Урбанистички планови се протнуваат на „мала врата“
18 јули 2023Во ек на летните одмори, во скопските општини се крчкаат измени во Деталните урбанистички планови кои внесоа немир и стравување кај граѓаните. Најавите дека државно земјиште ќе им се дава на приватни инвеститори за станбени и комерцијални објекти, посегнувањето по секое парче зелен простор на сметка на урбанизацијата, „задушувањето“ на градот со нови бетонски зданија кои никнуваат на секој чекор, го разбудија незадоволството кај активистите, кои се обидуваат на секој начин да го спречат самоволието на општинските власти. Интензивна борба против урбанизацијата изминатиов период се води и во Лисиче и во населбата Влае, каде граѓаните алармираат на штетни последици од носењето на новите планови за градба. Ваквите решенија, коишто се носат во период кога градот е испразнет поради одморите, дополнително ги подгреваат стравувањата.
Барање да се поништи штетен плански документ
За 32. седница на Советот на Град Скопје која треба да се одржи на 20 јули активистите ќе се обидат да ја поништат одлуката за донесување на регулацискиот план за Влае 2.
„Во изминатата година успеавме во Карпош да ги обединиме советниците во борбата против Деталните урбанистички планови направени за урбаната мафија. Сега истото се обидуваме да го направиме и во Советот на Град Скопје. Во последните месеци имавме средби со советниците од скоро сите советнички групи во Советот на Скопје. Им ги објаснивме штетите кои произлегуваат од предлог ДУП-от за Влае 2, за кој градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, се вади дека е проектиран бидејќи е обврзан од регулацискиот план донесен од Град Скопје во 2021 година, најавија од иницијативата „Борба за Влае“.
Поддршка добија и од Зелен хуман град (ЗХГ), кој потврди дека поднеле предлог-одлука за поништување на спорниот Регулациски план за СЗ 19. „На барање на Борба за Влае предлагаме да се поништи овој штетен плански документ за да се спречи понатамошно зголемување на ризикот по здравјето и безбедноста, пред сѐ, на децата од ОУ „Димо Хаџи Димов“, но и на сите скопјани кои гравитираат на тој потег. Очекуваме поддршка од сите советнички групи за заедно да го заштитиме јавниот интерес“, велат од ЗХГ.
Обид за бетонизација на зеленилото
Активистите велат дека со поништувањето на Регулацискиот план се прави обид да се спречи бетонизацијата на зеленило и да се исцртаат објекти од комерцијален и станбен карактер на државно земјиште кое пополека се приватизира. Тие веруваат дека и во другите општини и Градот може да се создаде атмосфера на согласност против „ДУП-ови кои се кројат за урбаната мафија“, се додека постои јавен притисок.
Ова е само еден од ДУП-овите објавен од Општина Карпош сред јулските одмори, во екот на топлотниот бран. Граѓаните стравуваат и дека дел од Тафталиџе во кој во моментов има многу дрвја ќе стане блок од огромни згради и мртов плочник, незадоволни се од распродажбата на државно земјиште кај Кино Влае, од габаритот на зградите кои никнуваат, а ја нагрдуваат општината и го влошуваат животот на сите жители.
Жителите на Козле, пак, се борат против изградбата на огромни станбени згради на сметка на зеленилото и детските игралишта.
Битка за Лисиче
Жителите на Лисиче веќе неколку месеци се обидуваат да ги оспорат плановите на Општина Аеродром за изградба на 11 висококатници по должина на булеварот „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“. Во најава е трет план за ДУП за Лисиче, за што граѓаните изминатиов период имаат шанса да ги достават своите забелешки и предлози. Од иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ се децидни дека нема простор за нови згради.
„Ние, жителите, јасно и гласно побаравме зачувување на постојната урбанистичка состојба во населбата. Новиот предлог апсолутно не го решава проблемот, туку е обид за замачкување на очи и ја отвара Пандорината кутија за нови згради и бетонизацијата на населбата“, вели за „Независен“, Тодор Кацаров, жител на населбата и активист, кој ги алармира жителите да реагираат против усвојување на ваквиот план за Лисиче.
Мала врата - големи проблеми
Драгана Велковска, советничка во Советот на Град Скопје од Зелен хуман град за ДВ вели дека новите ДУП-ови во принцип го почитуваат Генералниот урбанистички план (ГУП) и за тоа добиваат позитивно мислење од Комисијата за урбанизам на Град Скопје. Се почитуваат трасите на сообраќајниците, се почитуваат намените кои ги задал ГУП-от. Но, во самиот ГУП е „исцртана една мала врата“ низ која урбанистичката мафија може да се протне за да направи огромни и непоправливи штети“.
„Односно, иако во ГУП-от се пропишани точни параметри за секоја четврт – број на жители, густина на население, инфраструктурни потреби и слично; со воведувањето на апсурдниот член 37 во планските одредби на актуелниот ГУП е допуштено утврдените параметри да не важат во т.н. линиски центри. Овој наменски подметнат член е очигледен упад во ГУП-от и требаше да биде суспендиран од важност, зашто благодарение на овој член ги имаме Настел, кулите кои се спремаат кај Кино Влае, кулите во зеленилото во Лисиче (планот за кој скоро имаше реакции од граѓани), и слично.
Сива зона
Друг проблем се измените и дополнувањата на старите ДУП-ови кои не само што се работени по стариот ГУП од 2002 година, туку се донесени по донесувањето на ГУП на Град Скопје 2012-2022 година.
„Тоа се примери каде што оваа 'сива зона' меѓу два последователни ГУП-а свесно се злоупотребувала. Таков случај е парцелата кај Холидеј ин. Градот Скопје иако бил целосно во тек со постапката за усвојувањето на новиот ГУП, сепак дал позитивно мислење за измена и дополнување на ДУП за Холидеј ин работен според претходен ГУП. Да биде трагедијата уште поголема – измените на стариот ДУП во Општина Центар се усвоени 17 дена откако Градот Скопје го усвоил новиот ГУП на Скопје“, објаснува Велковска.
Зелен хуман град поднесуваше претставки до Инспекцискиот совет и државни инспекторати за градежништво и локална самоуправа за овој спорен план. Отворен е случај во Јавното обвинителство, но епилог се уште нема.
Како јавните документи станаа „тајни“
Деталните урбанистички планови според чл. 2 став (1) алинеја 53 од Законот за урбанистичко планирање се јавни документи кои локалните самоуправи мора да ги имаат објавено на својата веб-страница во согласност со член 52 став (4) од Законот за урбанистичко планирање.
Според Велковска, еден од најголемите проблеми кога е во прашање проверката на хиерархиската неусогласеност на планските документи е токму нивната противзаконска недостапност на веб-страниците на локалните самоуправи.
„Како пример ќе ја наведам Општина Чаир која нема објавено ниту еден детален урбанистички план на својата веб-страница, иако ЗХГ им предочи дека тоа е незаконски уште во декември 2022 година. Има и такви општини што објавуваат ДУП-ови длабоко закопани на нивните веб-страници, непристапни за скоро сите посетители кои не знаат каде конкретно да бараат“, укажува таа.