1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
РелигијаУкраина

Украинскиот црковен спор и глобалните последици од него

Миодраг Шориќ
4 април 2023

Украинските власти го ставија во домашен притвор игуменот на Киевско-печерската лавра. Ова е кулминација на еден политички и црковен спор, кој има последици и на други континенти.

Митрополитот Павле
Митрополитот Павле, старешина на Киевско-печерската лавраФотографија: STR/NurPhoto/IMAGO

Полицијата во саботата (1.04) изврши претрес во куќата на митрополитот Павле, старешина на Киевско-печерската лавра. Јавниот обвинител го товари за поттикнување верска омраза и за оправдување на агресорската војна на Русија. Обвинетиот го демантира тоа. Свештеникот во украинските медиуми уште еднаш го осуди нападот на Русија на, како што рече, „нашата држава“ односно Украина. „Тоа што го направија Русија и Путин е неоправдано“, нагласи тој.

Украинската влада веќе со недели се обидува да протера околу 200 монаси и 400 богословина Украинската православна црква (УПЦ) од манастирот. Министерот за култура Александар Ткаченко го раскина договорот за закуп и ѝ даде на УПЦ рок до 29 март. УПЦ се противи на одлуката и одбива да го напушти манастирскиот комплекс. Украинската влада го обвинува свештенството дека тајно работи за Русија, што пак монасите и богословите го негираат.

„УПЦ од првиот ден многу јасно и официјално се изјасни против војната, против Русија и за одбрана на Украина“, вели за ДВ Томас Бремер. Католичкиот теолог и експерт за источна Европа е почесен професор на Универзитетот во Минстер и е еден од најдобрите експерти за православието. Тој се сомнева дека Москва е на чело на УПЦ. Во редовите на украинската војска има многу војници кои се верници на УПЦ. 

Лисици на ногата на игуменот 

Досега, според Бремер, во Украина постоеше слобода на вероисповед. Сепак, „она што сега го гледаме, мерките против УПЦ, тоа се активности со кои се загрозува верската слобода“. Снимката на која се гледа како украински полицаец му става лисици на ногата на митрополитот Павле во моментов вирално се шири на социјалните мрежи. Повеќе стотици верници се собраа пред манастирот во знак на поддршка на митрополитот. Претставниците на украинската влада уверуваат дека нема да има насилно иселување на лицата од манастирскиот комплекс.

Рација во манастирот - влез во Киевско-печерската лавра, 22.11. 2022 годинаФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

Во меѓувреме, УПЦ добива несакана поддршка од погрешната страна и тоа дополнително ја компликува целата ситуација - има протести од официјални руски претставници. Претставниците на Руската православна црква (РПЦ) го критикуваа прогонот на УПЦ, а критика упати и поранешниот руски претседател Дмитри Медведев. Патријархот на Руската православна црква, Кирил, отсекогаш бил близок со властите во земјата. Неговото свештенство го благословува оружјето кое се користи во агресорската војна во Украина. 

Ситуацијата дополнително ја компликува конкурентската православна црква во Украина која има поддршка од владата. Украинската влада долго време ја одвојуваше црквата од државата. Тоа се смени во 2018 година, кога поттикна основање наПравославна црква на Украина, ПЦУ.Таа настана со благослов на Вселенскиот патријарх Вартоломеј. Кога свештенството на УПЦ ќе се исели од Киевско-печерскиот манастир, како што сака власта во Киев, тогаш таму би требало да се вселат припадниците на ПЦУ и да продолжат со богослужби. Но нејасно е дали ПЦУ има доволно монаси за да може да управува со толку голем манастирски комплекс, со над 140 згради. 

Раскол во православието 

Покрај тоа, поголемиот дел од другите православни цркви не ја признаваат ПЦУ како легитимна црква. Бидејќи, како што објаснува Томас Бремер, поглаварот на ПЦУ, митрополитот Епифаниј и мнозинството од неговите епископи „ги постави некој кој како самопрогласен патријарх бил исклучен од црквата“.

Соборниот храм Успение на Пресвета Богородица - најубавиот дел од манастирскиот комплекс во КиевФотографија: G. Thielmann/imageBROKER/picture alliance

Значи постои сомнеж дали -  од црковен аспект - епископите на ПЦУ се воопшто епископи. Како резултат на тоа, само четири од 15 православни цркви ја признале ПЦУ – Цариградската вселенска патријаршија, Грчката православна црква, Александриската патријаршија во Египет и Кипарската православна црква. Сите четири цркви се релативно мали.  Руската православна црква во Москва го прекина контактот со нив. Тоа значи дека поради спорот со Украина постои раскол внатре во православието. Во меѓувреме, Албанската православна црква предложи претставниците на сите православни цркви да се сретнат за да изнајдат решение за украинскиот црковен спор. Вселенскиот патријарх Вартоломеј го отфрли предлогот. ПЦУ му е потчинета нему. Тоа би требало да го признаат и другите православни цркви. На повидок нема компромис, смета Томас Бремер. „Православието во моментов е во ќорсокак. Ситуацијата е доста сложена“, смета експертот. 

Војна за африканското православие 

Украинскиот црковен спор има последици кои ги надминуваат границите на украинската држава. На пример во Африка, каде во повеќе држави има православни цркви. Досега сите православни цркви го почитуваат тоа дека овој континент подлежи на Александриската патријаршија во Египет. Откако патријаршијата ја поддржа Православната црква на Украина, Руската православна црква ја прекина таквата традиција. Таа сега на континентот создава сопствени структури и основаше две епархии со свештени лица. Свештенството кое порано беше под Александриската патријаршија, сега се приклонува кон Руската православна црква.

Владее војна за африканското православие, смета и Томас Бремер. Руската православна црва се поставува на начин како поделбата да е за навек. Во Африка постојат и стари ориентални цркви, Коптите и црквите во Етиопија и Еритреја. Руската православна црква и со нив ги зацврстува односите. Претставници од Еритреја неодамна беа примени во Москва.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми