Половина милион долари награда за пребегнат руски пилот
6 септември 2023Во Украина, дезертираниот руски пилот кој им предаде хеликоптер Ми-8 на украинските вооружени сили треба да добие награда од половина милион долари или околу 463 илјади евра.
Портпаролот на украинското воено разузнавање Андриј Јусов во вторникот на телевизија изјави дека парите ќе бидат исплатени во националната валута гривна. Тој ги повика другите руски воени лица да го следат примерот. Случајот со 28-годишниот Русин, кој исто така се појавува во јавноста, со денови го пренесуваат украинските медиуми.
И Русија нуди награди за уништување на воена техника
Украина има официјален список на награди за воена опрема што руските војници можат да ги предадат. Еден тенк, на пример, чини 100.000 американски долари. Во Русија, пак, се плаќаат бонуси за уништување на авиони, тенкови и друго оружје. „Украина е демократска уставна држава. Ние ги исполнуваме нашите сопствени обврски и меѓународното право“, рече Јусов. Тој упати апел до руските војници:
„Оние Руси кои не сакаат да станат воени злосторници, ве молиме предајте се, пребегнете на украинската страна и бранете ја сопствената чест и совест, борете се против режимот на Путин!“, порача Андриј Јусов, портпарол на военото разузнавање.
Тајната служба го убедила младиот човек да пребега во долга специјална операција. Според интернет порталот „Украјинска правда“, хеликоптерот слетал во источниот украински регион Харков. Двајца неупатени членови на екипажот биле убиени. Пилотот, во моментов, се наоѓа во Украина со семејството, кое претходно побегнало од Русија.
Во земјата се наоѓа и хеликоптерот, во кој се вели дека имало резервни делови за руските борбени авиони. Украина се брани од руската агресорска војна повеќе од 18 месеци со западна воена помош.