1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фон дер Лајен: Проширувањето на ЕУ останува приоритет

ДТЗ
24 октомври 2024

Премиерот Христијан Мицкоски ја повика Европската Унија да помогне во изнаоѓање начини како Северна Македонија да го продолжи патот кон ЕУ. „Заедно можеме да ги надминеме сите пречки“, вели тој

Урсула фон дер Лајен во Скопје
Урсула фон дер Лајен во Скопје: Политичките сили да се здружат и да поминат уставните измени Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Северна Македонија и Европската Унија имаат иста визија и желба - што поскоро земјата да стане дел од европското семејство, ваква порака испратија на прес-конференција во Скопје, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и премиерот Христијан Мицкоски. 

Фон дер Лајен при кратката посета на Скопје, во рамките на неколкудневната турнеја во регионот, рече дека патот кон ЕУ води преку усвојување на уставните измени на коишто се обврза земјата. Премиерот Христијан Мицкоски е дециден дека зачленувањето во ЕУ останува врвен стратешки приоритет на Владата, но бара решение коешто ќе биде во интерес на граѓаните кои ќе живеат во подобро општество каде ќе владее правото и ќе се почитуваат европските вредности, но без да бидат понижени и поразени. 

„Ако направиме една добра синергија, мислам дека ќе дојдеме до конечната цел, а таа е што поскоро да бидеме дел од европското семејство“, порача Мицкоски на заедничката прес-конференција. 

Христијан Мицкоски ја повика ЕУ да помогне во изнаоѓање начини како Северна Македонија да го продолжи патот кон ЕУ Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Повик до ЕУ 

Тој ја повика Европската Унија да помогне во изнаоѓање начини како Северна Македонија да го продолжи патот кон ЕУ. 

„Во услови на променета геополитичка состојба во светот, остануваме партнер на Унијата, но очекуваме од неа да помогне во изнаоѓање начини како да го продолжиме патот кон ЕУ, но и гаранции дека во иднина нема да се соочуваме со барања кои се спротивни на вредностите на кои се базира ЕУ. Учекуваме Унијата да ни даде поддршка во овој процес, веруваме во принципот на фер пристап. Очекуваме нашите напори да бидат реално вреднувани“, рече Мицкоски и додаде: „Убедени сме дека заедно можеме да ги надминеме сите пречки и да изградиме подобра иднина за нашите граѓани“. 

Проширувањето приоритет во наредните пет години

„Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане приоритет во наредните пет години. Ги имаме сите алатки за да го овозможиме тоа“, порача Фон дер Лајен. 

Според неа, Северна Македонија постигна многу и покажа одлучност во секој чекор за европската интеграција. „Сега работата мора да продолжи. Сто проценти сте усогласени со нашата наворешна политика и голема благодарност за подрршката којашто ја давате за Украина. Имаме јасна цел - тоа е да се отвори кластерот „Фундаментални вредности“ што поскоро. Речиси сме таму, треба да поминат уставните измени, за што очекуваме политичките сили да се здружат во земјата и ќе ги преземат потребните одлучни чекори за напредок и уверена сум дека можеме да ги надминеме пречките кои што се уште постојат“, вели Фон дер Лајен. 

„Драг Христијан, бидете сигурен дека проширувањето ќе остане приоритет во наредните пет години. Ги имаме сите алатки за да го овозможиме тоа“, порача Фон дер Лајен. Фотографија: Petr Stojanovski/DW

План за уставни измени со одложено дејство 

Во однос на идејата за којашто се залага премиерот Христијан Мицкоски за изнаоѓање ново решение за одблокирање на евроинтеграциите и за уставни измени со одложено дејство, Урсула фон дер Лајен одговарајќи на новинарско прашање одбегна да каже дали ја поддржува идејата за одложено дејство на уставните измени:

„Ние ќе помогнеме да се спроведе обврската што Северна Македонија ја презеде во секој дел од патот. Имаме јасна цел, работам колку што можам за да ги отвориме преговорите за кластерот и уставните измени треба да се разработат. Сакам да ве уверам дека ќе бидеме со вас на секој дел од патот за да стигнеме до заедничката цел. Важно е да не се вртиме наназад, туку да гледаме нанапред. Може да сметате на нас. Сакаме да го пишуваме следното поглавје од нашата заедничка иднина заедно“. 

Во фокусот на разговорите во Скопје се најде и Планот за раст кој токму пред една година го претстави Фон дел Лајен на прес-конференција со поранешниот премиер Димитар Ковачевски. „Целта на Планот за раст е да ги интегирираме нашите економии и да ја отвораме вратата на единствениот европски пазар за компании од Севeрна Македонија“, вели Фон дер Лајен. 

Вложувањето во обновливи извори на енергија, како и проектите од Коридорите 8 и 10, таа ги посочи како особено важни кои ќе ја претворат Северна Македонија во клучен транспортен центар и тоа ќе донесе сериозни придобивки за земјата.  

„Младите луѓе во Северна Македонија и младите во ЕУ, никогаш нема да ни простат ако не одговориме на овој предизвик. Затоа треба да направиме РСМ да биде дел од Унијата“, порача претседателката на ЕК пред завршувањето на посетата на Скопје. 

Претседателката на ЕК турнејата ја започна во средата (23.10) со посета на Тирана, непосредно откако Европската комисија и официјално ја одобри реформската агенда на Северна Македонија и на уште четири земји од Западен Балкан. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми