1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Унгарија нуди помош во гаснење на пожарите

ДТЗ
1 август 2024

Понудената меѓународна помош од неколку земји кои испраќаат хеликоптери и ер трактори, како и најавите за заладување и дожд во наредните денови, будат надеж дека ќе се добие битката со огнената стихија.

пожари
Опасноста од нови жаришта сè уште демнеФотографија: Darko Duridanski/AFP/Getty Images

Пожарите коишто го зафатија источниот дел на Северна Македонија предизвикаа пустош на планините. Битката со огнената стихија сè уште трае, а опасноста од нови жаришта демне на повеќе локации. Временските услови не им даваат оддишка на пожарникарите кои веќе неколку недели водат битка со огнот.

Изминатото деноноќие имаше вкупно 43 пожари, од кои девет се активни, четири се под контрола и 30 се изгаснати, информираше Центарот за управување со кризи. Понудената меѓународна помош од неколку земји кои испраќаат хеликоптери и ер трактори, како и најавите за заладување и дожд во наредните денови, будат надеж дека ќе се добие битката со огнената стихија. 

Меѓународна помош

По најавите дека хеликоптери и ер трактори од Србија, Чешка и Германија се вклучуваат во справувањето со пожарите кои пустошат во Северна Македонија, и Унгарија се вклучи во помошта. Најавите се дека ќе обезбеди три теренски противпожарни возила кои треба да помогнат во гасењето на пожарите.

Ваквата информација на Фејсбук ја сподели унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто. Одлуката доаѓа по неговиот телефонски разговор со македонскиот колега, Тимчо Муцунски. Унгарија ќе испрати и два хеликоптери на унгарското воздухопловство кои ќе бидат директно вклучени во гасењето на големите шумски пожари што ја зафатија земјата.

Како дел од меѓународна помош обезбедена со механизмот на ЕУ за цивилна заштита, во гаснењето на пожарите ќе учествуваат и хеликоптери од Србија и од Чешка, и по два ер трактори од Германија и од Шведска. Управувачкиот комитет за справување со кризи предложи да се ангажира и НАТО механизмот за помош.

Пожарите коишто го зафатија источниот дел на Северна Македонија предизвикаа пустош на планинитеФотографија: Petr Stojanovski

Повик за доброволци

Хеликоптери од Одделот за воздухопловни единици при МВР во средата дејствуваа врз пожарите во реонот на Старо Нагоричане и кај Пехчево. Хеликоптерот Бел 412 во 28 циклуси исфрли 42 тони вода и со тоа е ставен под контрола еден од краците кај селото Малотино. Хеликоптерот Ми 171 во текот на целиот ден, а подоцна и заедно со хеликоптерот Бел 412, а во координација со службите на терен, го ставија под контрола еден од пожарите над селото Негрево, соопшти МВР.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, апелираше граѓаните сами да не учествуваат во гаснењето, освен доколку не бидат прифатени од локалните командири. Општина Пехчево ги повика сите доброволци што сакаат да учествуваат во гаснење на пожарот да дојдат на плоштадот „Свети Петар и Павле“ и со себе да понесат лопати. Оттаму ќе бидат распоредени на критичните точки на пожарот. Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански, порача дека најстрого се забранува самоиницијативно одење да се гаси пожарот.

„Дежурни екипи синоќа го контролираа теренот со цел да не дојде до нови жаришта, особено на оние места каде пожарот веќе беше изгаснат“, вели градоначалникот на Пехчево. Пунктот за донирање на храна и вода е сместен во просториите на Домот на културата во Пехчево.

„Ако останевме ќе ги жртвувавме сопствените животи“

Пожарникари од Кавадарци кои биле вклучени во гаснењето на пожарот во светиниколското село Орел се повредиле откако нивното возило се превртило. 

„Откако евакуиравме постари луѓе од селото Орел, Светиниколско, додека го браневме селото од огнот, пожарот ни се доближи толку многу што моравме да го избегнеме. Согледувајќи дека не можеме против природната стихија, моравме да се повлечеме пред неа. Јасно ни беше дека ако останеме, ќе ги жртвуваме сопствените животи, бидејќи пламените јазици голтаа се пред себе. Тргнавме со камионот и најверојатно малку забрзавме за да го избегнеме огнениот обрач. Патот беше лош и одеднаш камионот се преврте“, раскажува 41-годишниот Ѓорѓи Вчков, еден од повредените пожарникари. 

Во изјава за МИА тој посочува дека неговиот помлад колега успеал да ја скрши шофершајбната и го извлекол. „Ни притрчаа на помош колеги пожарникари од другите градови. Веднаш повикаа Итна медицинска помош што не транспортираше до кавадаречката Болница. Таму ни дадоа првична медицинска нега, ни направија испитувања. Бидејќи имав повеќе повреди, вечерта ја поминав во болницата, а сега сум на домашно лекување“, вели Вчков.

Изминативе недели повеќемина пожарникари беа повредени при гаснењето на пожарите во источниот дел на земјата. Надлежните се сомневаат дека дел од пожарите се подметнати, за што веќе се поднесени неколку кривични пријави. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми