Ураганот „Ијан“ со голема жестина ја погоди Флорида
29 септември 2022Ураганот „Ијан“, проследен со силни ветрови, обилен дожд и поплави, го погоди западниот брег на американската сојузна држава Флорида. Со брзина на ветрот од 240 километри на час, „Ијан“ вчера попладне по локално време, за малку не ја достигна највисоката категорија на урагани. На патот кон внатрешноста на земјата, бурата почна да губи на сила, ветрот се намали на 150 километри на час, со што метеоролозите го категоризираа како невреме од прва категорија на скалата до пет.
Последици од ураганот „Ијан“ се прекини на снабдувањето со електрична енергија и поплави. Во градот Форт Мајерс цели квартови се под вода, во повеќе од два милиони домаќинства нема струја.
И во градот Нејплс снимките прикажуваат целосно поплавени улици и автомобили носени од масите надојдена вода.
Националниот центар за урагани и натаму предупредува од поплави, јаки ветрови и дожд.
По Флорида, за „Ијан“ се подготвуваат американските сојузни држави, меѓу кои Џорџија и Јужна Каролина.
Ураганот „Ијан“, пред да стигне до Флорида, во вторникот предизвика огрони пустошења на Куба, во извесен период целата карипска островска држава остана без електрична енергија, а загинаа најмалку две лица.