1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиРусија

„Уште еден обид на Русија за крадење територии“

Тагесшау | ЕМФ
30 септември 2022

Планираната руска анексија на украински територии е на мета на големи критики во светот. САД зборуваат за „навреда на принципите на меѓународниот мир“, а генералниот секретар на ОН оцени дека гласањето е безвредно.

Блинкен: Лажните референдуми на Кремљ се бесмислен обид да се прикрие она што е уште еден обид за кражба на територии во Украина
Блинкен: Лажните референдуми на Кремљ се бесмислен обид да се прикрие она што е уште еден обид за кражба на територии во УкраинаФотографија: Raquel Cunha/REUTERS

САД остро ја осудија руската планирана анексија на украински територии. Вашингтон никогаш нема да признае таков чекор, изјави американскиот министер за надворешни работи Ентони Блинкен. „Лажните референдуми на Кремљ се бесмислен обид да се прикрие она што е уште еден обид за кражба на територии во Украина“, изјави Блинкен. Според шефот на американската дипломатија, гласањата во Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје не ја одразуваат волјата на народот и се само нелегитимен спектакл организиран од руски послушници со кршење на меѓународното право. Постапките на руските сојузници во Украина го кршат меѓународното право и се „навреда за принципите на меѓународниот мир и меѓународната безбедност“, рече Блинкен.

Министерот ја обвини Москва дека ги принудува украинските граѓани да гласаат под закана со оружје. Тој ја повтори посветеноста на американскиот претседател Џо Бајден дека САД ќе ја поддржуваат Украина онолку долго колку што е потребно. Со оглед на развојот на настаните, САД и нивните сојузници најавија нови санкции против Русија и дополнителна поддршка за Украина.

Блинкен ја обвини Москва дека ги принудува украинските граѓани да гласаат под закана со оружје (Мариупол, 23.09.2022)Фотографија: AP/picture alliance

„Спротивност на слободни и фер избори“

Владата во Киев ги опиша најновите чекори на Русија како срамен грабеж на територии. Претседателот Володимир Зеленски за денеска (30.09) свика итен состанок на украинскиот Национален совет за безбедност, а германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок ги оцени лажните референдуми како „спротивност на слободни и фер избори“. Русија се обидува да диктира мир, оцени Бербок и додаде дека луѓето биле „собрани од нивните домови и нивните работни места“ под закани, а понекогаш дури и под закана со оружје и принудени да го дадат својот глас и да го стават гласачкото ливче во стаклена гласачка кутија.

Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк денеска треба да гласа за Резолуција со која се осудуваат лажните референдуми, соопшти француското претседателство на највисокото тело на ОН. Резолуцијата, поднесена од САД и Албанија, нема шанси да биде усвоена, бидејќи Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН, може да стави вето. Сепак, текстот најверојатно подоцна ќе биде претставен пред Генералното собрание на ОН.

Германската министерка Бербок ги оцени лажните референдуми како „спротивност на слободни и фер избори“Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

Гутереш: Анексијата нема правна вредност

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди на опасност од ескалација во врска со планираната анексија на украинска територија од страна на Русија. Освен тоа, анексијата ја прекршува Повелбата на Обединетите нации и нема правна вредност. На таканаречените референдуми во четирите региони не може да се гледа како на вистински израз на волјата на народот. Тие се случија за време на вооружен конфликт во области под руска окупација и надвор од правната и уставната рамка на Украина, вели Гутереш и укажува на декларација на Генералното собрание на ОН од октомври 1970 година, во која се вели дека не се признава добивање територија кое е резултат на закана со сила или примена на сила.

Русија реагираше огорчено на изјавите на Гутереш. Гутереш нема право да дава политички изјави во име на Обединетите нации како целина, се вели од Москва.

Рускиот претседател Путин во текот на ноќта ја призна независноста на украинските региони Запорожје и ХерсонФотографија: Gavriil Grigorov/POOL/TASS/dpa/picture alliance

Путин потпишува декрети за независност

Рускиот претседател Владимир Путин во текот на ноќта ја призна независностана украинските региони Запорожје и Херсон. Ова произлегува од објавените претседателски декрети, во кои Путин наредува признавање на „државниот суверенитет и независност“ на двата региона во јужна Украина.

- повеќе: Монтираните „референдуми“ на Владимир Путин во Украина се знак на слабост

За денеска во Москва е закажана церемонија на која ќе бидат анектирани овие два региона, како и Луганск и Доњецк. Четирите украински региони формираат важен копнен коридор помеѓу Русија и Кримскиот Полуостров, анектиран од Москва во 2014 година. Заедно со Крим, тие сочинуваат околу 20 отсто од територијата на Украина. Москва веќе ја призна независноста на самопрогласените Народни републики Луганск и Доњецк неколку дена пред почетокот на воената офанзива на 24 февруари. Во вторникот (27.09) завршија лажните референдуми во четирите региони, кои од страна на украинската влада и западните земји се отфрлени како незаконски. Според тамошните проруски власти, на овие „референдуми“ големо мнозинство од населението се согласило за припојување кон Русија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми