Фон дер Лајен и Мицкоски најавија деблокада со Бугарија
2 октомври 2026
Претседателката на Европската комисија,Урсула фон дер Лајен и премиерот Христијан Мицкоски на заедничка прес-конференција во Владата најавија нова иницијатива за деблокада на разговорите меѓу Скопје и Софија, со цел напредок во евроинтегративниот процес на Северна Македонија.
Мицкоски изјави дека, по совет од Фон дер Лајен, следната недела ќе биде побарана билатерална средба со бугарската страна.
„Од претседателката добив совет дека следната недела нашиот министер за надворешни работи (Тимчо Муцунски) ќе биде во Софија и да побараме веднаш средба на билатерална основа. Побарав од министерот да испрати дипломатска нота и да побара средба, за да почнеме процесот од некаде да го движиме“, рече Мицкоски.
Фон дер Лајен потврди дека е договорен обид за отворање нов чекор во процесот.
„Се договоривме да направиме нов чекор и да се обидеме да го деблокираме процесот идната недела. Кога ќе ја деблокираме ситуацијата, можеме да бидеме многу брзи со Северна Македонија. Импресивно е она што е направено досега со реформите“, изјави таа.
Фон дер Лајен: Северна Македонија припаѓа во Европската Унија
Претседателката на Европската комисија порача дека С. Македонија повторно покажала способност да носи храбри одлуки за својата иднина и потсети на значењето на Преспанскиот договор.
„Преспанскиот договор беше момент на политичка храброст. Тој ја отвори вратата кон членството во НАТО и денес Северна Македонија е ценет сојузник. Слично и во Европската Унија ја градиме нашата безбедност заедно“, рече Фон дер Лајен.
Таа нагласи дека земјата е препознаена како сигурен партнер на Европската Унија.
„Ова е Северна Македонија која ја знаеме, земја која стои на зборот и која припаѓа на масата во Европската Унија. Мојата порака е јасна: вие ни припаѓате нам“, порача претседателката на ЕК.
Фон дер Лајен потсети дека пристапните преговори започнаа во 2022 година и дека скрининг-процесот бил завршен за помалку од една година. „Сега има уште еден клучен чекор што треба да се направи за да се отвори првиот кластер – Основи. Знам колку е ова чувствително, но сакам да бидам јасна. Ние ќе ѝ посакаме добредојде на Северна Македонија со нејзиниот идентитет и јазик. Веруваме дека македонската култура и македонскиот јазик можат да ја направат нашата Унија побогата“, рече таа.
Таа се осврна и на резултатите од Планот за раст, оценувајќи дека земјата постигнала значителен напредок.
„Веќе добивте 140 милиони евра, а ќе следуваат и дополнителни исплати во претстојните недели. Напредокот е навистина импресивен. Се приклучивте кон СЕПА, а разговараме и за намалување на надоместоците за роаминг“, изјави Фон дер Лајен.
Според неа, приклучувањето кон новиот центар „Везилка“ за вештачка интелигенција претставува пример за постепената интеграција на земјата во европските политики и пазари.
Мицкоски бара вклучување на ЕУ во разговорите со Бугарија
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека на средбата со Фон дер Лајен побарал Европската Унија да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во односите со Бугарија.
„Не бараме од Унијата да зазема страна. Бараме да помогне во создавање услови за одржливо европско решение во кое договореното ќе биде јасно, обврските ќе важат за сите, а процесот на пристапување нема повторно да биде отворен за нови билатерални условувања“, рече Мицкоски.
Тој нагласи дека целта не е одложување на процесот, туку создавање услови за негово стабилно и одржливо продолжување.
Премиерот ја повтори стратешката определба на С. Македонија за членство во Европската Унија и посочи дека земјата продолжува со реформите во владеењето на правото, јавната администрација, деловната клима, дигитализацијата и образованието.
Тој додаде дека е особено важно граѓаните да ги почувствуваат придобивките од европската интеграција уште пред формалното членство, преку поголем пристап до единствениот европски пазар, нови економски можности, подобра инфраструктурна поврзаност и повеќе можности за младите.
„Нашата амбиција е јасна: додека разговараме за членството, дома да изградиме држава која според своите институции, стандарди и економски можности веќе функционира како европска држава“, истакна Мицкоски.
Посетата на Северна Македонија е дел од турнејата на Урсула фон дер Лајен низ Западен Балкан. Во рамки на турнејата, таа ги посети Албанија, Црна Гора и Косово.
Фон дер Лајен ќе има средба и со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Вила Водно. На средбата ќе се разговара за европската перспектива на земјата и регионот, како и за процесот на пристапување кон Европската Унија.
Следната недела Европската комисија има намера да претстави нов пакет поттикнувачки мерки за земјите кандидати, со цел да се забрзаат реформите поврзани со европската интеграција. Во фокусот на мерките ќе бидат борбата против корупцијата и организираниот криминал на Балканот.