1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Што ако биде дигната во воздух централата Запорожје?

Лилија Ржеутска
10 јули 2023

Киев предупредува дека руски војници може да имаат поставено експлозив во два блока од атомската централа во Запорожје. МААЕ сака да го расчисти сомнежот. Експлозија би можела да предизвика радиоактивно зрачење.

атомска централа Запорожје Украина
Украинскиот генералштаб предупредува дека руските војници во два блока на централата Запорожје поставиле „предмети налик на експлозив”Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Уште во првите месеци од руската окупација на атомската централа Запорожје, пролетта 2022 година, украинската компанија „Енергоатом” која управуваше со неа, наведе дека руските окупатори веројатно ја минирале. По уништувањето на браната Голема Каховка на почетокот на јуни, за што се претпоставува дека е дело на руската армија, Киев соопшти дека окупаторите го имаат минирано резервоарот со вода за ладење. Украинскиот генералштаб сега предупредува дека руските војници во два блока на централата поставиле „предмети налик на експлозив”.

Меѓународната атомска агенција пак кон крајот на јуни извести дека нема најдено знаци за мини или други експлозивни направи во централата. Првиот човек на Агенцијата, Рафаел Гроси, соопшти дека на експерти од Агенцијата им е потребен пристап до други делови од централата за дефинитивно да ја исклучат можноста дека е поставен експлозив.

Експертска комисија од Меѓународната агенција за атомска енергија ја посети нуклеарката Запорожје Фотографија: Alexander Ermochenko/REUTERS

Слаба точка: системот за ладење

Украинскиот експерт за нуклеарна безбедност Олга Кошарна нагласува дека уништувањето на важни делови од системот за ладење претставува директна закана за централата. 

Клучна улога притоа игра водата од резервоарот со која се ладат горивните елементи на реакторите за да не се стопат од прегревање. 

Шесте блока од Запорожје од минатата есен веќе не работат. Пет од нив се во модус на ладење. Димитро Хеменјук од Центарот за нуклеарна безбедност и безбедност од радијација во Украина, објаснува дека во таков случај реакторите мора да се ладат затоа што горивните материи и натаму зрачат топлина, но водата со која се ладат веќе не може да испарува. Ако системот за ладење биде уништен и водата истече, по осум дена според експертите ќе настане хаварија. 

Шестиот реактор според нив се наоѓа во топол модус, иако Меѓународната агенција уште пред четири недели побара и тој да биде префрлен во модус на ладно исклучување. 

Тука водата за ладење брзо може да достигне 280 степени и во случај на дефект брзо ќе испари, со што би останале само 27 часа временски простор да се преземат мерки за да се спречи радијација. 

„Мислам дека сите овие уцени и закани се со цел да се спречи контраофанзивата на украинската армија во регионот", вели Олга Кошарна. 

Сценариото од Фукушима и во Запорожје?

Експлозија во било кој дел одсистемот за ладење во Запорожје би можела да предизвика сценарио како во јапонската централа Фукушима, каде во 2011 година како последица на земјотрес и поплава предизвикана од цунами, имаше прекин во ладењето на три реактори. Тоа доведе до топење на радиоактивниот горивен материјал и ослободување на радиоактивно зрачење.  „Потоа беше одредена зона за евакуација и луѓето кои се наоѓаа во неа мораа да ги напуштат своите домови. По три години многумина се вратија назад, затоа што радијацијата беше на ниско ниво, а денес е затворена само уште само една третина од првобитната зона”, вели Марк Железнијак од Институтот за радијација во животната средина од Фукушима. 

Тој смета дека потенцијалната опасност што произлегува од Запорожје е помала отколку на времето во Фукушима и додава дека „не би се случила катастрофа со радијација затоа што во исклучен блок не може да дојде до ослободување на радиоактивен јод". Овој научник советува да не се прави паника и да не се купуваат таблети со калиум и јод кои треба да ја заштитат штитната жлезда од радиоактивен јод. 

Колкава е потенцијалната опасност што произлегува од атомската централа Запорожје?Фотографија: Dmytro Smolyenko/imago images

Загрозен радиус од 2, 5, 20 или 550 километри? 

Центарот за нуклеарна медицина и безбедност од радијација во Украина има разработено две сценарија во случај на хаварија во централата.

Во првото сценарио, еден метар дебелата бетонска заштитна обвивка на реакторот ќе остане функционална, а ќе се стопи само она што е под неа ако дојде до целосен прекин на дотурот на електрична енергија, или пак има оштетувања на системот за ладење. Според научниците, тогаш во радиус од 2,5 километри околу централата ќе има радијација. 

„Тоа главно ќе го погоди персоналот што работи во централата. Во таков случај луѓето може да се движат на отворено ако не се во рамки на зоната која е засегната. Профилакса со јод не е потребна”, се вели во соопштение од Центарот. 

Другото сценарио е хаварија на реактор со штети на бетонската обвивка. 

„Во овој случај од радијацијата е засегнат поголем регион и таму ќе има пострашни последици. Колкава површина ќе биде контаминирана, зависи и од временските услови”, објаснуваат од Центарот. 

Според пресметките на Иван Ковалез, експерт при Националната академија на науките на Украина, во зависност од силината и правецот на ветрот, од тешки последици би можел да биде погоден предел во радиус од 20 километри околу централата. „Во таков случај е нужна итна евакуација на луѓето”, вели експертот. 

Одредени последици по здравјето на луѓето може да има и во радиус до 550 километри околу централата. „На таква оддалеченост меѓутоа нема потреба за итни мерки или евакуации”, вели Ковалез.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми