1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиЈамајка

Ураган: Стравувања од катастрофални последици во Јамајка

СН/агенции
28 октомври 2025

Силен ветер, прекини на струјата и задолжителни евакуации: Јамајка се подготвува за Мелиса. Ова би можел да биде најсилниот ураган некогаш регистриран во земјата.

Палми свиткани во налет на ветер
Силни ветришта веќе дуваат на Јамајка пред налетот на ураганот Мелиса.Фотографија: Octavio Jones/REUTERS

Со оглед на надоаѓачкиот ураган Мелиса, премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, предупреди на големи уништувања во неговата земја. Ураганот веројатно најсилно ќе го погоди „западниот дел на Јамајка“, изјави Холнес во понеделникот во интервју за Си-Ен-Ен. „Не мислам дека има каква било инфраструктура во овој регион што може да издржи ураган од категорија 5“. Во Јамајка во понеделникот (27 октомври, 2025) беа пријавени три жртви. Уште три лица загинаа на Хаити, а најмалку една жртва има во Доминиканската Република.

Холнес предупреди дека може да дојде до „значајни“ нарушувања поради ураганот. Властите ги повикаа луѓето да се преместат на повисоки места и во засолништа. Се очекува циклонот да стигне до Јамајка рано наутро во вторник (по локално време). Во понеделникот, во Јамајка веќе имаше силни налети на ветер и обилни дождови.

Мелиса се движи многу бавно и затоа може долго да се задржи над копното и да предизвика значително поголема штета отколку другите ураганиФотографија: NOAA/NESDIS/STAR/ZUMA/picture alliance

Според американскиот Центар за урагани (НХЦ), бурата во понеделникот вечерта сè уште била оддалечена околу 240 километри од главниот град на Јамајка, Кингстон. НХЦ претходно предупреди на „катастрофални поплави“ во карипската држава и ги повика жителите да се засолнат. 

Мелиса се движи многу бавно и затоа може долго да се задржи над копното и да предизвика значително поголема штета отколку другите урагани. Во внатрешноста на бурата се измерени брзини на ветерот до 280 километри на час. Веројатни се катастрофални поројни поплави и бројни одрони на земјиште. Може да има уништување во размeри слични на оние при ураганите Марија во 2017 година или Катрина во 2005 година.

На јужниот брег на земјата се очекуваа плимни бранови до четири метри, а во некои крајбрежни делови беа наредени задолжителни евакуации. Аеродромот во главниот град Кингстон, како и пристаништата на островската држава, беа затворени. 

Испразнет аеродромот во Кингстон спроти налетот на ураганот МелисаФотографија: Matias Delacroix/AP Photo/picture alliance

На Хаити и во Доминиканската Република, Мелиса веќе однесе неколку животи. Во Доминиканската Република, 79-годишен маж беше пронајден мртов откако бил однесен од водена маса, соопштија властите. Исто така, се трагаше по 13-годишно момче. Властите на Хаити соопштија дека тројца луѓе загинале за време на викендот поради ураганот.

Во понеделникот, и во Јамајка беа пријавени три жртви: Според властите, луѓето загинале уште за време на подготовките за бурата, додека работеле на скали и сечеле гранки од дрва.

Мелиса е веќе 13-та именувана тропска бура во сезоната на урагани на Атлантикот, која трае од почетокот на јуни до крајот на ноември. Се очекува ураганот, по налетот во Јамајка да продолжи да се движи кон источниот дел на Куба. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми