1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Усје“ под лупа: Jавна расправа за еколошките стандарди

13 март 2026

„Усје“ влегува во процес на јавна расправа за новата еколошка дозвола, додека активистите бараат построги стандарди и поголема транспарентност.

Цементарница Усје, 5.2.2020
„Усје“ влегува во процес на јавна расправа за новата еколошка дозволаФотографија: Petr Stojanovski

Не стивнуваат реакциите околу дозволата за цементарницата Усје и влијанието врз загадувањето во главниот град - Скопје. Пред истекот на рокот – 12 март, Титан Усје поднесе барање за нова А‑интегрирана еколошка дозвола, по што Министерството за животна средина и просторно планирање најави јавна расправа за документот кој треба да биде издаден за наредните седум години.

Со дозволата се утврдува каква технологија и филтри мора да користи Усје, до кои граници смее да загадува, кои параметри мора да ги мери, колку често и дали има обврска јавно да ги објавува резултатите.

„Ова директно влијае на воздухот што го дишеме“, велат еко‑активистите, кои со герила‑акции им порачаа на институциите дека внимателно ќе го следат целиот процес.

Од министерството информираат дека на јавната расправа ќе бидат поканети сите засегнати страни: граѓански организации, иницијативи и стручната јавност.

„Сметаме дека суштински придонес се постигнува преку отворен и аргументиран дијалог. Граѓанскиот сектор е важен партнер во напорите за заштита на животната средина. Преку транспарентни процеси може да се изгради доверба во институциите и да се најдат одржливи решенија во интерес на граѓаните“, велат од Министерството.

Министерот за животна средина, Муамет Хоџа, изјави дека го поддржува секој мирен протест како демократско право, додавајќи дека институцијата ќе продолжи да работи транспарентно.

Протести против загадувањето од Усје

01:12

This browser does not support the video element.

Граѓанските организации со заедничка декларација

Во меѓувреме, 18 организации од граѓанскиот сектор се обединија и усвоија заедничка декларација за координиран настап.

„Заедно ќе учествуваме во процесот на измена на А‑интегрираната дозвола за ТИТАН Усје, со активно учество на јавната расправа и доставување писмени забелешки“, соопштија тие.

Со декларацијата бараат целосна транспарентност и поставување построги еколошки стандарди.

Активистите порачаа: „Нашата цел е јасна – новата дозвола за ТИТАН Усје да ги вклучи забелешките кои ќе обезбедат подобра заштита на животната средина и јавното здравје. Ќе бидеме сè погласни, бидејќи воздухот не е предмет на преговарање“.

„Стоп за Усје“: Досегашната дозвола е „дозвола за труење“

Титан Усје поднесе барање за обнова на А‑интегрираната дозвола на претпоследниот ден од законскиот рок. Од иницијативата „Стоп за Усје“ велат дека дозволата од 2020 година била „дозвола за труење“, бидејќи на фабриката ѝ овозможила да загадува повеќе отколку цементарници на Титан во други европски земји.

„Бараме само едно: новата дозвола да биде усогласена со европските стандарди и препораките на World Health Organization. Ако институциите повторно замижат – протестите ќе се радикализираат“, предупредија активистите.

Иницијативата веќе организираше повеќе протести, вклучително и неколкучасовна блокада на влезот во фабриката на 27 февруари. Тие повторно ги повикаа граѓаните и стручната јавност активно да се вклучат во јавната расправа.

Претходно, советниците на „Зелен хуман град“ побараа фабриката да се премести надвор од урбаната зона, а Советот на Скопје го усвои барањето. 

Усје: Работиме според најдобрите достапни практики

Од компанијата потврдија дека ја поднеле апликацијата за продолжување на еколошката дозвола и истакнаа дека работат согласно законската рамка.

„Грижата за животната средина е основна вредност за ТИТАН Усје. Свесни сме дека заштитата на животната средина и квалитетот на воздухот предизвикуваат загриженост кај граѓаните. Како транспарентна компанија, применуваме најдобри достапни индустриски практики, како и компаниите од Европската Унија“, се вели во соопштението.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми