1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиГерманија

Украинците во Германија се против азил за руските дезертери

1 октомври 2022

Поради мобилизацијата во Русија, оние кои не сакаат да одат во војна - бегаат во странство. Германските политичари сметаат дека дезертерите треба да бидат примени во Германија. Но, украинската заедница е скептична.

Руски војник на воена парада во Москва на 9 мај 2022 година
Руски војник на воена парада во Москва на 9 мај 2022 годинаФотографија: Mikhail Metzel/Kremlin Pool/Planet Pix/ ZUMAPRESS.com/picture alliance

Кога Украинката Катерина Риц-Ракул деновиве слушнала дека Германија сака да прими руски дезертери, прво мислела дека тоа е лоша шега. „Мислев дека тоа не може да биде вистина, на почетокот не можев да поверувам. Тоа мора да е сатира, можеби вест во оној сатиричен магазин 'Постилон'. Сѐ додека не ги изгледав вестите“, вели оваа симултана преведувачка, која во Германија живее 20 години.

Таа со големо чудење гледа како германските политичари буквално се наддаваат со понуди за помош наруските дезертери. „Секој кој го мрази патот на Путин и ја сака либералната демократија е срдечно добредојден во Германија“, нагласи сојузниот министер за правда Марко Бушман (ФДП).

„Сметам дека се подразбира само по себе дека на таквите луѓе треба да им се даде поддршка и засолниште“, вели премиерот на покраината Долна Саксонија, Штефан Вајл од СПД. А Ирене Михалиќ од Зелените бара: „Секој кој не сака да учествува како војник во убиствената агресивна војна на Путин против Украина, која го крши меѓународното право, и кој затоа бега од Русија, мора да добие азил во Германија.“

Дали дезертерите се навистина против руската инвазија?

Риц-Ракул, која во Хумболт-форумот се грижи за украинските стипендисти, не може да го сфати тоа. Давањето азил на руските дезертери е јасна политичка грешка, вели таа: „Тоа не се опозиционери или дисиденти. Тие само не сакаат да го ризикуваат сопствениот живот. До пред неколку дена немаа проблем со руската политика, а сега се разбудија. Не е задача на Западот да ги заштити овие луѓе.“

Украинката се повикува на видеата од грузиската граница со Русија кои стануваат вирални. 50.000 Руси побегнаа во соседната земја во изминатите неколку дена, делумно поради тоа што Полска и балтичките земји помалку или повеќе ги затворија своите граници поради страв од шпиони.

„Гледаме Руси кои се вознемируваат поради тоа што ги одбиваат затоа што или имаат налепница Z на автомобилот или Z-тетоважа на телото“, вели Риц-Ракул. „И потоа коментари од типот: 'Грузијци, подобро сетете се на тенковите од 2008 година'.“ Во Германија луѓето секогаш велат 'требаше да ги слушаме порано Источноевропејците'. И, сега, тие повторно не ги слушаат Источноевропејците“.

- повеќе: Бегство на Русите од мобилизација - зошто некои заминуваат во Казахстан?

Но, дали Германија навистина може да ги одврати луѓето кои не сакаат да учествуваат во руската инвазија? Еден аргумент што сега често се повторува во германската политика е дека секој војник кој добива азил во оваа земја е војник помалку за армијата на Путин. Катерина Риц-Ракул мисли дека тоа е сметка без крчмар. „Сметам дека тоа е погрешно, затоа што Русија ќе ги добие своите 300.000 или милион резервисти на еден или друг начин. Значи, тоа не го менува фактот, освен што ќе имаме голем безбедносен проблем овде“.

Голем предизвик - проверка на безбедноста

Според сојузното Министерство за внатрешни работи, давањето азил е одлука која се носи за секој случај посебно, а таа вклучува и безбедносна проверка. Особено кога станува збор за припадниците на руската војска, треба да се знае кој всушност сака да дојде во Германија. Лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц, сега објави дека е „строго против тоа да им се обезбеди пристап до Сојузна Република Германија на сите кои отфрлаат воена служба и мобилизација во Русија“. Риц-Ракул се прашува и како германските власти во сегашната ситуација имаат намера да се справат со евентуалниот наплив на барања.

Сѐ повеќе луѓе и сѐ подолги колони со возила на руско-грузиската границаФотографија: Yelena Afonina/dpa/TASS/picture alliance

„Овде, во Германија, веќе сме преоптоварени со приемот на украински жени и деца, со становите и документите. Сега многу сојузни покраини велат и дека се пренатрупани и не можат веќе да примаат бегалци. Каде со мажите од Русија? Како ќе се одвива безбедносната проверка? И како ќе се проверуваат нивните социјални мрежи?“

Повеќе од милион луѓе од Украина се веќе регистрирани во Германија, главно жени и деца. Катерина Риц-Ракул потсетува дека многумина избегале од руските војници. За потоа во новата татковина да се сретнат повторно со руски војници, доколку Германија даде зелено светло за азил за дезертерите. „Тоа е лудо, веќе има многу вербални и невербални напади врз Украинките, во насока - зошто не би примиле подобро жени од Дагестан или Иран?“

Стравот на украинските активисти

Ана, чие вистинско име е различно, знае какво е чувството кога на митинзите ја напаѓаат руски контрадемонстранти. Украинката дошла во Германија како дете и е активистка во здружението на украинската дијаспора Виче, кое е одговорно за протестите во германската престолнина. Таа вели: „Како активисти, секако дека се плашиме, бидејќи често има провокации на демонстрациите, каде што луѓе со руско потекло се обидуваат да ги испровоцираат учесниците. Загриженоста за безбедноста сè уште не е на дневен ред во Германија“.

Собир пред Бранденбуршката порта во Берлин за солидарност со Украина (12.03.2022)Фотографија: Christian Behring/Geisler-Fotopress/picture alliance

Пред една недела здружението Виче демонстрираше пред германското Министерство за одбрана со барања за испорака на оклопни транспортери во Украина. За октомври е планиран собир во врска со тоа како интелектуалците во Германија наводно се фаќаат во стапицата на руската пропаганда. Работата во невладината организација вклучува и прегледување на социјалните мрежи во Русија. Нејзиниот резултат гласи:

„Во руските Z-групи, многу луѓе навиваа многу гласно кога беа вршени воени злосторства. По мобилизацијата, истите тие луѓе избегаа од денес за утре, или сакаат да избегаат. Не треба да бидат пуштени во земјата (Германија, н.з.). Со оглед на тоа што руската армија сега трпи големи загуби, тие повеќе би сакале да ја гледаат војната од удобна дистанца. Но, не се знае дали навистина се дистанцираат од оваа војна“.

Луѓето од Украина ја критикуваат германската „наивност“

Ни Ана не верува дека голем број безбедносни проверки можат адекватно да го преиспитаат ставот на руските дезертери, бидејќи текот на чет-комуникацијата лесно се брише. Освен тоа, сега доаѓа аполитичната, привилегирана средна класа од поголемите градови. „Тие имаат добри врски и пари за да си ги дозволат овие скапи летови. И, секако, средства за да ја прикријат својата позиција во последните неколку месеци.“

Многу Украинци во Германија мислат дека ставот на Германија за руските дезертери е отсликување на генералниот германски став за руската инвазија на Украина. Премногу луѓе во оваа земја сè уште веруваат во митот за добрата, мистериозна руска душа. Ана вели:

„Оваа наивност нѐ доведе до таму каде што сме денес. Ние, во западна Европа, секогаш сме ги отворале рацете и сме велеле - тоа се нашите вредности, ве прифаќаме, ве толерираме и можете да правите што сакате. Но, оваа наивност нема да нè одведе понатаму. Тоа само дополнително ќе влијае на нашата безбедност и на украинските бегалци овде во Германија“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми