1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина е убедена дека ќе стигнат западни борбени авиони

Франк Хофман | Микола Бердник
11 февруари 2023

Одлуката за западни борбени авиони веќе е донесена, велат украински аналитичари. Во моментов само се размислува кој тип на авиони да бидат користени.

Полски борбени авиони Ф-16
Полски борбени авиони Ф-16Фотографија: Lithuanian Ministry of National Defense/AP Photo/picture alliance

Воени аналитичари во Украина се убедени дека за само неколку месеци земјата ќе располага со западни воени авиони. „Темата е на дневен ред и мислам дека решението претстои во наредните месеци”, вели прочуениот воен аналитичар во Киев, Тарас Чмут, во разговор со ДВ. „Веќе во втората половина или кон крајот на годината авионите би можеле веќе да бидат во Украина”, заклучува тој и оценува дека со сигурност од „99,8 проценти политичката одлука" е веќе донесена. Практичната реализација на плановите за борбени авиони веќе сега според Чмут е „до околу 70 проценти", односно разрешување на прашањата околу обуката на украински пилоти и персонал на копно. Чмут е убеден дека украинската војска „брзо се ангажирала за промена на тактиката” за да интегрира модерна флота на борбени авиони во неа. 

Дебата за да се збуни Кремљ 

Де факто многу нешта укажуваат на тоа дека координациите на Киев со повеќе од 50 западни држави поддржувачи, дел од контакт групата за Украина под водство на САД, веќе се во напредната фаза и дека украинската проценка е поблиску до реалноста отколку што може да се добие впечаток ако се следи дебатата во јавноста на Западот, а посебно во Германија. Канцеларот Олаф Шолц неодамна во интервју за весникот „Тагесшпигел” изјави дека испорака на борбени авиони не е на дневен ред. 

Француски воен авион Рафал: Францускиот претседател Макрон не исклучува можност за нивно испраќање во УкраинаФотографија: Michael Varaklas/AP Photo/picture alliance

„Притоа се работи за оружје со значително поголем стратешки потенцијал кое може многу повеќе да влијае на текот на војната отколку тенковите”, смета воениот експерт Чмут. Кон средината на февруари контакт групата треба повторно да се сретне во базата Рамштајн. „Продолжува работата околу набавка на борбените авиони од типот Ф-16", напиша Андриј Јермак, советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски, уште кон крајот на јануари, околу една недела по последната средба во Рамштајн. „Имаме позитивни сигнали од Полска, која е спремна да ни ги даде во согласност со НАТО."

Американскиот претседател Џо Бајден неодамна на прашање на новинарка дали САД ќе дадат Ф-16 авиони на Украина, одговори со „не” што весникот „Њујорк тајмс” го толкува како веќе видена шема, односно Украина прво јавно упатува барање за модерно западно оружје, кое што администрацијата на Бајден најпрво го одбива, а потоа заткулисно сугерира дека тој тип на оружје многу побрзо ќе го добијат од европските сојузници. Потоа во јавно заземени ставови ќе се префрла топката сѐ додека Вашингтон не ги отвори портите за нови системи. Јавно изведувана медиумска театарска претстава која можеби треба да придонесе за тоа да се збунат руските агресори и Кремљ. 

Американски тинк-тенк ја критикува германската неодлучност

Повеќемесечноте дебати за испораката на западни оклопни возила како на пример „Леопард 2” од германско производство, можеби дури и ја забрзаа одлуката за западни борбени авиони. На фронтот на истокот и југот на Украина руската армија истовремено на повеќе места отпочна офанзиви за да ја поврати иницијативата на военото поле. Украинската армија за разлика од доцна летоска минатата година кога успеваше да поврати окупирани територии, сега повторно е под притисок. Во Вашингтон критички се оценува повеќемесечната неодлучност на германскиот канцелар Олаф Шолц. 

„Постојаните одолговлекувања при ставањето на располагање на западна опрема кога веќе се гледаше дека е потребна или наскоро ќе биде, придонесоа за продолжување на конфликтот", напиша кон крајот на јануари Институтот за воени студии ИСВ. 

Одобрувањето за тенкови и оклопни возила дадено во јануари според ИСВ е важно за „натамошни контраофанзиви”, но одолговлекувањето „при издавањето на одобрението можеби ја чинеа Украина шансата за контраофанзива уште оваа зима”. И германскиот експерт за Украина, Нико Ланге, од Минхенската безбедносна конференција во актуелниот блог за ситуацијата во Украина зборува за „промашена шанса”. Русија добила „време да го зголеми бројот на трупите, да ги зацврсти одбранбените позиции, да обучи нови сили и да ги упати во дејствијата”, оценува Ланге. „Нападите на Русија во најлош случај може да доведат до тоа Украина да остане со премалку резерви и премалку време за вежби со оружје и најдобра можна подготовка на контраофанзивите."

Карта на американскиот тинк-тенк „Американ ентерпрајз институт” покажува колку силно руските сили во меѓувреме ги зацврстиле линиите долж фронтот во Украина. Истовремено земјите поддржувачи на Украина под водство на САД уште припоследната средба во Рамштајн направија квалитативно голем скок во однос на ветеното оружје, пред сѐ со ГЛСДБ ракетите на американската компанија Боинг и на шведскиот концерн Сааб. Оружјето според податоците на производителот има дострел од 150 километри и дури минатата есен, односно по почетокот на војната во Украина, беше промовирано на пазарот. 

Разорен руски ракетен напад во украинскиот град Херсон, јануари 2023Фотографија: GENYA SAVILOV/AFP/Getty Images

Мали единици со борбени авиони распределени насекаде во Украина?

Во Лондон реномираниот тинк-тенк „Ројал јунајтед сервис институт” (РУСИ) кој ја советува и британската армија, уште на почетокот на ноември, односно кога дебатата околу тенковите на Западот беше во најжешка фаза, бараше испорака на борбени авиони за Украина. „На украинската армија и` се потребни модерни западни воени авиони и ракети", за да ја држи руската воена авијација на дистанца. Притоа веќе „мал број на западни авиони веројатно ќе имаат застрашувачки ефект”, пишува воениот експерт Џастин Бронк. РУСИ препорачува западни борбени авиони да се распределат во мали формации во Украина. „Секој еден воен авион што ќе биде кратко- до среднорочно испорачан, мора да биде во состојба да оперира на различни локации со тоа што ќе користи мобилни уреди за одржување и мали тимови за поддршка и да полетува од релативно непристапни писти за да се избегне негово неутрализирање од страна на руски ракети со голем дострел", велат од РУСИ. 

Кон крајот на јануари портпаролот на украинското воено воздухопловство, Јуриј Ихнат, во интервју за француска телевизија дозволи поглед врз нивната листа со потреби. „Мора да поставиме до пет тактички воздухопловни бригади опремени со еден единствен тип на западни повеќенаменски авиони", оцени Ихнат во разговорот кој беше емитуван пред неколку дена. Во моментот се работи само уште за тоа „од кој тип ќе биде авионот”.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми