1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиУкраина

Украинскиот министер Кулеба на разговори за мир во Кина

ЕМФ / ртр
23 јули 2024

Посетата на шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба на Пекинг е невообичаена бидејќи Кина се смета за блиска до Русија.

украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба
Посетата на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба на Кина треба да трае до 25 јулиФотографија: Gleb Garanich/REUTERS

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска (23.07) на покана од Кина отпатува на разговори во Пекинг. Притоа, треба да стане збор за крај на војната започната од страна на Русија и можната улога на Кина, соопшти Министерството за надворешни работи во Киев. Кулеба за билатералните односи ќе разговара со својот кинески колега Ванг Ји.

Посетата на Кулеба е невообичаена бидејќи Кина се смета за блиска до Русија. Владите во Москва и Пекинг се договорија за „партнерство без граници“ само неколку дена пред почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. И иако Кина не ја осуди руската инвазија и наместо тоа помага во одржувањето на руската воена економија, украинската влада беше претпазлива во критиките на сметка на официјален Пекинг. Кина, пак, од своја страна објаснува дека нејзините односи со Русија се изградени врз основа на слобода на здружување и не се насочени против трети страни.

Во изминатите неколку месеци се појавија неколку мировни иницијативи откако републиканецот Доналд Трамп се закани дека ако биде избран за американски претседател ќе ги запре исплатите за помош за Украина. Во јуни, Швајцарија беше домаќин на мировен самит на барање на Украина, но Русија не беше поканета, а Кина не учествуваше. Во ноември треба да се одржи втор ваков самит - овојпат можеби со учество на Русија.

Кина на 23 мај заедно со Бразил објави посебен мировен план со шест точки. Со него се дава поддршка за меѓународна мировна конференција која би била призната од двете завојувани страни. Кина и Бразил, исто како Русија, припаѓаат на групата Брикс на водечки земји во подем, кои, и покрај сите нивни политички и економски разлики, имаат заедничка цел - да создадат противтежа на доминацијата на Западот и економски силните земји како Г7.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека само најмоќните земји во светот се способни успешно да ѝ стават крај на војната во неговата земја. Меѓу тие земји тој ги наведе Кина и САД, кои се близок сојузник на Украина. Кина мора да одигра важна улога во решавањето на воениот конфликт, нагласи Зеленски.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми