1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Уставен суд пресече: независните со два потписи на избори

17 септември 2025

Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски информираше дека не е поведена постапка за Правилникот на ДИК кој го олеснува учеството на независните кандидати на локалните избори во Македонија.

Човек става ливче во гласачка кутија
Уставниот суд пресече: независните со два потписи можат да одат на избориФотографија: DW/P. Stojanovski

Уставниот суд не поведе постапка за Правилникот на ДИК кој го олеснува учеството на граѓанските инцијативи на локалните избори во Македонија. Со тоа, останува на сила одлуката со која само два граѓански потписи ќе бидат потребни за да може независните кандидати за советници и градоначалници да учествуваат на локалните избори во октомври.

Правилникот на ДИК беше донесен на 17 август, поради правната празнина што настана откако Уставниот суд во мај укина две одредби од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, кои го одредуваа бројот на потписи што треба да се соберат (и за парламентарни, и за локални избори) кога подносители на листа на кандидати се група избирачи, односно граѓански инцијативи.

Членот 18 кој беше укинат од Уставниот суд предвидуваше „кога подносител на листа на кандидати за членови на Совет, односно листа на кандидат за градоначалник е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 1% потписи од запишаните избирачи во изводот од Избирачкиот список за општината, односно  Градот Скопје“.

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, смета дека право и должност е на законодавецот да ги пополнува законските празнини.Фотографија: Petr Stojanovski 

Оспорување на Правилникот

Но, Здружението „Светски македонски конгрес” од Скопје застапувано од претседателот Тодор Петров и Стевче Стојанов до Уставниот суд понесоа иницијатива со која се оценува дека со донесување на Правилникот е напрaвена повреда на Изборниот законик и член 8 став 1 алинеја 3 и 5, членовите 22, 23, 51, 54, 61 и 68 став 1 алинеја 2 од Уставот. Подносителот тврди дека иако изборните рокови се во тек, ДИК постапила надвор од своите овластувања и со подзаконски акт пропишала услови за остварување на избирачко право на граѓаните да учествуваат во вршење на јавни функции.

Законските празнини треба да се пополнат

Претседателот на Уставен суд, Дарко Костадиновски, смета дека право и должност е на законодавецот да ги пополнува законските празнини.

„Пополнувањето на правни празнини е многу важна тема и во уставното и во регуларното судство и воопшто во правото. Кога во околности се укинати некои одредби или поништени одредби, тогаш право и должност на законодавецот е да ги полни тие правни празнини“, вели првиот човек на Уставниот суд.

Со оглед на тоа што одлуката е многу важна, Костадиновски вели дека таа ќе биде мериторна (полноважна).

„Со тоа Уставниот суд кажува дека кога во услови кога законодавецот не е уставно дисциплиниран, тоа е негова желба или определба, тогаш уставните празнини ќе се пополнуваат и ова е еден од начините на пополнување. Дали има основа ДИК? Има, и тоа како има“, смета Костадиновски. 

Независните коишто собираат потписи за формирање на партии, со цел да овозможат учество на изборите, пред седницата на Уставниот суд изразија загриженост дека се прави обид да се оспори легитимитетот на одлуката со два потписи да се оди на избори.

„Зелен хуман град продолжува да се бори, и покрај лавината од опструкции што од буквално сите страни прават притисок на нашите активисти. Се надеваме дека Уставниот суд нема подлегне на партиските притисоци. А, ние сме спремни да го возвратиме ударот и целосно да ја оспориме легитимноста на изборите доколку вакво нешто пројде и пред или по изборите“, порачаа од Зелен хуман град.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми