1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Унгарија: Земјотрес во системот на Орбан

Кено Верзек
15 февруари 2024

Претседателката на Унгарија, Каталин Новак, мораше да се повлече поради афера со помилување. Овој случај го втурна системот на премиерот Орбан во една од најтешките политички кризи во изминатите години.

Унгарија Виктор Орбан
Унгарскиот премиер Виктор Орбан е под притисок поради оставката на две високи политичаркиФотографија: Attila Kisbendek/AFP/Getty Images

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, речиси постојано шири паника од моралната пропаст и истовремено се претставува како спасител на нацијата. На пример, мигрантите во неговата претстава за светот се потенцијални терористи и силувачи, Ромите потенцијално бегаат од работа, а хомосексуалците се потенцијални педофили. Орбан ја гледа Унгарија под негово водство како упориште против левичарско либерална Европа која наводно сака да ја уништи традиционалната фамилија, христијанската вера и националната држава.

Со оглед на решителноста со која настапува во диктирањето на вредностите за својата земја, случаи на двојни аршини во неговото опкружување или во партијата Фидес се дотолку посрамни и со поголемо значење. Такви имаше неколку низ годините. На пример, случајот со долгогодишниот сопатник на Орбан, Јожеф Сајер, кој во јавноста водеше живот на хетеронормативен семеен човек и кој е автор на христијанско-конзервативниот хомофобен Устав од 2011 година, сѐ додека кон крајот на 2020-та во Брисел не беше фатен на забава со секс и дроги, по што се повлече од сите функции и истапи од партијата.

Сега унгарската јавност ја потресе во најширока смисла сличен случај на двојни аршини, кој ги тресе и темелите на поредокот на Орбан бидејќи покажува со какви спорни методи и механизми тој функционира. Се работи за случајот на сексуално злоставување на малолетни лица и заштита на децата, тема која во изминатите години стана најважен пропагандистички мотив на Орбан и неговата влада.

Премиерот хомосексуалноста и злоставувањето на деца постојано ги кажува во пакет. Вели „Унгарија во однос на хомосексуалноста е толерантна и трпелива земја, но има црвена линија: да ни ги остават децата на мир”. Од 2021 година во земјата важи Закон за заштита на децата кој забранува „ЛГБТК пропаганда“ спрема малолетници. Во провладините медиуми критичарите од земјата и странство постојано се обвинувани дека се залагаат за „легализација на злоставувањето деца” или дека и самите се „педофили”.

ЛГБТК-активисти демонстрираат против унгарскиот премиер Виктор Орбан на парада на гордоста во Будимпешта (15.07.2023)Фотографија: Ferenc Isza/AFP via Getty Images

Помилувањето ја потресе јавноста

Токму во контекст на перманентна пропаганда неодамна се дозна дека претседателката Каталин Новак, безусловно лојална на Орбан и поранешна министерка за семејство, минатата година помилувала маж кој бил осуден поради помагање во заташкување на сексуални злосторства врз малолетни лица. Тежината на случајот се гледа по деталите, имено човекот по име Ендре К. се обидел децата кои биле злоставувани од страна на неговиот шеф, директорот на домот во кој работел, да ги одврати да сведочат. Пред тоа едно од злоставуваните деца се самоубило.

Помилувањето толку ја потресе јавниста што претседателката минатата сабота (10.02.2024) се повлече од функцијата. И поранешната министерка за правда Јудит Варга истовремено објави дека се повлекува од политиката. Таа го потпишала помилувањето минатата година додека беше министерка. Подоцна ја напушти министерската функција заради кандидатурата за европските избори во 2024.

Унгарската претседателка во оставка Каталин Новак - овде на Светскиот економски форум во Давос во јануари 2024 година - беше една од доверливите луѓе на Виктор ОрбанФотографија: Hannes P Albert/dpa/picture alliance

Многу отворени прашања

Но, со повлекувањето на двете најпознати политичарки во системот на Орбан прашањето не е затворено. Многу нешта сѐ уште се нејасни затоа што Претседателката не објасни кој бил мотивот за помилувањето, ниту кој ја притискал на таков чекор. И пред сѐ, знаел ли Орбан за тоа и колку?

Премиерот досега молчеше за повлекувањето на Варга. Но, неколку дена пред повлекувањето на Фејсбук напиша дека „за педофили нема милост” и дека иницирал измена на Уставот со која злосторници кои злоставувале деца нема да може да бидат помилувани. Во клипот Орбан со налутен и измачен израз на лицето вели дека и тој самиот е татко на пет деца. „Ако некој ги допре, првата мисла ќе ми биде да го исечам на парчиња”, вели тој. Клипот се интерпретираше како најава дека Орбан ја пушта претседателката низ вода и дека таа ќе се повлече.

Но, сега е јасно дека со повлекувањето на Новак и Варга работата не е заташкана, како што покажува еден јавно заземен став, кој сам по себе стана афера. Минатата недела за збор се јави познатиот адвокат Петер Маѓар, поранешниот сопруг на Јудит Варга, кој во новиот милениум припаѓаше на генерација млади конзервативни активисти од опкружувањето на партијата Фидес, кои со многу ентузијазам и идеализам сакаа да преземат нешто против тогашните корумпирани состојби од тогашната социјал-либерална влада. По доаѓањето на власт на Орбан тој беше на добро платени функции, меѓу другото и во надзорниот одбир на полудржавната банка МБХ. Адвокатот повлекувањето на претседателската Новак и неговата поранешна сопруга Варга ги искористи како што рече „за да излезе од системот” и да се повлече од сите функции.

Свое повлекување од политиката најави и поранешната министерка за правда Јудит ВаргаФотографија: Szilard Vörös/EST&OST/IMAGO

Неможност за реформи одвнатре

Клучната порака е дека Новак и Варга се само пиони и жртви за грешките на системот на Орбан. Тој самиот, Маѓар, веќе не сакал да биде дел од таков систем кој само неколку семејства во Унгарија го користат како да им е семеен бизнис. Адвокатот досега избегнуваше да го напаѓа Орбан. Тој ја обвинува неговата моќна шефица на кабинетот, Антал Роган, за контрола на државниот апарат и на провладините медиуми. Маѓар раскажува и за големо мешање на политиката во приватниот живот на поранешната сопруга, како на пример дека добивала насоки од кабинетот на Орбан како да се одвива разводот на двојката.

Повеќето искази не се ништо ново или сосема непознато, но ново е дека доаѓаат од инсајдер, кој по сопствени наводи со години интерно критикувал за состојбите во Унгарија, а сега нема да молчи ни во јавност. Неговата поранешна сопруга и Претседателката ги фали како искрени патриотки кои биле топовско месо во корумпиран апарат на моќ.

Не е многу веројатно дека Орбан и неговиот систем ќе бидат сериозно загрозени од откритијата на Маѓар. Орбан ќе се обиде да сочека да поминат аферите и да „шминка” со персонални промени. Изјавите на Маѓар пак покажуваат само дека одвреме-навреме системот на Орбан ги јаде своите деца и не се менува одвнатре.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми