1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Украина: реформа на воената служба среде војна

Лилија Ржеутска
11 ноември 2023

Во украинската армија има недостиг на војници. Владата во Киев со различни мерки сака да го направи служењето војска попривлечно. Тоа ја вклучува и новата кадровска политика.

плакат армија Украина
Борба против недостигот на персонал: оглас за служба во украинската армијаФотографија: David Allignon/Maxppp/picture alliance

Повеќе од година и пол по почетокот на руската агресивна војна, се помалку Украинци сакаат да служат воен рок. Ова го потврдуваат офицерите на украинската армија и врховниот командант на вооружените сили на таа земја, генерал Валериј Залужни. За лондонски „Економист“, Залужни исто така ги наведе причините за тоа: „Војната трае долго, има ограничени опции за ротација на војниците на линијата на фронтот и дупки во законодавството што овозможуваат да се избегне мобилизација во очигледно легален начин“. Тие фактори значително ја намалија мотивацијата за служење воен рок. 

Андриј Косинчук, воен психолог и офицер на украинските вооружени сили, ја потврдува оценката на неговиот врховен командант. „Има се помалку луѓе на фронтот: умираат, губат екстремитети, се разболуваат, стареат. Во мојот баталјон тројца војници беа испратени дома бидејќи наполнија 60 години. Јас моментално сум во болница. Има недостиг од борци. Без луѓе, нема да можеме да направиме ништо, дури и ако имаме модерни дронови, тенкови и авиони. Со нив управуваат луѓе“, изјави Косинчук за ДВ. Другите команданти сега јавно изјавуваат дека треба да се прошири украинската армија, да се зајакнат единиците, да се овозможи ротација.

Командантот на вооружените сили на Украина, генерал Валериј Залужни (фотографија од февруари 2022 година)Фотографија: Photoshot/picture alliance

Воените претставници велат дека дополнителен проблем е тоа што нема јасни рокови за демобилизација на оние кои се во служба повеќе од година и половина. Тоа ги исклучува луѓето кои всушност би сакале да се приклучат на војската.

Затоа владата во Киев се обидува да го направи воениот рок попривлечен. Министерството за дигитална трансформација започна пилот-проект наречен „Паметна мобилизација“, кој им овозможува на Украинците сами да изберат своја улога во армијата.

Атрактивни понуди за воена служба

„Едно лице избира да лета со дронови или генерално да служи во единица за напад со беспилотни летала. Може да биде инженер или возач, сите позиции се достапни. И најважно е дека ако некој се пријави и ги помине тестовите, тогаш ќе се обучи и дефинитивно ќе заврши во единицата за напад со беспилотни летала. Тој човек дефинитивно ја добива функцијата за која конкурирал“, тврди министерот за дигитална трансформација Михајло Федоров.

Во исто време, генералот Залузни ветува дека обуката на мобилизираните ќе се одвива под раководство на искусен воен персонал. „Воведуваме и 'борбена обука', каде мобилизираниот и новообучен персонал се испраќа во искусни единици на фронтот“, нагласува врховниот командант на украинските вооружени сили.

Андри Косинчук смета дека тоа подобро ќе ги мотивира цивилите да се приклучат на армијата. „Не верувам во присила. Можеме да се спротивставиме на ова објаснувајќи им на луѓето колку е важно да се идентификуваат со државата и во исто време да имаат избор. Ако некој знае што сака, соодветно ќе се бори“, истакнува воениот психолог.

„Борете се!“ - оглас за Третата јуришна бригада на вооружените сили на УкраинаФотографија: DW

Да се пронајде вистинскиот пристап

Експертите објаснуваат како може да се подобри мотивацијата за воена служба. На овој начин, потенцијалните регрути не го слушаат само она што вели државната „победнички ориентирана“ информативна политика, туку детално и искрено им се опишани предностите и недостатоците на воената служба.

Во овој контекст, експертот за безбедност во Киевскиот истражувачки центар „Разумков“, Олексиј Мелник, ја споменува кампањата за регрутирање на Третата јуришна бригада на вооружените сили на Украина. Тие се рекламираат на плакати во градовите, но и на социјалните мрежи. Според Мелник, таквата кампања е многу поефикасна отколку да повикате некого да се јави со одделот за регрутирање. Пристапот е доброволен и заснован на реални информации: „Така добивате мотивирани луѓе кои најдобро ги исполнуваат барањата“, вели Мелник.

Ова е очигледно целта на новиот концепт на кадровската политика на армијата до 2028 година, што го потврди и украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров. Ова треба да им овозможи на вооружените сили да воведат служба врз основа на договори. Задолжителниот воен рок, очигледно, ќе биде заменет со интензивна воена обука за граѓаните кои се на возраст за да служат задолжителен воен рок.

Министерството за одбрана тврди дека Украина на тој начин ќе добие ефикасен систем на регрутирање професионален и мотивиран персонал за своите вооружени сили. Притоа, велат од Министерството, се следи пристап ориентиран кон луѓето и се води сметка за обуката и стручното усовршување на воениот персонал, како и родовата еднаквост. Министерството за одбрана на припадниците на армијата им ветува ефикасна и транспарентна плата, како и гарантирано сместување.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми