1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоСоединети Американски Држави

Врховниот суд го одложи прашањето за имунитетот на Трамп

ЖА /АРД
23 декември 2023

Дали американскиот екс-претседател Трамп може кривично да одговара за своите постапки на функцијата? Специјалниот обвинител Смит се надеваше дека Врховниот суд брзо ќе го разјасни ова прашање, но се покажа – напразно.

Бившиот американски претседател Доналд Трамп со сопругата Меланија
Бившиот американски претседател Доналд Трамп со сопругата МеланијаФотографија: Joe Raedle/AFP/Getty Images

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп игра на време во обвинението против него за обид за изборна измама - и сега постигна тактички успех. Врховниот суд на САД објави дека засега нема да се занимава со прашањето за имунитетот на Трамп. Тоа значи дека датумот за судскиот процес за изборна измама против Трамп во американската престолнина Вашингтон, планиран за почетокот на март, повеќе нема да биде можен. Одлуката е голем удар за специјалниот обвинител Џек Смит, кој  го обвини Трамп за неговите обиди да ги поништи резултатите  од претседателските избори во 2020 година.

Трамп тврди дека има имунитет

Во меѓувреме, се појави нов аудио материјал кој наводно покажува како Трамп извршил притисок врз избирачките помошници по изборите. Специјалниот обвинител Смит побара од Врховниот суд брзо да разјасни дали Трамп може да биде кривично гонет на федерално ниво за неговото однесување по изборите пред три години - или дали тој е заштитен со неговиот имунитет како претседател. Поддржувачите на Трамп   упаднаа на 6 јануари 2021 година  во Претставничкиот дом во Вашингтон. Конгресот таму одржуваше седница за формално да ја потврди победата на демократот Џо Бајден на претседателските избори. Но Трамп претходно ги поттикна своите поддржувачи за време на говор, а како последица на немирите загинаа пет лица.

Целта на специјалниот обвинител беше да го заобиколи  Апелациониот суд

Адвокатите на Трамп тврдат дека републиканецот не може правно да биде  кривично гонет  за дејствија кои биле дел од неговите должности како претседател. Меѓутоа, одговорниот судија во постапката го одби соодветното барање. Тимот на Трамп ја обжали оваа одлука - што значи дека сега на потег е Апелациониот суд. Но, специјалниот обвинител Смит избра необичен пат: тој сакаше да го заобиколи Апелациониот суд и се обрати директно до Врховниот суд со барање за брзо решавање на прашањето со аргументација: „Овој случај се однесува на прашања од исклучително национално значење."

Но, Врховниот суд го одби неговото барање без наведување на причини. Тоа значи дека жалбата треба да оди по редовен пат низ судовите, што може да потрае долго време. Апелационото рочиште е закажано за 9 јануари.

Трамп игра на време

Може да се претпостави дека случајот ќе заврши повторно во Врховниот суд по одлуката на Апелација. Тоа би било првпат Врховниот суд на САД да се осврне на прашањето дали поранешните претседатели уживаат имунитет од кривично гонење на федерално ниво. Според ова, судење против Трамп во Вашингтон на почетокот на март е малку веројатно, бидејќи треба да се чека на одлуката на највисокиот суд.

Трамп, кој сè уште се соочува со дополнителни  кривични пријави,  сака повторно како кандидат на републиканците да се всели во Белата куќа. 77-годишникот убедливо води во внатрепартиските анкети - прелиминарните избори за кандидатурата почнуваат за неколку недели. Досега сè укажува на  ново издание на изборната кампања меѓу Трамп и актуелниот претседател Џо Бајден.  Трамп се надева дека ќе ги одложи судските процеси против него до по изборите.  Доколку победи,  би можел да побара од својот јавен обвинител да ја прекине федералната истрага против него.

Новиот аудио материјал дополнително ќе го оптовари Трамп

Во меѓувреме, во САД бура предизвика извештај на весникот „Детроит њуз“ за аудио снимка на Трамп од ноември 2020 година, за која медиумот тврди дека ја поседува. Во неа, се вели дека Трамп извршил притисок врз двајца избирачки службеници да не ги потврдат изборните резултати за важен округ во американската сојузна држава Мичиген. Според американските медиуми, портпаролот на Трамп, Стивен Чеунг, како одговор на извештајот изјавил дека „од страна на претседателот Трамп биле преземени сите мерки во исполнување на неговата должност како претседател на САД, верно да ги почитува законите и да го обезбеди интегритетот на изборите."

Наводниот повик на Трамп влегува во неговата тогашна шема да врши притисок врз државни службеници, избирачки помошници и политичари да не се признае изборниот резултат на претседателските избори. Доналд Трамп во 2020 година ги загуби изборите од Џо Бајден, но до ден денес не го признава својот пораз и шири лаги дека изборите се „украдени“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми