1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина никогаш нема да му пристапи на НАТО?

Лилија Ржеутска
10 август 2026

Поранешниот началник на украинската армија, Валери Залужни, повикува на барање нови безбедносни формати, наместо да се чека членство во НАТО. Дали оваа проценка е реална и дали постојат алтернативи?

знамиња на Украина и на НАТО
Дали постои НАТО перспектива за Украина?Фотографија: Jakub Porzycki/NurPhoto/picture alliance

„За жал, ние никогаш навистина нема да пристапиме.“ Овие зборови на Валери Залужни за изгледите на Украина за пристапување во НАТО во последните денови предизвикаа големо внимание. Според него, пречката за членството на Украина во Северноатлантската алијанса лежи во фактот што е „невозможно, со сегашното ниво на развој на украинските вооружени сили, да се пристапи кон организација што се води според доктрини од Втората светска војна“.

Поранешниот врховен командант на украинските вооружени сили, а денес украински амбасадор во Обединетото Кралство, се залага за посилно насочување кон други, според него поефикасни формати на безбедносна соработка. Ова поттикна дебата во Украина за идната евроатлантска ориентација на земјата. 

„Русија го користи стравот на НАТО од војна“

Павло Лакијчук од украинскиот Центар за глобални студии „Стратегија XXI“ оценката на Залужни ја нарекува повеќе „ладен туш“, што сепак им користи на Украинците. Во разговор за ДВ тој вели дека алијансата денес се соочува со тешкотии кои се длабоко вкоренети во историјата.

Украинскиот амбасадор Валери Залужни во Даунинг стрит во ЛондонФотографија: Wiktor Szymanowicz/ZUMA/picture alliance

По распадот на Советскиот Сојуз на почетокот на 1990-тите години, НАТО го загубил својот главен противник и морал да бара нова улога. 

„Со распадот на Варшавскиот пакт и Советскиот Сојуз, НАТО западна во идентитетска криза. Одеднаш почна да се зборува за борба против пиратството и трговијата со дрога и за мировни мисии. Во тој период Европа во голема мера ја загуби својата одбранбена способност“, вели Лакијчук.

Најголемиот проблем на НАТО денес, според Лакијчук, покрај воените способности, е и психолошкиот страв на земјите-членки од војна.

„НАТО денес се плаши од војна. Кога некој се плаши, а непријателот го забележува тоа, повеќе нема одвраќање, туку уцена. Токму тоа го користи Русија“, објаснува тој.

Лакијчук забележува дека во многу западни престолнини Украина сè уште не се гледа како незаменлив фактор за европската безбедност. Во Европа, според него, и натаму преовладува уверувањето дека ризиците од пристапувањето на Украина во НАТО би ги надминале придобивките. Но, доколку се препознае дека токму Украина, заедно со своите сојузници, би можела да ја брани Европа, ситуацијата би изгледала сосема поинаку.

На Киев му треба НАТО повеќе отколку обратно?

Серхиј Џерџ од Граѓанската лига „Украина-НАТО“, напротив, смета дека е прерано да се заклучи дека пристапувањето на Украина во НАТО е невозможно, бидејќи меѓународната ситуација постојано се менува. Во разговор за ДВ тој нагласува дека треба да се размисли кому всушност Залужни ги упатил своите изјави.

Џерџ претпоставува дека зборовите на поранешниот врховен командант можеби биле упатени кон западните партнери на Украина, како повик поактивно да го туркаат напред украинското членство во НАТО. 

Според овој експерт, интеграцијата во Северноатлантската алијанса не се ограничува само на прашањето за идното членство. Тој потсетува дека токму соработката со НАТО, уште пред почетокот на преговорите за пристапување во Европската Унија, создала основа за сеопфатна реформа на украинската држава.

„Приближувањето кон НАТО му е помалку потребно на сојузот, а многу повеќе на самата Украина. Ние ја реформираме својата армија, јавната администрација и безбедносниот сектор. Овие промени, пред сè, ни се потребни нам самите“, објаснува Џерџ.

Тој е уверен дека дури и ако патот кон членството во НАТО се покаже подолг од очекуваното, тоа не би било причина за напуштање на тој стратешки курс, кој е вграден и во украинскиот устав.

Нови безбедносни сојузи и Украина

Олексиј Мелник од украинскиот Истражувачки центар Разумков смета дека изјавите на Залужни за потребата од нови сојузи не значат отфрлање на НАТО. Мелник укажува на развојот што започна со промената на безбедносното опкружување и појавата на сомнежи во единството на самата алијанса.

„Веќе ја гледаме ‘коалицијата на волните’ и продлабочувањето на соработката на Украина со Обединетото Кралство, Франција, Германија, балтичките земји и Скандинавија. Овие формати во иднина би можеле да добијат поголема институционална форма“, смета Мелник.

Според него, ваквите формати навистина се темелат на заеднички безбедносни интереси, но не можат да го заменат НАТО.

„Кога зборуваме за воено-политички сојуз, во моментов не постои алтернатива на НАТО“, изјавува експертот за ДВ. 

Дали поддршката од Германија, Велика Британија и Франција е алтернатива на НАТО за Зеленски?Фотографија: Tim Rooke/SIPA/picture alliance

Мелник нагласува дека речиси сите потенцијални учесници во новите коалиции и самите се членки на НАТО. Затоа тие не би создавале конкуренција на Северноатлантската алијанса.

„Не станува збор за алтернатива, туку за дополнување. Украина мора да го задржи својот стратешки курс кон членство во НАТО и истовремено да развива дополнителни безбедносни механизми“, советува тој.

Мелник не смета дека патот на Украина кон НАТО е конечно затворен. Според него, главната пречка за членството во моментов е самата војна.

„Да се покани Украина во НАТО сега би значело автоматски вовлекување на алијансата во војна со Русија. Ниту една членка денес не е подготвена за тоа“, вели експертот.

По завршувањето на борбите, ситуацијата би можела значително да се промени. Затоа Мелник смета дека сè уште е прерано да се тврди дека вратите на НАТО се затворени за Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми