1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГлобално

Украина стравува од замор на Западот од војна

Кристоф Хаселбах
21 октомври 2023

Меѓународното внимание се префрли од војната во Украина кон конфликтот на Блискиот Исток. Во исто време, меѓу западните поддржувачи на Украина се шири исцрпеност. Дали земјата ќе биде оставена на цедило?

САД | Сртедба на украинскиот претседател Володимир Зеленски и американскиот претседател Џо Бајден
Американскиот претседател Џо Бајден сака да ја задржи помошта за Украина, но е под внатрешнополитички притисокФотографија: Evan Vucci/AP/picture alliance

САД ќе ја поддржуваат Украина „колку што е потребно“, изјави американскиот претседател Џо Бајден. Така се вели и во завршното коминике од последниот самит на НАТО. А тоа е и ветување на германскиот канцелар Олаф Шолц.

Но, по терористичкиот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври, новата меѓународна криза го привлече вниманието на светот. И таа може за себе да врзе сили, вклучително и особено силите на оние кои особено ја поддржуваат Украина, на пример оние на САД.

Страната која од тоа ќе има корист ќе биде Русија. Украинскиот претседател Володимир Зеленски неодамна ги повика земјите од НАТО да не се откажат од помошта, бидејќи Русија ќе се обиде да ја искористи ситуацијата на Блискиот Исток.

САД би можеле да се справат со двете кризи во исто време, одговори Бајден на новинарско прашање, додавајќи: „Ако ние не го сториме тоа, тогаш кој?“ Сепак, Бајден дома е во судир со Републиканците, кои сакаат да ја намалат помошта за Украина. Поради сегашниот хаос во Конгресот,во Украина, засега, веќе не се слеваат свежи пари.

Политикологот Јоханес Варвик од Универзитетот Хале смета дека ветрот во САД во однос на поддршката за Украина се променил уште пред најновата блискоисточна криза. Има „конкуренција за внимание и ресурси. Мислам дека главните играчи сега нема да престанат да ја поддржуваат Украина, но приоритетот ќе се помести“, оценува Варвик за ДВ.

Напукнува и поддршката во Европа

Солидарноста со Украина напукнува и во Европа. Полската влада се закани дека ќе ја ограничи помошта за оружје затоа што беше гневна поради евтиниот увоз на жито од Украина. Во Словачка, која исто така беше главен поддржувач на Украина, победникот на изборите Роберт Фицо за време на изборната кампања изјави дека под негово водство Словачка нема да испорача „ниту куршум муниција“.

Во исто време тој повика на подобри односи со Русија. А Унгарија никогаш не учествувала во санкциите против Русија и продолжува да купува руски гас. Премиерот Виктор Орбан се обидува да ја осуети натамошната финансиска помош на ЕУ за Украина.

Експертот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за одбранбени прашања, Родерих Кизеветер, осврнувајќи се на целиот Запад, за ДВ оценува: „Поддршката за Украина веќе е намалена, кохезијата е напукната, а гласовите кои повикуваат на 'диктиран мир' се сѐ погласни.“И Роман Гончаренко од украинскиот уреднички тим на Дојче веле неодамна во програмата на ДВ „Auf den Punkt“, рече: „Во Украина владее отрезнување дека Западот се уморил“.

Руските напади врз украинските градови продолжуваат со несмалено темпо (фото: Миколајив 20 јули 2023 година)Фотографија: Viktoria Lakezina/REUTERS

Можна ли е воена победа на Украина?

Кон тоа треба да се додаде дека и покрај поддршката од Западот за вооружување, Украина постојано известуваше за ограничени воени успеси во својата контраофанзива, но досега немаше пробив.

Украинскиот воен портал Deep State неодамна трезвено заклучи: „Летото покажа дека војната во 2024 година нема да заврши според наши услови“. „Нашите услови“ би биле целосно повторно освојување на сите окупирани територии, вклучувајќи го и Крим.

Претседателот Зеленски уште еднаш бара западно оружје како што се борбени авиони. Тој сега од Германија бара крстосувачки ракети Таурус. Канцеларот Шолц одамна испрати борбени тенкови во Украина, но одбива испорака на Таурус. И, како што покажа истражувањето на јавното мислење направено од институтот YouGov, мнозинството од анкетираните Германци (55%) ја поддржуваат оваа одлука.

Но, токму постојаното двоумење е проблемот, смета Кизеветер: „Офанзивата за ослободување е попречена од самиот Запад бидејќи се доставува премалку и предоцна“.

Русија се надева дека Трамп ќе победи

Во дискусијата која што се води во Германија околу тоа дали големите испораки на оружје ќе го одредат исходот од војната, има многу различни мислења. Така е и во случајот со Јоханес Варвик и Родерих Кизеветер. Варвик за Таурус вели: „Се разбира дека таквото оружје прави разлика (...), но не очекувам дека ова ќе ја промени стратешката констелација“. Русија, според него, има „долг здив“ во оваа исцрпувачка војна и може да изврши огромен притисок врз Украина. Кизеветер, од друга страна, вели: „Воздушната супериорност и доволно количество прецизно оружје како Таурус, може да биде пресвртница“.

Украински ракетен напад врз седиштето на руската Црноморска флота во Севастопол, на Крим, на 22.09. 2023 годинаФотографија: Sergei Malgavko/TASS/dpa/picture alliance

Во меѓувреме, Кремљ игра на време и се надева на нова победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во 2024 година и на крај на американската поддршка за Украина. Дали тогаш Европејците ќе можат да го заземат местото на САД? Јоханес Варвик смета дека тоа „едноставно не е возможно во вакви размери“, посочувајќи дека само САД обезбедиле речиси 50 милијарди евра воена помош, а Германија, како втор најважен поддржувач, има обезбедено околу дванаесет милијарди. „Ако Американците ја прекинат или масовно ја намалат поддршката, тогаш Украина ќе има проблем што Европејците нема да може да го решат.“

Украина отфрла „земја за мир“

Заморот на Западот од војна врши притисок врз нивните политичари да бараат исход од војната преку преговори. Политикологот Јоханес Варвик смета дека тоа и онака е неизбежно. Мора да има и преговори „за територијални промени во Украина, за неутралност на Украина“: „Сето ова треба да биде на маса и треба да се случи денес наместо утре. Требаше да се случи вчера. Но, сега е време да започнеме такви иницијативи.“

Украина бара од Германија крстосувачки ракети Таурус Фотографија: Luftwaffe

Според Роман Гончаренко од Дојче веле, решението засновано на формулата „земја за мир“ нема да има шанси да биде прифатено во Украина: „Се случија премногу работи, страдањето е преголемо. Тоа би било награда за Русија.“

Политичарот на ЦДУ, Родерих Кизеветер, од друга страна, верува во воена победа на Украина со западно оружје, па затоа стратегијата мора да биде: „Да се испорача сè, што е можно побрзо. (...) Двоумењето чини животи и ја зголемува опасноста Русија да победи и Украина да се распадне. Тоа е и наша соодговорност“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми