1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

„Уникатниот државник“ Горбачов

Кристијан Валц
31 август 2022

Тага, восхит, благодарност: по објавата за смртта на Михаил Горбачов голем број светски политичари му оддаваат почит на починатиот носител на Нобеловата награда за мир и последниот претседател на Советскиот Сојуз.

Биста на Михаил Горбачов во Берлин
Биста на Михаил Горбачов во БерлинФотографија: Bildagentur-online/Joko/picture alliance

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, соопшти дека е „длабоко ожалостен“ по смртта на поранешниот советски претседател Михаил Горбачов. Гутереш оцени дека тој бил „уникатен државник“ кој го променил текот на историјата. „Повеќе од кој било друг придонесе за Студената војна да се заврши на мирен начин.“

Американскиот претседател Џо Бајден рече дека Горбачов бил политичар со „извонредна далекувидост“. Како лидер на Советскиот Сојуз, заедно со тогашниот американски претседател Роналд Реган, придонесле за намалување на нуклеарните арсенали на двете земји. Во сопствената земја Горбачов покрена „демократски реформи по децении брутална политичка репресија”, а за него „Гласност и Перестројка“ не беа само „обични слогани“, напиша Бајден.  

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го истакна посебното значење на Горбачов за Европа. Тој имаше пресудна улога во падот на Железната завеса, напиша таа на Твитер. Фон дер Лајен го нарече Горбачов „почитуван и лидер од доверба“: „Тој го отвори патот за слободна Европа. Ова негово наследство нема никогаш да го заборавиме”, оцени Фон дер Лајен.

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, го опиша Горбачов како „човек на мирот, чии одлуки им го отворија патот на Русите кон слободата“. Макрон додаде: „Неговата заложба за Европа ја промени нашата заедничка историја.“

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави: „Секогаш му се восхитував на храброста и интегритетот кој го покажа во мирното окончување на Студената војна.“ Осврнувајќи се на руската воена агресија во Украина која ја започна Владимир Путин, британскиот премиер во заминување додаде: „Во време на Путиновата агресија во Украина, неговата (н.з. на Горбачов) неуморна посветеност за отворање на советското општество е пример за сите нас.“

Михаил Горбачов во неговата канцеларија во Москва (22.12.2017)Фотографија: Kyodo/picture alliance

Штајнмајер: Сонот на Горбачов „лежи во урнатини“

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја истакна поврзаноста на Германија со „големиот државник“ Горбачов и изрази „благодарност за неговиот пресуден придонес за германското обединување“. Штајнмајер ја потенцира и неговата „храброст за демократско отворање и изградба на мостови меѓу Истокот и Западот“ и „сеќавање за неговата визија за обединета и мирна Европа.“ Во последниве години овој сон станува сѐ подалечен и денес лежи во урнатини, „уништен со бруталниот напад на Русија врз Украина“, истакна Штајнмајер.

Германскиот канцелар Олаф Шолц го слави Горбачов како „храбар реформатор“. Горбачов со неговата политика овозможи „Германија да може да се обедини и Железната завеса да падне.“ Благодарение на Горбачов, и на Русија ѝ се отвори патот да се етаблира како демократија. Но, тој почина во време во кое „не само што е разнишана демократијата во Русија,“ туку и рускиот претседател Владимир Путин копа нови ровови во Европа, оцени Шолц. „Поради тоа, кога ќе помислиме на Михаил Горбачов, станува јасно колкаво е неговото значење за развојот на Европа и на нашата земја во последниве години“, рече Шолц.

Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на Твитер напиша дека Горбачов бил „воден од мирот и разбирањето меѓу народите во судбоносните моменти за нашата историја“. Повторното обединување на Германија таа го оцени како „оставина“ од поранешниот советски претседател.

Без Горбачов, „мирните револуции во земјите од источниот блок, кај нас, ќе беа незамисливи”, смета и колешката на Бербок од Зелените и потпретседател на германскиот Бундестаг, Катрин Геринг Екарт. „Неговите зборови мене и нас нѐ охрабрија", напиша политичарката која е порасната во источна Германија.

Поранешната канцеларка Ангела Меркел го нарече Горбачов „уникатен светски политичар“. Во соопштение објавено на интернет, Меркел вели: „Посакувам сеќавањето на неговиот историски придонес, токму во овие страшни недели и месеци во војната на Русија против Украина, да овозможи момент на преиспитување.“ Таа потсетува на „Гласност“ и „Перестројка“, без кои „ниту мирната револуција во источна Германија немаше да биде можна“. Меркел вели дека Михаил Горбачов го променил од корен и нејзиниот живот.

Горбачов одигра клучна улога за падот на Ѕидот (карикатура на Сергеј Елкин)

Путин: „Се стремиме да најдат свои решенија за итните проблеми“

Рускиот претседател Владимир Путин го изрази своето „најдлабоко сочувство“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков. „Михаил Горбачов беше политичар и државник кој остави длабока трага во светската историја“, оценува Путин. „Тој ја водеше нашата земја низ време на сложени, драматични пресврти и големи надворешни политички, економски и социјални предизвици. Нему му беше јасна неопходноста од реформи, тој стремеше кон тоа да понуди свои решенија за итните проблеми.“

„Горбачов ни даде слобода. На милиони лица им даде слобода - во Русија и во неговото опкружување и згора на тоа и на половина Европа", пишува либералниот руски опозициски политичар Григори Јавлински за Телеграм. И денес е обврска на Русите да ја користат слободата која тогаш им била подарена, потенцира основачот на партијата Јаблоко.

- повеќе: Почетокот на крајот на Советскиот Сојуз: „Горбачов може да е мртов“

Трезвени тонови се слушнаа и од балтичките држави, кои против својата волја по Втората светска војна станаа советски републики и чиишто повторно зајакнати движења за независност се поклопија со ерата на Горбачов. „Советскиот систем не можеше да издржи против конкуренцијата од западниот систем“, твитна претседателот на Летонија, Егилс Левиц. Обидите за реформа од страна на Горбачов придонесоа за распадот на Советскиот сојуз, оценува тој и додава дека „Балтичките држави притоа одиграа голема улога", пиша Левиц на Твитер.

Министерот за надворешни работи на соседна Литваниј, Габриелиус Ландсбергис, на Твитер напиша дека неговата земја нема да го „глорифицира“ Горбачов: „Никогаш нема да ја заборавиме едноставната вистина дека неговата армија убиваше цивили за да ја продолжи окупацијата на нашата земја од страна на неговиот режим. Неговите војници пукаа на нашите невооружени демонстранти и ги дробеа под нивните тенкови. Така ние ќе се сеќаваме на него.“

Во јануари 1991 година, советското раководство околу Горбачов ѝ нареди на армијата да употреби сил,а доколку е тоа потребно, за да ги прекине демонстрациите во Вилнус. Тогаш загинаа 14 лица. Во 1990 година, Литванија беше првата советска република која еднострано ја прогласи својата независност. Балтичките држави конечно ја вратија својата независност во летото 1991 година, по неуспешниот пуч против Горбачов во Москва.

За погреб во Москва?

Кои меѓународни гости ќе дојдат на погребот на Горбачов во Москва, не се знае. Како реакција на санкциите против Русија, тамошните власти воведоа забрана за патувања за многу европски и американски политичари. Покрај тоа, воздушниот простор над Русија е затворен за авиони од „непријателски ЕУ-земји”.

Гробот на Раиса Горбачова во МоскваФотографија: Vladimir Raitman/dpa/picture alliance

Западните политичари и онака во моментов избегнуваат контакт со Русија. Горбачов, кој почина на 30.08.2022 година, на возраст од 91 година, ќе биде погребан на московските гробишта за славни личности, каде носителот на Нобеловата награда за мир си имаше обезбедено место до сопругата Раиса.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми