рајснер укажува на тоа дека „конкретно се работи за прашањето Донбас - дали Русите фактички може да го преземат целиот Донбас, или не. Во моментов, Русите инсистираат на тоа. Путин ќе ја продолжи војната сè додека тоа не се оствари“, вели експертот. Рајснер е скептичен и во однос на потенцијалните безбедносни гаранции за Украина со загриженост дека новите ветувања би можеле да се претворат во уште еден „Меморандум од Будимпешта“ или „Договор од Минск“.

Владимир Путин постојано нагласуваше дека целосна контрола врз Донбас е негова целФотографија: Gavriil Grigorov/AFP

Наведените документи, потпишани во минатото за заштита на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, не ја спречија Русија да ја нападне земјата во 2014 година и повторно во 2022 година. Затоа според Рајснер „може само да се надеваме дека овие безбедносни гаранции, ако ги даваат и САД, се навистина сериозни и дека ќе бидат спроведени.“

Предупредување од „Минск 3“

Вилфред Јилге од Германското друштво за надворешна политика во тој контекст стравува од „Минск 3“, алудирајќи на двата претходни договори кои не донесоа траен мир. Тој особено предупредува на можноста од создавање тампон-зона во Донбас со пристап на руски претставници. По разговорите во Берлин, Володимир Зеленски изјави дека американската страна предлага воспоставување „слободна економска зона“ во Донбас. „Штом Русите се најдат во такво подрачје, макар и да се работи само за полициски сили, може да се очекуваме дека правилата повторно ќе се поткопуваат и ќе бидат манипулирани“, вели експертот за ДВ. Според него, тоа може да предизвика „Украинците повторно да бидат вовлечени во провокации што Русија на крајот ќе ги искористи за да има повод повторно да ја окупира областа“. Јилге додава дека Русија пред сѐ воопшто не ни кажува оти е подготвена да потпише нешто. Првите изјави од Москва по разговорите во Берлин не оставаат многу надеж за брз договор. Кремљ ја отфрла идејата на германскиот канцелар Мерц за примирје за време на Божиќ. „Не сакаме прекин на огнот што би ѝ дал на Украина оддишка и би ја подготвил за продолжување на војната“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. Затоа, руските напади врз Украина веројатно ќе продолжат со несмален интензитет и за време на празниците. Песков вели дека Русија сè уште не добила никакви текстови за западните безбедносни гаранции за Украина. „Штом ги видиме, ќе ги анализираме“, порача Песков.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми