1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украинска контраофанзива: „Украинците добро напредуваат“

Кристоф Шваниц | Тагесшау
16 јуни 2023

Украинците ги пробија првите руски линии, оценува воениот експерт Нико Ланге во интервју за tagesschau.de. Според него, Русија профитира од својот воздушен суверенитет, но има знаци дека Украинците добро напредуваат.

Украински војници кај повторно освоеното место Некухне
Украински војници кај повторно освоеното место Некухне, во близина на линијата на фронтотФотографија: Oleksandr Ratushniak/REUTERS

tagesschau.de: На фронтот во Украина има придвижување - се слуша за мали украински територијални добивки и украински загуби. Сепак, сè уште нема голем централен напредок. Дали ова сега е контраофанзива?

Нико Ланге: Да, тоа е контраофанзива. Таа започна пред некое време. Сега е и видлива преку напредувањето со оклопните транспортери и модерните тенкови од Запад, кои, меѓу другите, ги испорачуваше и Германија. Оваа контраофанзива, меѓутоа, не мора да се одвива онака како што ние тоа можеби си го претпоставуваме. Да бидам искрен, немаме никакво искуство со тоа.

Како одат борбите досега и што се случува во моментов?

Русија можеше да ги зацврсти своите одбранбени позиции, делумно затоа што предоцна испорачавме оклопни транспортери, тенкови и други работи. На пример, Украина се соочува со огромни, многу густи мински полиња, како и со одбранбени позиции со бетонски блокови и други руски заштитни мерки. Ако при офанзива сакате да се справите со тоа, тогаш тоа треба да го направите со претпазливост. Украина се обидува ноќе со возила за чистење мини напред и тенкови зад нив. Но, во помали формации, а не со извикување „Ура“ како што некои очекуваа и напад со сите сили врз руските позиции во едно место. Украина сега на неколку места во областите Луганск, Доњецк и Запорожје, изврши вакви напади, делумно пробивајќи ја првата линија на одбрана. Но, треба да се изоди уште долг пат и во оваа фаза треба да се продолжи полека и претпазливо. И во овој момент не знаеме дали ќе има нешто како вистински главен удар, при кој Украина ќе нападне со големи сили. Досега гледаме дека Украина напаѓа повеќе оски долж линијата на фронтот.

Нико Ланге, експерт за безбедносни прашањаФотографија: Konrad-Adenauer-Stiftung/Wikimedia

Како изгледа рускиот отпор?

За жал, теророт врз цивилното население се исплати за Русија. Тоа е главниот проблем во оваа фаза. Тоа се повтори и во Кривиј Рих. Русија гаѓа цивилни цели со крстосувачки ракети, со ракети и беспилотни летала. Украина е принудена да ги користи системите за противвоздушна одбрана за да ги заштити луѓето во градовите. Но, Русија спроведува и воздушни напади со хеликоптери, авиони и беспилотни летала на првите линии на фронтот против украинските трупи кои се пробиваат. А таму Украина нема доволно ресурси за воздушна одбрана. Ќе видиме како ќе се однесуваат Русите ако Украина успее да ги пробие одбранбените линии. Можно е работите да изгледаат бавно на почетокот, а потоа одеднаш, како минатата есен, да има големо движење во оваа војна. Украина работи на тоа. Но, тоа не може да се каже во овој момент.

Што постигнаа досега западните оружени системи? Во руските медиуми се слават слики од уништени тенкови Леопард. Како тоа да се оцени?

Западните оклопни транспортери и тенкови се многу добри. Тие нудат поголема заштита од системите што Украина ги имаше претходно. И, тие обезбедуваат преживување на екипажот. Беше јасно дека ќе има жртви. Никој не очекуваше дека таму ќе се помине со неколку тенкови и ќе се добие војната. За офанзивни операции е потребна супериорност од три спрема еден или пет спрема еден на особено утврдени позиции - и тоа затоа што треба да се смета со загуби. Русите сега постојано прикажуваат слики од исти возила од различни агли, тврдејќи дека има многу уништени тенкови. А всушност ги има малку. Ако тоа се сите загуби на Украинците досега за време на контраоперацијата, тогаш тоа се многу ограничени загуби. И од ова всушност може да се заклучи дека Украина добро напредува.

Украински војници на линијата на фронтот, во близина на КреминаФотографија: Roman Chop/AP/dpa/picture alliance

Како ги оценувате успесите во досегашниот тек од украинската офанзива?

Украина е принудена да напаѓа без да има воспоставено воздушна супериорност. Но, овој многу смирен пристап на Украина, при што досега за контраофанзива се употребени малку сили, при што нема комуникација - ова покажува високо ниво на самодоверба на Украинците. Имам чувство дека Украинците се осмелуваат да ги пробијат руската одбранбени линии. И тие за тоа имаат план, кој сега мирно го одработуваат. Фронтот има форма на полукруг, а Украина ги има предностите на таканаречените внатрешни линии. Тоа значи дека има пократки релации и, ако предниот дел се пробие во еден момент, може да реагира релативно брзо и таму да донесе повеќе сили. Тоа за Русија би било потешко, бидејќи Русија мора да помине поголеми растојанија на надворешните линии. Се разбира, меѓутоа, дека е исто така можно Украина во моментов да се служи со маневри за измама за да врзе што повеќе руски сили. Добро и правилно е што тоа не го знаеме. Мојата прва претпазлива проценка е дека Украинците напредуваат на многу места, но клучниот тест допрва следи: дали ќе може да се пробие главната линија на одбрана. Со оглед на начинот на кој досега се одвиваа работите и врз основа на досега употребените ресурси, јас сум оптимист дека ќе успеат. Но не би сакал да шпекулирам околу тоа каде точно ќе биде тоа и кога ќе се случи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми