1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украина: Притисок на многу фронтови

13 јули 2024

Украинските трупи успеаја да спречат голем пробив во сегашната руска офанзива. Но, притисокот останува висок. Како воените експерти ја оценуваат ситуацијата на фронтот?

Украина: Притисок на многу фронтови
Украина: Притисок на многу фронтовиФотографија: Ukrainian Armed Forces / REUTERS

Линијата на фронтот на руската агресорска војна против Украина е долга повеќе од 1.200 километри. Борбите се водат во Херсонската област на југ, Запорожје на југоисток и Харков, Доњецк и Луганската област во источна Украина, при што регионот Луганск е речиси целосно окупиран од Русите.

Сергеј Осачук е офицер на граничните трупи стационирани во градот Краматорск и е одговорен за интеракцијата со армијата и распоредувањето на сите баталјони и бригади на граничните трупи на источниот фронт. „Источниот фронт гори“, вели тој, сумирајќи ја ситуацијата.

Руските војници деноноќно ги напаѓаат и гранатираат украинските позиции  со сите расположливи средства, рече Осачук. Тој нагласува дека не зборува во име на целокупните украински одбранбени сили.

Тактики на пеплосана земја

Украина е под притисок  на неколку фронтови, објаснува украинскиот воен аналитичар Олександр Коваленко. „Руските сили ја интензивираат својата офанзива, со сè поинтензивно воздушно бомбардирање, оставајќи пустош во градовите и селата“, објаснува тој.

Украина: Од градот Часив Јар се останати само урнатиниФотографија: Press service 24 Mechanised brigade/AP/picture alliance

Украинските војници од градот Часив Јар велат дека веќе ништо не може да се одбрани. Руската армија користи тактика на изгорена земја. Повеќе од една третина од борбите се водат околу Покровск, а во регионот на Доњецк со помош на воздухопловните сили продолжуваат да ја уништуваат околината на селото Њујорк.

Североисточните погранични области околу Суми и Чернихив се под постојан гранатирање. Руската армија првенствено ја користи супериорноста на своите воздухопловни сили, објаснува Коваленко.

Лизгачки бомби и дронови со катастрофални последици

Во последниве недели, „рускиот огнен валјак“ стана уште поинтензивен, вели Сергеј Ошчук, Русија користи практично бесшумни бомби и најмалку двојно повеќе руски камикази дронови против украинските позиции во регионот на Доњецк. Русија исто така таму користи меѓународно забрането оружје, како што се гасни бомби.

Командата за поддршка на украинските вооружени сили објави дека Русија во мај 2024 година 715 пати употребила муниција со забранети хемиски соединенија, пред сѐ во беспилотни летала. И покрај притисоците, офицерот Осачук наведува дека забележливите успеси на руските трупи на теренот можеле да се спречат - на пример со помош на украински и странски беспилотни системи и електронско војување. Во исто време, според украинските информации, Русија губи многу војници, материјална и воена опрема.

Се чека на авионите Ф-16

Украинската пратеничка Олександра Устинова од опозициската партија Голос истакнува дека испораката на борбени авиони Ф-16 би можела да ја подобри ситуацијата, но обуката на украинските пилоти во САД кочи.

Според „Њујорк тајмс", Белгија, Данска, Холандија и Норвешка се обврзале да ја снабдат Украина со повеќе од 60 борбени авиони Ф-16, кои би можеле да ѝ бидат испорачани оваа година. Но, останува нејасно кога ќе можат да почнат да се користат, објаснува Устинова.

Од друга страна, Русија се подготвува за борбените авиони Ф-16 кои треба да ѝ  бидат испорачани на Украина. Од јуни 2024 година, Кремљ систематски ги напаѓа воените аеродроми во Украина, особено во Миргород, Полтавската област и во областите Хмелницки и Киев. Британското разузнавање ги поврзува овие напади со очекуваната испорака на модерни борбени авиони.

Порака до НАТО

Украинското раководство смета дека неодамнешниот  напад на детската болница во Киев  беше сигнал до НАТО, дека Русија сакала да ја демонстрира својата сила пред самитот на НАТО.

Руски ракетен напад врз детска болница во КиевФотографија: Anna Pshemyska/DW

Воениот експерт Олександар Коваленко наведува дека нападот со крстосувачка ракета, оружје со висока прецизност, покажува и дека на Киев, како и на другите градови во Украина, им е потребна  висококвалитетна воздушна одбрана -  слична на онаа во Израел. Тој очекува дозвола од меѓународните партнери да ја нападне Русија со западно оружје.

Сепак, сѐ додека беснее руската агресорска војна против Украина, земјата нема да стане членка на НАТО. Дотогаш, Киев ќе се потпира на билатералните безбедносни договори, вклучувајќи ги и оние со САД и Германија.

Сепак, за офицерот на граничните трупи Серги Осачук, „ сѐ освен  членството во НАТО  е илузија“.

Автори: Андреа Бер и Биргит Вирних, АРД Киев

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми