1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаУнгарија

Унгарска надворешна политика: „Гнев и срам наместо интереси“

Жолт Богар
19 октомври 2024

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се чувствува отуѓен од Западот и е длабоко повреден од критиките кон него. Ова чувство ја одредува и унгарската надворешна политика, вели политикологот Андраш Хетeј во интервју за ДВ.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот екс-претседател Доналд Трамп
Унгарскиот премиер Виктор Орбан и американскиот екс-претседател Доналд Трамп во ФлоридаФотографија: Viktor Orban via X via REUTERS

ДВ: Во јули 2024 година, за време на самитот на НАТО во Вашингтон, фотографијата на италијанската премиерка Џорџа Мелони стана вирална. Таа шокирано гледа во унгарскиот премиер со очигледна одвратност. Колку оваа фотографија е симболична за имиџот на Орбан во Европа?

Андраш Хетеј: Тоа е апсолутно симболично. Унгарија е целосно изолирана во рамките на сопствените сојузнички системи, и во НАТО и во Европската Унија. Ова важи без оглед што Орбан успеа да ја формира групата Патриоти за Европа во Европскиот парламент. Она што е клучно е дека нема или има само минимален контакт на политичко ниво со големите земји од ЕУ, Германија и Франција и дека разликите во мислењата за повеќето прашања се значајни.

Дали мислите дека Виктор Орбан сака да го промени тоа, на пример со користење на сцената како вршител на должноста претседател на Советот на ЕУ?

Сосема спротивно. Верувам дека унгарската влада не сака да има никаква врска со политичари или партии кои не размислуваат како нив. Нејзини сегашни партнери се владата на Фицо во Словачка, можна влада на Партијата на слободата во Австрија, партиите на парламентарната група Патриоти во Европскиот парламент, чиј коосновач е Орбан, и Доналд Трамп. Сите останати се, до одреден степен, дисквалификувани. Можеби единствен исклучок е Емануел Макрон, со кого Орбан одржува еден вид машко пријателство. Сите други не важат.

Политикологот Андраш Хетeј: Виктор Орбан во Унгарија сам одлучува за над осумдесет проценти од надворешнополитичките прашањаФотографија: Zsolt Bogar/DW

Во едно интервју еднаш кажавте дека постои пред сѐ емотивно отуѓување меѓу Виктор Орбан и Европската унија и дека надворешнополитичките одлуки во Унгарија во голема мера се детерминирани од ова отуѓување. Што мислевте со тоа?

Надворешнополитичките  одлуки на Орбан често се толкуваат од внатрешнополитичка перспектива, односно дека Орбан го прави она што е популарно кај унгарските гласачи. Или дека Орбан ги одредува унгарските интереси врз основа на анализа на трошоци и придобивки. Мислам дека овие објаснувања не се многу валидни. Мислам дека емотивното отуѓување што се разви по постојаните напади врз унгарското политичко раководство игра многу поголема улога. Речиси од првата влада на Орбан во 1998 до 2002 година, поддржувачите на Фидес зборуваа за поплава од неоправдани критики, како што е фактот дека Орбан постојано беше опишан како националист и шовинист во германскиот печат. Потоа следеа неговата двотретинска изборна победа во 2010 година и годините на возбуда поради законот за медиуми,  миграциската криза  и очигледно оправданите западни критики за демонтажата на демократијата. Без разлика на она што го иницирало, она што е сигурно е дека отуѓувањето постои и сериозно влијае на ориентацијата на унгарското политичко раководство.

Како тоа влијае на унгарската надворешна политика?

Унгарското раководство има чувство дека секогаш се наоѓа во ситуација кога другите се обидуваат да ја нападнат Унгарија со некаква критика. Ова неизбежно води до потиснат гнев, кој се меша со срам кога повторно ќе бидат критикувани. Овој циклус на гнев и срам значи дека унгарските интереси, дефинирани како рационални и цврсто поставени, во реалноста се многу емотивни и конструирани. Еден пример: Орбан требаше да биде првиот што ќе гласа за Шведска да се приклучи на НАТО, затоа што земјата внесува една од најмодерните вооружени сили во Европа во НАТО и приклучувањето ќе беше апсолутно во интерес на безбедноста на Унгарија. Наместо тоа, дојде до мелодрама во многу епизоди само затоа што Швеѓаните изрекоа непријатни коментари за унгарското владеење на правото.

Виктор Орбан е чувствителен на критиките од ЗападотФотографија: Beata Zawrzel/ZUMA/picture alliance

Значи, најважната причина зошто унгарската влада ги пречекорува границите за голем број надворешнополитички прашања е затоа што Виктор Орбан се чувствува навреден?

Да, мислам дека е така. Дополнително, Виктор Орбан во Унгарија сам одлучува за над осумдесет проценти од надворешнополитичките прашања. Во други земји има влијателни партиски лоби групи, коалициски партнери, силна опозиција и критички печат кои исто така ја држат трансатлантската и европската политика во одредена насока. Во Унгарија нема такви противтежи.

Орбан повеќе стекнува пријатели на Исток и глобалниот Југ отколку на Запад. Дали и ова може да се објасни со тоа отуѓување од Запад или тој навистина верува во нов светски поредок?

Орбан не само што верува, туку и чувствува дека Азијците се во подем и дека Унгарците мора да учествуваат во „играта". И кога некој тоа го доведува во прашање и вели дека таму има само зли диктатури и Унгарија не треба да го превиди тоа, тогаш ова емотивно отуѓување повторно доаѓа во игра. На унгарското раководство толку му е преку глава од Западот што копнее по подем на Истокот. И кога Виктор Орбан оди таму, му се распостила црвен тепих, има меѓусебно почитување и никој никогаш не ја критикува унгарската политичка ситуација.

Во врска со политика на Унгарија кон Русија и Украина: Постојат два западни наративи за ова. Едниот е дека Орбан е пион на Путин и рускиот Тројански коњ, безбедносен ризик во ЕУ. Другиот е малку поблаг: Орбан е тврдоглав човек кој секогаш на крајот попушта и гласа за санкции или членство на Украина во ЕУ. Исто така, постои надеж дека на крајот сè секогаш ќе функционира.

Ситуацијата ја гледам како посериозна:  унгарската надворешна политика  е на курс каде ништо нема да се промени. Одамна престанавме да нагласуваме што сѐ нѐ поврзува со Западот. Ниту заедничките историски аспекти, ниту заедничките успеси, ниту заедничките задачи. Пред само две години ја критикувавме само ЕУ, а не НАТО. Сега е вклучен и НАТО: што и да прави, ништо не е во ред. Но, да одговорам на прашањето: Орбан не е ничиј Тројански коњ. Тој никому не би дозволил нешто да му диктира, тоа е туѓо за неговата личност.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан во „мировна мисија“ кај Владимир ПутинФотографија: Valeriy Sharifulin/SNA/IMAGO

Што реално можеше да очекува Орбан кога отпатува во Украина, а потоа во Русија во „мировна мисија“ во првите денови од унгарското претседавање со ЕУ?

Се разбира, тој сакаше и да биде главен во вестите. Но,  посетата на Орбан на Путин  беше толку неочекувана од самиот почеток што на Запад повеќе му се чинеше дека  Орбан се обидува да му нанесе штета. Изјавата на Орбан дека каналите за комуникација мора да се држат отворени нема смисла, бидејќи тие се отворени. Но, човек може да се запраша и што значи „мировна мисија“ во контекст на земја која нема намера да учествува на мировна конференција и која досега не успеа да ја побие тезата дека го разбира само јазикот на насилството.

На политичко ниво, унгарско-германските односи можеби никогаш не биле толку лоши како што се сега. Следната година во Германија ќе има сојузни избори, а големи се шансите Фридрих Мерц, лидерот на ЦДУ, да стане нов канцелар. Дали смената на власта ќе ги подобри германско-унгарските односи?

Не гледам вистинска шанса за тоа. Односите со ЦДУ значително се влошија околу 2019/2020 година. Демохристијанските политичари повеќе не доаѓаат во Унгарија, а сега и ЦСУ ја спроведува истата политика. Доколку се појават заедно со Орбан, тоа може да им доведе губење на гласовите меѓу гласачите. Европскиот мејнстрим веќе се откажа од Орбан, чекаат промена во Унгарија.

 

Д-р. Андраш Хетeј, роден во 1983 година, од 2024 година е предавач на Катедрата за политичка теорија и студии за европска демократија на Универзитетот на германски јазик Андраши во Будимпешта. Од 2001 до 2008 година студирал историја и германски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, како и меѓународни односи на Универзитетот Андраши. Од 2012 до 2023 година, Хетеј работел на Универзитетот за јавна администрација (НКЕ) во Будимпешта, каде што неодамна беше предавач на Катедрата за меѓународни односи и дипломатија. Неговиот истражувачки фокус е унгарската надворешна политика од 1990 година, особено германско-унгарските односи и улогата на емоциите во меѓународните односи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми