Комисијата предлага Трамп да биде изведен пред суд
ЖА / агенции
20 декември 2022
Доналд Трамп е првиот американски претседател против кого Конгресот препорачува кривично гонење.
Реклама
Истражната комисија на Конгресот, која се занимаваше со расветлување на упадот во Капитол на 6 јануари 2021 година, препорача кривично гонење на екс претседателот Доналд Трамп. Специјалниот комитет во Претставничкиот дом, раководен од Демократите, на вчерашната (19.12.2022) веројатно своја последна јавна седница, едногласно се изјасни на Министерството за правда да му бидат предадени доказите кои би значеле најмалку четири кривични пријави: за спречување на официјална процедура во Конгресот, попречување на правдата, заговор за измама на САД, заговор за давање лажна изјава и бунт.
„Доколку сакаме да преживееме како нација која ги почитува законите и демократијата, ова никогаш не смее да се повтори“, изјави претседателот на Комисијата, Бени Томпсон на почетокот на заседавањето.
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп, кој најави своја кандидатура и за следните претседателски избори во 2024 година, досега постојано ги отфрла обвинувањата против него како политички мотивиран „лов на вештерки“. Завршниот извештај на специјалната Комисија, која 18 месеци го расветлуваше упадот на илјадници приврзаници на Трамп во седиштето на Конгресот во Вашингтон, треба да биде објавен во среда. Симпатизерите на екс претседателот се обидоа да да го спречат трансферот на власта од Трамп на победникот на изборите, демократот Џо Бајден, историски преседан во преку 200 години старата традиција на американската демократија. Во врска со упадот во Капитол загинаа пет луѓе, повредени беа повеќе од 140 полицајци, а штетите предизвикани во Капитол се движат во милионски суми. Членовите на Истражната комисија одговорноста за овие настани му ја припишуваат на Доналд Трамп, а тој до денес својот пораз во 2020 година го смета за последица на наводна изборна измама, иако никогаш не достави убедливи докази за ваквото тврдење.
Како течеше упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол
Доналд Трамп, сѐуште актуелен претседател, долго ги подбуцнуваше своите најверни симпатизери. Последица: некои од нив на 6.01.2021 упаднаа во срцето на американската демократија.
Фотографија: Leah Millis/REUTERS
Создавање набој
Бројот на фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД растеше преку цел ден. Во почетокот, полицијата успеваше да одржува ред.
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images
Први судири
Паралелно со заедничката седница на двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом, на која требаше официјално да биде потврдена победата на Џо Бајден на претседателските избори, пред Капитол се собираа приврзеници на поразениот претседател Доналд Трамп. Дојде до први судири со полицајците кои требаше да го обезбедуваат Конгресот.
Фотографија: Stephanie Keith/REUTERS
Преслаб кордон
Сѐ поразјарената толпа сакаше да продре во Капитол. Полицајците се обидуваа да ги спречат. На некои агресивни поддржувачи на Трамп им успеа да влезат во зградата.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Упад во Капитол
Дел од демонстрантрантите успеаја да продрат длабоко во зградата, дури до вратите на Сенатот.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Одбрана на последниот бастион
Обезбедувањето се обидуваше да ги држи во „шах“ насилниците во влезната хала. Политичарите во Сенатот низ задна врата беа изведени на безбедно место.
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance
Еден се проби
Во меѓувреме, еден од приврзениците на Трамп успешно се проби покрај полицајците и упадна во Сенатот. Од трибината за посетители тој скокна во пленарната сала.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Со пиштоли спремни за пукање
Истите слики се повторуваа во другите крила на Капитол. И Претставничкиот дом беше цел на натрапниците. Припадниците на обезбедувањето на Конгресот ги запираа - со вперени пиштоли.
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance
Непријателско преземање?
Симпатизерите на Трамп навлегуваа сѐ подлабоко во зградата, сѐ до ходниците со канцелариите на Конгресот. Таму некои се распослаа на работните маси на пратениците.
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images
Надвор од контрола
Еден од натрапниците го „присвои“ и пултот за говор на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и со него се шеташе низ Капитол. Никој не го запре.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Во засолниште
Пленарните сали беа евакуирани. Некои побараа засолниште во галеријата на Претставничкиот дом. Репортерите сведочеа дека биле поделени гас-маски, како заштита од солзавец.
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance
Солзавец врз Конгресот
На силите на безбедноста не им остана ништо друго освен да ја растурат разулавената толпа, употребувајќи солзавец.
Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images
Засилувањето го оконча хаосот во Капитол
Полициските сили добија засилување, Националната гарда поита во помош, а градоначалничката на Вашингтон воведе полициски час до раните утрински часови. Така во Вашингтон ноќта полека се врати мирот.
Фотографија: Spencer Platt/Getty Images
12 фотографии1 | 12
Дискусијата околу Истражната комисија засилено паѓа под сенка на претстојната изборна трка за претседател во 2024 година. Поаѓајќи од слабиот резултат на Републиканската партија на меѓуизборите во ноември годинава, одделни Републиканци повикуваат настаните од 2020 година да се остават во минатото.
Доналд Трамп пак е соочен со повеќе обвинувања, поради што е нејасно дали тие ќе ја намалат неговата шанса за повторна кандидатура, иако сеуште ужива силна поддршка кај партиската база на Републиканците.
Препораката на Истражната комисија до Министерството за правда да поднесе кривична пријава против Трамп не е обврзувачка. Јавниот обвинител Мерик Гарланд назначи специјален обвинител, Џек Смит, кој треба да ги испита наводните напори за попречување на транзицијата на власта по изборите во 2020 година, а Одделот за правда одби да даде коментар.