1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: Како се менуваат руските воени цели

Александра Иванова
29 јули 2022

Во повеќе од пет месеци од почетокот на руската инвазија во Украина, изјавите на руските претставници за причините и целите на Москва повеќепати се променија. ДВ потсетува на најважните.

Ukraine Feuerwehrleute löschen ein Feuer in einem beschossenen Haus in Bakhmut
Фотографија: Diego Herrera Carcedo/AA/picture alliance

„Русија ќе му помогне на украинскиот народ да се ослободи од апсолутниот режим кој е против народот и историјата,“ изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров на состанокот на Арапската лига во Каиро на 24 јули, пренесе агенцијата ТАСС. Русија „го жали украинскиот народ“ кој заслужува „многу подобро“. Речиси три месеци претходно шефот на дипломатијата рече нешто сосем друго – целта на Москва е да се заштити населението во Донбас. Кремљ не цели кон  промена на власта во Киев

ДВ резимира како изјавите на рускиот претседател Владимир Путин, министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и други руски претставници за целите на Москва во војната против Украина се променија во последните пет месеци.

Јули: Проширување на „географските цели“

На 20 јули, Лавров за руската државна агенција РИА Новости и за руската телевизија РТ изјави дека Москва сака да продолжи со „денацификација и демилитаризација на Украина“ за таа да не претставува опасност или воена закана за Русија. Тој додаде: „Не станува збор само за  Народните републики Доњецк и Луганск,  туку и за  регионите Херсон и Запорожје  и голем број други области“.

Лавров не ја исклучи можноста за проширување на „географските цели“ во војната против Украина надвор од таканаречените „Народни републики“, додавајќи дека „во актуелната ситуација“ нема поента да се преговара со Украина. Ова предизвика бурни реакции во украинските медиуми. Претпоставките беа дека е можно Русија да „подготвува терен за анексија на јужна Украина“.

Мај: „Целта не е промена на власта во Киев“ 

Буквално три месеци пред неговата последна изјава во Каиро, Лавров тврдеше дека Русија нема никаква намера да го собори сегашното раководство во Киев на чело со претседателот Володимир Зеленски. 

„Ние не бараме од него да се предаде. Бараме да даде наредба да ги ослободи сите цивили и да престане отпорот. Не ни е целта да се смени режимот во Украина. Тоа е американски специјалитет, тие се занимаваат со тоа низ целиот свет“, изјави Лавров на 1 мај за италијанскиот „Медиасет“.

Вистинската цел на Русија е „да осигура безбедност на луѓето во источна Украина, за да не им се заканува милитаризација и нацификација и да не биде загрозена безбедноста на Руската Федерација од украинска територија“, објасни Лавров во тоа интервју. Тоа беше негово прво интервју за европска телевизија од почетокот на војната во Украина.

Подоцна, на 31 мај, на средба со Хусеин Ибраим Таха, генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка, ОИК, Лавров рече дека „западните колеги“ ја користат ситуацијата во Украина за да „спречат појава на мултиполарен свет“. 

Руски војници во близина на Мелитопол во УкраинаФотографија: AP/picture alliance

Март и април: Неутралност на Украина и ограничување на НАТО

Наводната закана за Русија од Западот, пред сѐ од НАТО, стана главна тема во говорите на руските политичари по почетокот на војната. Тие постојано повторуваа дека Украина мора да биде неутрална. Само така може да се спречи нејзино членство во НАТО. Ова го нагласи и Владимир Путин на средбата со претставниците на руските авиокомпании на 5 март. Тој тогаш додаде и дека во случај на конфликт меѓу Русија и НАТО, сите ќе бидат „свесни“ за последиците. 

Кусо пред тоа, на 1 март, помалку од една недела по почетокот на руската инвазија во Украина, рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу на телевизија изјави: „Најважно е Руската Федерација да се заштити од воената закана од западните земји кои се обидуваат да го искористат украинскиот народ во борба против нашата земја.“ 

На крајот на март, кога руската офанзива против главниот град Киев пропадна, реториката значително се промени.  „Денацификацијата и демилитаризацијата“  западнаа во втор план. Приоритет доби поддршката на Донбас и решавањето на конфликтот преку преговори. На брифингот на 25 март, заменик-началникот на рускиот Генералштаб, генерал-полковник Сергеј Рудској, изјави дека целта на „руската специјална операција е да им помогне на луѓето во Народните републики Луганск и Доњецк кои осум години страдаат од геноцидот од режимот во Киев.“ 

Меѓутоа, во април, руските официјални лица повторно зборуваа за руската конфронтација со НАТО и САД. На 11 април, Сергеј Лавров за државната телевизија „Росија 24“ изјави: „Нашата специјална воена операција има за цел да стави крај на непромисленото проширување на курсот кон целосна доминација на САД и останатите западни земји под нивна контрола во меѓународната арена“. Западот ја претвори Украина во „полигон за конечно потиснување на Русија“, но Русија „никогаш нема да заземе подредена позиција“.

И Димитриј Медведев, шеф на рускиот Совет за безбедност, се залага да се спречи  воено членство на Украина во НАТО.  За рускиот весник „Аргументи и факти“ на 29 јуни изјави дека тоа би било поопасно за Русија отколку членство во НАТО на Шведска и Финска. Истовремено тој нагласи дека Крим е веќе засекогаш дел од Русија: „Секој обид да се влезе во Крим ќе биде објава за војна на нашата земја. Ако тоа го стори земја членка на НАТО тогаш тоа ќе биде конфликт со Северноатлантската Алијанса, Трета светска војна, една целосна катастрофа.“ Истото го кажа и Владимир Путин во март на средбата со претставниците на авиокомпаниите. 

24 февруари: „Заштита на луѓето во Донбас“ 

Во телевизиското обраќање на Путин на 24 февруари, кога тој ја најави руската инвазија и ја нарече „специјална воена операција“, посвети голем дел за наводната закана за Русија од натамошното ширење на НАТО кон исток. Во говорот, Путин уште тогаш изјави дека целта е „да се заштитат луѓето кои осум години беа подложени на тиранија и геноцид од режимот во Киев“. „Затоа сме посветени на демилитаризација и денацификација на Украина. Ќе ги изведеме пред лицето на правдата и оние кои извршија многу крвави злосторства врз цивилите, вклучително и граѓани на Руската Федерација“, рече Путин. Во тоа време, тој уверуваше дека Москва нема планови за окупација на украинска територија.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми