1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: до мир преку територијални отстапки за Русија?

Лилија Ржеутска | Викторија Власенко
27 јули 2024

Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, гласно размислува за можноста за територијален компромис за да се стави крај на војната. Тоа беше изненадување за многумина. Што мислат граѓаните на Украина за тоа?

Киевскиот градоначалник Витали Кличко во Берлин во јуни 2024 година
Киевскиот градоначалник Витали Кличко во Берлин во јуни 2024 годинаФотографија: DW

Во последните недели повторно сѐ почесто се разговара за можноста за завршување на руската инвазија врз Украина на преговарачка маса. Пример за тоа се таканаречената „мировна мисија“ на унгарскиот премиер Виктор Орбан, која самоиницијативно ја покрена, како и изјавата на американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп дека „ќе ја заврши војната во рок од 24 часа“. Поранешниот британски премиер Борис Џонсон пак, го поврза мировниот план со територијалната реалност пред февруари 2022 година, кога започна руската инвазија. Во тоа време Крим веќе беше анектиран, а делови од Луганск и Доњецк беа окупирани.

Но, вистинското изненадување го приреди градоначалникот на Киев, Витали Кличко, зборувајќи за можноста за територијален компромис.

Досега претставниците на украинските власти главно избегнуваа такви формулации. Официјален Киев инсистира на границите од 1991 година. „Дали претседателот на Украина ќе ја продолжи војната со дополнителни жртви и разорувања, или ќе треба да размисли за можен територијален компромис со Путин? Ако стори така, каков ќе биде притисокот од Америка во случај на победа на Трамп? Како ќе му се објасни на сопственото население дека ќе мора да се откаже од делови од територијата, за која животот го дадоа илјадници наши херојски борци?“, рече Кличко во интервју за весникот „Кориере дела сера“. Тој рече дека во таков случај претседателот Володимир Зеленски веројатно ќе мора да организира референдум за можни територијални компромиси.

Дали овие изјави значат дека Украина се отвора за дипломатски решенија? И дали е тоа воопшто прифатливо за луѓето во земјата и за западните партнери?

Политичка пресметка во Киев?

Директорот на Киевскиот центар за политички истражувања „Пента“, Володимир Фесенко изјавите на градоначалникот на Киев ги означува како „погрешен старт“, бидејќи во моментов нема вистински мировни преговори, туку само иницијативи и планови кои не се многу добра основа за преговори, како што посочува Фесенко. Тој додава дека Кличко дава такви изјави заради политичка пресметка со претседателот Зеленски, со кој со години е во конфликт.

„Кличко го потхранува стравот што постои кај населението од таен договор. Но, нема тајни договори, сè уште нема ниту мировни преговори“, вели Фесенко. Тој додава дека и онака е невозможно да се склучи таен договор, бидејќи тој сепак би морал да се спроведе со поддршка на општеството. „Тогаш ќе биде потребна согласност на референдум, со цел Зеленски да не прави сам отстапки”, вели Фесенко.

Роџер Хилтон од меѓународниот тинк-тенк ГЛОБСЕК со седиште во Братислава вели дека претходните две тешки години на војна принудија некои украински политичари да зборуваат за можни територијални отстапки. „Тоа што слушаме такви зборови од устата на човек како градоначалникот Кличко е признание дека државата е исправена пред тешки политички одлуки“, вели овој експерт. Тој додава дека ваквите изјави би можеле да бидат внатрешно-политички тест со цел да се открие до кој степен украинското општество ја поддржува таквата позиција.

Комбинирана фотографија: Володимир Зеленски и Витали Кличко, 2022 година.Фотографија: ZUMA Press Wire/dpa/picture alliance

Според Хилтон, Кличко никогаш не криел дека сака да стане претседател, па ја користи можноста да постигне политички придобивки врз основа на прашањето за мирно решение. Хилтон вели дека поради војната годинава не се одржале претседателски избори, па ваквите изјави би можеле да се сметаат за дел од предизборна кампања. Хилтон анализира дека територијални отстапки би биле лоши и за Европа.

„Мислам дека повеќето западни сојузници не би прифатиле Украина да се откаже од дел од својата територија, бидејќи тоа ќе донесе низа нерешливи проблеми во Европа. Дополнително, на глобално ниво, тоа би било преседан за други авторитарни режими, кои сакаат нелегално да припојат некои области“, вели овој експерт.

На какви отстапки би се согласило украинското општество?

Според анкетите, од пролетта 2023 година се зголемува бројот на оние кои би биле подготвени да направат отстапки во име на мирот. Во мај годинава ги имало 32 отсто, а во мај 2023 година биле само десет отсто. Мнозинството од испитаниците, 55 отсто од нив, се против какви било територијални отстапки за Русија. Ова се овомесечните податоци на Киевскиот меѓународен институт за социологија (КИИС).

Ако ги споредиме бројките од периодот меѓу мај 2022 година и мај 2023 година, тогаш само осум до десет проценти од испитаниците биле подготвени за територијални компромиси, а огромното мнозинство - од 82 до 87 проценти - биле против какви било отстапки.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми