1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Дали Федоров ќе стане предизвик за Зеленски?

Лилија Ржеутска
21 август 2026

Во една видео снимка поранешниот украински министер за одбрана, Михајло Федоров, зборува за корупција, криза во водството и избори. Неговите контроверзни изјави предизвикаа дебата меѓу јавноста и експертите.

Украинскиот политичар Михајло Федеров седи потпрен со рацете на маса
Михајло Федеров за време на неговото видео обраќање на 18 август 2026 годинаФотографија: Mykhailo Fedorov/YouTube/AP Photo/picture alliance

Неделава Украина беше потресена од низа политички скандали. Еден месец откако беше разрешен од функцијата министер за одбрана, Михајло Федоров му се обрати на украинскиот народ во деветминутен говор. Во видео пораката која беше објавена на Јутуб каналот на Федоров вечерта на 18 август, тој објаснува дека Украина не може да функционира без целосно валиден министер за одбрана, но вистинските проблеми според него биле „далеку пошироки од една функција или едно министерство“. Тој зборува за „системска владина криза“ како најголем предизвик, додека корупцијата била само нејзин симптом. Федоров истовремено го критикува фактот дека во Украина не се одржани избори уште од 2019 година. Само неколку часа претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски на парламентот во Киев му го предложи Евхениј Хмара за министер за одбрана, кој како вршител на должноста беше министер уште од 20 јули. На 19 август пратениците го изгласаа на функцијата. 

Министерот за одбрана Евхениј Хмара во парламентотФотографија: REUTERS

Скандал со корупција во институциите

Кога Федоров зборуваше за корупција во владините институции во своето видео, можеби и не насетувал ништо во врска со скандалот кој ќе излезе на виделина само ден по неговиот говор. На 19 август, украинските антикорупциски власти спроведоа рации во домовите на високи функционери, меѓу кои и заменик-шефот на претседателскиот кабинет, Ирина Мудра, и пратеникот Вадим Столар. 

Националното биро за борба против корупција на Украина (НАБУ) објави дека спровело „специјална операција за откривање на криминална организација“ во соработка со Специјализираното обвинителство за борба против корупцијата (САПО). Според истражителите, групата била предводена од сегашен и поранешен пратеник и дејствувала со учество на високи функционери од претседателскиот кабинет. Истиот ден Володимир Зеленски ја разреши Мудра од нејзината функција заменик-шеф на претседателскиот кабинет. Ниту Зеленски, ниту Мудра, ниту шефот на претседателската служба, Кирил Буданов, не заземаа став по ова прашање.

Анкети и улични протести

Во своето видео Михајло Федоров предупредува дека при пополнување на функциите, вреди само личната лојалност, а не професионализам и заслуги, што според него е опасно. Тој смета и дека треба да се најде „легален, безбеден и реалистичен механизам“ што ќе овозможи избори дури и ако војната на Русија против Украина продолжи уште долго време. Избори во земјата се забранети сѐ додека на сила е воена состојба.

Федоров не споменува имиња во својот говор, но кога зборува за приватни интереси во парламентот, во видео записот се гледаат слики од Давид Арахамија. Тој е координатор на владејачката партија на претседателот „Слуга на народот“. Федоров беше принуден да си поднесе оставка од функцијата министер за одбрана на 15ти јули по налог на претседателот. Ден потоа во Киев, Лавов, Днепар, Харков, Запорожје и други градови почнаа протести, а демонстрантите бараа негово враќање на функцијата.

Протест против разрешувањето на министерот за одбрана Михајло Федоров на 16 август во КиевФотографија: Danylo Antoniuk/Anadolu/picture alliance

Според анкета спроведена од институтот „Рејтинг“ на 20 и 21 јули, довербата на јавноста во поранешниот министер се зголемила од 35 на 65 проценти во текот на првата недела од протестите. 72 проценти биле против разрешувањето на Федоров. Анкета спроведена на 5 и 6 август покажува дека Федоров на рејтингот за претседател е на трето место со 12,5 проценти, а листата ја предводи Володимир Зеленски со 25,2 проценти и поранешниот началник на армијата Валери Залужни со 16,7 проценти на второ место.

Ихор Чаленко од „Центарот за анализа и стратегии“ од Киев смета дека Федоров со својот говор се обидел да го консолидира политичкиот капитал што го стекнал за време на протестите. Иако не презентирал целосна предизборна програмаа, сега се позиционира од политички математики како независен политички играч кој би можел да се натпреварува со Володимир Зеленски, вели политикологот. „35 дена луѓето излегуваа на улица. Собирите започнуваа со барања за враќање на Федоров на функцијата министер за одбрана. Но, постои опасност Федоров да потоне бидејќи протестната кампања сè повеќе се фокусира на борбата против корупцијата и заштитата на антикорупциските власти. Затоа, поранешниот министер одлучи политички да се позиционира и да го обезбеди статусот што го постигна“, објаснува експертот во интервју за ДВ.

Нема опозиција на претседателот?

Чаленко не верува дека Федоров влегол во „непомирлива опозиција“ со Зеленски. „Не гледам прекинати врски“, нагласува тој. Иако постои очигледен конфликт меѓу Федоров и потесниот круг околу претседателот, тоа не значи дефинитивно раскинување со владата, смета Чаленко, кој не ја исклучува можноста Федоров да се врати доколку му биде понудена функција. Олексиј Харан од Киевско-Мохилската академија ги смета изјавите на Федоров во врска со обновувањето на државната власт и изборите за важен сигнал. Но, ниту тој не мисли дека има дефинитвен пресврт кон опозиција на претседателот. „Не сме регистрирале никаква критика упатена на сметка на Зеленски“, вели политикологот за ДВ. И Харан забележува дека Давид Арахамија се појавува во видеото на Федоров. Харан смета дека Федоров го користи тоа за индиректно да покаже како се носат политички одлуки и како функционира актуелната влада. 

Претседателот Володимир Зеленски во неговиот кабинетФотографија: Ukrainian Presidentia/Planet Pix via ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Прашање за избори и за промени

Според Харан, Федоров ги изразува желбите на населението во својот говор. Анкетите покажуваат дека Украинците и те како сакаат промена на владата. Но, експертот посочува на еден проблем. „Се согласуваме дека Русија не може да ни диктира кога и како ќе одржуваме избори. Но, прашањето е како да одржуваме избори ако Русија ја продолжува војната?“ нагласува Харан. Тој смета дека, за да  се одржат избори, во најмала рака е потребен стабилен прекин на огнот, а токму тоа го нема во наводите на Федоров. Вадим Денисенко од украинскиот аналитички центар „Бизнис капитал“ смета дека со говорот на Федоров започнува поголема политичка игра. Не се работи за изборна кампања на еден единствен поранешен министер. Во една објава на Фејсбук, Денисенко опишува два развојни правци што се отсликуваат еден месец по оставката на Федоров. Како прво, општественото опкружување што тој го нарекува „Самопомош 3.0“ и кое го вклучува и движењето против корупцијата, гледа политички лидер во Федоров. Второ, некои од поранешните поддржувачи на Зеленски преминаа на страната на Федоров и токму тие се неговите најсилни поддржувачи. Денисенко изјавите на Федоров ги толкува како придонес во дискусијата за обновување на државната власт. Тоа се истите идеи со кои Зеленски настапуваше на предизборната кампања во 2019 година. Иако Федоров во своето видео не ја објави експлицитно намерата да се кандидира на избори, експертот е сигурен дека најблискиот круг на Федоров работи кон можни избори. И од негова перспектива, тој нема што даизгуби. „На предвремени избори, Федоров има шанса да постигне добар резултат. Ако нема избори, тој ќе може да ја зајакнува својата база и дополнително да го ослаби Зеленски“, рече Денисенко.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми