1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаУкраина

Украина, забраната на црквата и ЕУ

Ксенија Полска
31 август 2024

Со месеци има контроверзии околу украинските забрани на верски групи поврзани со Русија. Зошто Киев ја продолжува таквата пракса - и што вели Брисел за тоа?

знамињата на Украина и ЕУ во Брисел
Нема кавга околу забраната на црквата: знамињата на Украина и ЕУ во БриселФотографија: Xavier Lejeune/European Union, 2023

На верските организации во Украина наскоро веќе нема да им биде дозволено да соработуваат со Руската православна црква. Забраната всушност е насочена против Украинската православна црква под Московски патријархат. Таа беше подредена на Руската православна црква до 2022 година, од која се отцепи три месеци по рускиот напад на Украина. Дали се работи за сериозно отцепување, или само вербално, е прашање за кое се дебатира.

Предлог-законот предизвикуваше контроверзии со месеци, вклучително и на европско ниво. Но, кога украинскиот парламент конечно го усвои предлог-законот на 20 август, немаше посебна реакција - ниту од Европската унија ниту од другите западни партнери на Киев.

ЕУ: Украина гарантира верска слобода

Дали регулативата е компатибилна со верската слобода? Уставот и законите на Украина го гарантираат правото на религиозна и верска слобода - како што е предвидено во Европската конвенција за човекови права и Повелбата за основните права и слободи на ЕУ. Ова за ДВ го објаснува Петер Стано, портпарол на Европската комисија за прашања од надворешната политика. Тој се повикува на извештајот на Европската комисија за Украина од 8 ноември 2023 година и нагласува: „Генерално, украинските власти ги спроведуваат овие права“.

Европската комисија е свесна дека Украина презема правни мерки против Украинската православна црква бидејќи Московската патријаршија ја поддржува руската агресија против Украина. „Забележавме“, вели Стано, „дека украинскиот парламент усвои закон со кој се ограничуваат активностите на верските организации поврзани со Руската православна црква во Украина поради националната безбедност и спречувањето на странско мешање од Русија“.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и вселенскиот патријарх Вартоломеј во Истанбул (јули 2023 година)Фотографија: Francisco Seco/AP/picture alliance

Комплексна ситуација

ЕУ очигледно не сака да се меша во ова прашање и нема да го направи централен фактор во пристапните преговори со Украина, вели за ДВ Теона Лаврелашвили од Центарот за европски студии Вилфред Мартенс.

Според политикологот, ЕУ ги оценува потенцијалните земји-членки врз основа на критериумите од Копенхаген. Таа придава големо значење на стабилни институции, демократија, владеење на правото, човековите права и заштитата на малцинствата. „Забраната за верски организации со врски со Руската православна црква во Украина може да се преиспита врз основа на овие критериуми, особено во однос на слободата на вероисповед и здружување“, вели Лаврелашвили. Во пракса, сепак, мора да се земе предвид дека ситуацијата во Украина е многу сложена.

Предавство, соработка и соучесништво

Од почетокот на руската инвазија, украинските власти отворија повеќе од 100 кривични случаи против свештениците на Украинската православна црква под Московски патријархат. Според украинската служба за безбедност, 26 од нив биле осудени - главно за предавство, соработка со Русија и соучесништво.

Руската православна црква ја нарекува инвазијата на Украина „света војна“ и се залага целата територија на Украина „да биде ставена исклучиво под  сфера на влијание на Русија“. Затоа, Киев ја смета оваа црква за идеолошка продолжена рака на Кремљ и соучесник во воените злосторства.

Црква во регионот Доњецк оштетена од руско гранатирањеФотографија: Maxym Marusenko/NurPhoto/picture alliance

Студија на украинската Служба за етнополитика и верски слободи покажа дека Украинската православна црква под Московски патријархат е и натаму организација со центар во Русија. Сè уште постои канонска врска со Руската православна црква, на која таа е подредена. Врската во никој случај не е прекината, како што тврди Украинската православна црква под Московски патријархат, која во меѓувреме официјално се откажа од додавката „Московска патријаршија“.

Нема меѓународна правна проверка на црковната забрана

Пред да го донесе законот, украинската влада можеше да побара уставен совет - на пример од Венецијанската комисија на Советот на Европа, која ги разгледува правните акти за усогласеност со европските стандарди. Ова го предложија 46 пратеници. Но, претседателот на парламентот Руслан Стефанчук ја отфрли иницијативата, велејќи дека е непотребна. „Го користиме овој механизам за навистина сложени нацрт-закони“, изјави тој за агенцијата Интерфакс-Украина. Се остана на проверка со рамките на парламентот.

Според парламентарната комисија за ЕУ-интеграција, предлог-законот е во согласност со меѓународните обврски на Украина. Пратениците притоа се повикаа на извештајот на Европската комисија за Украина, поточно на делот кој се однесува на гарантирањето на основните права. Извештајот опишува дека Украина презела правни дејствија против Украинската православна црква поврзана со Москва од ноември 2022 година. Тие вклучуваат санкции против високи црковни претставници обвинети за поддршка на руската агресија, како и претреси во простории на црквата.

Европската комисија во овој контекст соопшти дека Киев сака да „спречи странско мешање од страна на Русија преку религиозна организација без да ги прогонува обичните следбеници на црквата“.

Националната безбедност е пред верската слобода

Намерата на ЕУ е очигледна, вели Теона Лаврелашвили. Таа смета дека законот е неопходен за да се заштити националната безбедност на Украина. „Во контекст на војната, ЕУ најверојатно ќе избегне мешање. Таа ќе ги оцени мерките на Украина како симболичен акт кој ја демонстрира желбата на Киев за духовна незваисност од Москва“, оценува таа.

Малку е веројатно дека законот ќе застане на патот на европската интеграција на Украина, смета Дмитро Вовк, професор по право и религиски експерт на Универзитетот за национално право Јарослав Мудриј во Харков, кој моментално предава во Њујорк. А Теона Лаврелашвили претпоставува дека Брисел ќе бара гаранции од Киев доколку продолжат преговорите за пристапување на Украина во ЕУ. Тогаш владата ќе мора да се погрижи никој да не биде дискриминиран поради своите верски убедувања како резултат на новиот закон.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми