„Милтон“ остави пустош зад себе, се шират дезинформации
11 октомври 2024Откако ураганот „Милтон“ помина преку американската сојузна држава Флорида, започнаа акциите за спасување и работите за расчистување. Официјално, има најмалку 16 загинати во врска со големото невреме во Флорида.
„Милтон“ доцна во средата вечерта по локално време го погоди копното на околу 100 километри јужно од Тампа; како ураган од трета категорија со брзина на ветрот до 193 километри. Ноќта ураганот ослабе и се повлече кон морето како бура. Потврдени се најмалку 27 торнада поврзани со „Милтон“.
Гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис изјави дека „Милтон“ предизвика огромни штети, но најлошите сценарија изостанаа. Евакуацијата спаси бројни животи, истакна портпаролот на Министерството за одбрана, Пет Рајдер.
Но, американската влада е загрижена поради лажните вести и заканите. Само неколку дена пред „Милтон“, преку југоистокот на САД помина ураганот „Хелен“ и остави катастрофални разорувања во неколку сојузни американски држави. Според извештаите, од последици на невремето „Хелен“ животот го загубиле повеќе од 200 луѓе. Бурите се случија во најжешката фаза на изборната кампања во САД, по помалку од еден месец, на 5 ноември ќе бидат одржани претседателски избори. Американската потпретседателка Камала Харис сака да го спречи враќањето на републиканецот Доналд Трамп во Белата куќа, трката е целосно неизвесна.
Во таква ситуација се шират лажни вести, на пример дека луѓето од администрацијата кои треба да им помагаат на луѓето, сакаат да им ја одземат земјата. Поради тоа многу граѓани се двоумат да побараат помош. За проблемот се јави за збор и американскиот претседател Џо Бајден, кој предупреди дека луѓето од спасувачките тимови го ризикуваат својот живот за да им помогнат на другите и се изложени на смртни закани. Тоа е резултат на „безобѕирни, неодговорни лажни тврдења и отворени лаги“ кои и натаму се шират, истакна Бајден. Тој и Камала Харис со денови предупредуваат од ширење дезинформации и за тоа го обвинуваат Трамп. По ураганот, Трамп вети „помош како никогаш досега“ доколку тој дојде на власт. Во вуидео објавено на платформата Х, Трамп изјави: „Да се надеваме дека на 20 јануари на функција ќе дојде некој кој навистина ќе помогне.“ На изборен митинг во Детроит Доналд Трамп изјави по ураганите „Милтон“ и „Хелен“ дека републиканските гувернери во Флорида, Џорџија и Северна Каролина „извршиле фантастична работа“, додека владата на Џо Бајден и Камала Харис не го направила тоа.