1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

УНИФИЛ: Зошто мировниците на ОН се во Либан?

Џенифер Холејс
14 октомври 2024

Вооружените инциденти со израелската војска во изминатите денови се последна криза во 46-годишната мисија на УНИФИЛ во јужен Либан. Што содржи мандатот на мировниците на ОН и зошто тие се соочуваат со критики?

Мисијата на ОН има за цел да ги гарантира мирот и безбедноста: возила на УНИФИЛ во јужен Либан
Мисијата на ОН има за цел да ги гарантира мирот и безбедноста: возила на УНИФИЛ во јужен ЛибанФотографија: Taher Abu Hamdan/Xinhua/picture alliance

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, остро го предупреди Израел од натамошни напади врз трупите на ОН во Либан. Персоналот и позициите на трупите на УНИФИЛ никогаш не треба да бидат целно нападнати, ги пренесе зборовите на Гутереш неговиот портпарол: „Нападите врз мировниците го прекршуваат меѓународното право, вклучително и меѓународното хуманитарно право. Тие можат да претставуваат воено злосторство“.

Набљудувачката мисија на ОН, УНИФИЛ во јужен Либан извести за нов сериозен инцидент со израелската армија. Израелски тенкови во неделата пробиле капија на база на сините шлемови. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го повика генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш да го повлече УНИФИЛ од упориштата и борбените зони на Хезболах.

Израелската војска постојано повикуваше на такво нешто, но тоа не беше испочитувано. „Ова има ефект на обезбедување на човечки штит за терористите на Хезболах“, гласеше образложението на израелската влада. Сепак, Гутереш изјави дека секој напад врз мировниците може да претставува воено злосторство и оти војниците остануваат на своите позиции.

Сините шлемови на УНИФИЛ, во последните денови повеќепати се најдоа под оган. Најмалку петмина од нив се повредени. Повеќето од нападите ѝ се припишуваат на израелската војска, која користи воздушни и копнени трупи за борба против радикалната исламска милиција Хезболах во Либан.

Меѓу фронтовите: во експлозија во јужен Либан во август 2024 беа повредени војници на УНИФИЛ Фотографија: Stringer/dpa/picture alliance

Што е УНИФИЛ?

Привремените сили на Обединетите нации во Либан ја започнаа својата мисија во март 1978 година, по инвазијата на Израел. Во септември 2024 година, таа се состоеше од околу 10.000 мировници од над 50 земји .

Со најмногу војници во мисијата придонесуваат Индонезија, со 1.231 мировници и Италија со 1.068. Холандија и Уругвај имаат испратено по едно лице.

Мировните сили на ОН се распоредени во 50 бази на 1.060 квадратни километри кои ја покриваат областа помеѓу меѓународно признатата граница меѓу Либан и Израел и либанската река Литани, околу 30 километри северно од границата. Седиштето на УНИФИЛ е во градот Накура.

Зошто УНИФИЛ е во Либан?

Во 1978 година, Советот за безбедност на ОН го инсталираше УНИФИЛ за да го надгледува повлекувањето на израелските трупи од јужен Либан, за да ги поврати мирот и безбедноста и да ѝ помогне на либанската влада да ја поврати власта во областа.

Оттогаш, мандатот на УНИФИЛ се обновува на годишно ниво од страна на Советот за безбедност.

Војници од повеќе од 50 земји: припадници на УНИФИЛ во мај 2024 годинаФотографија: Niall Carson/PA Wire/empics/picture alliance

Во јуни 2000 година, мандатот на УНИФИЛ беше проширен. Обединетите нации ја воспоставија Сината линија, тампон зона меѓу Либан и Израел, и ја ставија под контрола на УНИФИЛ.

Сината линија не е замислена како актуелна или идна граница меѓу земјите, а сепак не е возможно нејзино неовластено преминување. 

Мисијата на УНИФИЛ беше дополнително проширена во 2006 година. Тогашната војна меѓу Израел и Хезболах заврши откако двете страни се согласија за Резолуцијата 1701 на Советот за безбедност на ОН.

Резолуцијата 1701 повика на разоружување на сите вооружени групи во близина на границата, вклучително и Хезболах, распоредување на либанската армија на југот на Либан, како и прецизирање дека само либанската војска, а не милицијата Хезболах, поддржана од Иран, треба да поседува оружје во Либан.

Што всушност прави УНИФИЛ?

УНИФИЛ главно има набљудувачка улога. Ова вклучува пешадиски патроли со возила меѓу Сината линија и реката Литани, како и патролирање во областа во близина на брегот на поморските наменски сили на УНИФИЛ.

Во случај на прекршување на резолуцијата 1701, УНИФИЛ го известува Советот за безбедност на ОН.

„Секогаш кога има инцидент кај Сината линија, УНИФИЛ веднаш распоредува дополнителни војници на таа локација доколку е потребно за да се избегне директен конфликт меѓу двете страни и да се осигура дека ситуацијата е под контрола“, запишано е на интернет страницата на УНИФИЛ.

Тие исто така стапуваат во контакт со либанската армија и со израелската војска со цел да се справат со ситуацијата без дополнителна ескалација.

Патролирање долж Сината линија: мировниците на УНИФИЛ во јужен ЛибанФотографија: Niall Carson/PA Wire/empics/picture alliance

Меѓутоа, на мировниците им е дозволена употреба на сила исклучиво за самоодбрана, под одредени околности, и само за „да осигураат дека нивната оперативна област не се користи за непријателски активности“.

Зошто е критикуван УНИФИЛ?

Израел и САД веруваат дека УНИФИЛ не бил ефикасен во спречувањето на Хезболах да дејствува и складира оружје во јужен Либан. Во 2018 година, беше откриен тунел на Хезболах  кој минуваше под Сината линија кон Израел.

Владата во Либан пак постојано критикува дека УНИФИЛ не успеал да го спречи израелското нарушување на воздушниот простор на земјата.

Водачите на Хезболах го обвинуваа УНИФИЛ за шпионирање во полза на Израел и истакнуваат дека неговото присуство го нарушува суверенитетот на Либан. Исто така, УНИФИЛ е прилично скап. Според Генералното собрание на Обединетите нации, УНИФИЛ беше петтата по големина мировна сила на ОН во 2023 година, со годишни трошоци од повеќе од 550 милиони американски долари меѓу јули 2023 и јули 2024 година.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми